10.8 C
Скопје
4 март, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Кампања врз кампања – од ЕУ одблизу до ЕУ поблиску

Ова е втора кампања за период од четири месеци. Новата е договорена пред заврши и да се даде отчет за ефектите од претходната.

 

„Европска иднина, поблиску од кога било“, е слоганот со кој почнува новата кампања на Владата, со цел јавноста да биде информирана за конкретните придобивки од евроинтеграцискиот процес и членството во ЕУ, и подобро да ги разбере реформите поврзани со приближувањето до европските вредности. Кампањата ќе се одвива преку панел дискусии, информативни видео спотови, видео анимации, билборди и дигитална содржина наменета за социјалните медиуми, а ќе биде фокусирана на пет области – економија, земјоделство, животна средина и ресурси, демократија и владеење на правото и млади.

„Владата досега има спроведено голем број на проекти во конкретните области кои директно се наменети за подобрување на животот на граѓаните. Поддршка на земјоделството преку ИПАРД програмите, вложувањата во одржлива и зелена енергија, можностите за младите да се стекнат со европски знаења и искуство преку програмите за мобилност. се само дел од придобивките од евроинтеграцискиот процес“, се наведува во владиното соопштение.

Во него се нагласува дека членството во ЕУ носи и развој на демократијата, подобра заштита на човековите права и слободи, јакнење на институциите, подобрени услуги за граѓаните, активно учество на младите и граѓанското општество во креирањето политики за подобра европска иднина, подобрувања во областа на владеење на правото, поголем фокус на обновливи извори на енергија и подобрување на стандардите и квалитетот на воздухот, водата и почвата.

Македонското и знамето на ЕУ се веат пред седиштето на македонската влада
Македонското и знамето на ЕУ се веат пред седиштето на македонската владаФотографија: DW/F. Schmitz

„Со членството во ЕУ, Северна Македонија ќе добие поголем пристап до ЕУ фондовите и пристап до европскиот пазар, што е од суштинска важност за домашната економија и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Анализите покажуваат дека средствата од европските фондови се за 11 пати поголеми за една земја членка од средствата достапни за земјите кандидати“, се наведува во соопштението од владината прeс-служба.

Нема отчет за ефектите

Новата кампања ќе трае 45 дена, а за нејзино спроведување Генералниот секретаријат на Владата во ноември преку јавна набавка склучи договор со Друштвото за филмска продукција „Вертиго-НМЕ ДОО“ за вкупен износ од 21,8 милиони денари (355.000 евра).

Ова е втора кампања на Владата за период од четири месеци. Претходната во износ од 80.000 евра, започна на 30-ти август годинава и ја организираше СЕП под слоганот „Ние сме Европа“.

И таа кампања ја имаше истата цел – да ги информира граѓаните за придобивките од членството во ЕУ. Се спроведе во осум градови во земјата – Скопје, Битола, Куманово, Охрид, Прилеп, Струмица, Тетово и Штип. Во секој град се говореше на една од тематските области – економија, култура, енергетика, туризам, земјоделие, млади, инфраструктура и социјална политика. Кампањата беше спроведена во време кога власта немаше обезбедено двотретинско мнозинство во Собранието за усвојување на уставните измени. Според критиките во јавноста, кампањата беше доживеана повеќе како партиско-коалициска, сведена на говорење најмногу пред свои членови и поддржувачи. Кога во ноември беше склучен договор за новата кампања, оваа сѐ уште не беше завршена. Последната, осма трибина од кампањата „Ние сме Европа“ се одржа во Куманово на 11-ти декември, што значи дека новата кампања е договорена пред да заврши и да се даде отчет за ефектите од претходната.

Со ЕУ-бус до ѕвездите

Северна Македонија има богато искуство со кампањи позврзани со важноста од членството во ЕУ. На први јуни 2019 година, тогашниот вицепремиер задолжен за европски прашања, Бујар Османи, на симболичен начин го означи почетокот на кампањата „Заедно кон ѕвездите”. Тој заедно со студенти победници на конкурсот за есеј „Со европско знаење до европската престолнина“, со брендиран автобус се упати кон ЕУ – Инфоцентарот во Скопје. Кампањата на Секретаријатот за европски прашања почна во период кога Северна Македонија очекуваше одлука за почеток на преговори.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи
Македонскиот министер за надворешни работи Бујар ОсманиФотографија: MFA Nord Mazedonien

На крајот од август 2018 година, еден месец пред референдумот за Договорот од Преспа, и Европската Унија се вклучи со кампања „Замисли иднина заедно“, со цел на македонските граѓани да им ги објасни придобивките од зачленувањето на земјата. Но и во годините претходно беа правени напори граѓаните да се запознаат со придобивките од членство во Унијата, а се внимаваше во кампањите да бидат опфатени што повеќе категории граѓани. Така, три години по ред (до 2014), Делегацијата на ЕУ во Скопје во мај спроведуваше двонеделна информативната кампања „ЕУ одблизу“, како дел од активностите за одбележување на 9 Мај – Денот на Европа. Нејзина цел беше да се воспостави директна комуникација со населението од руралните средини и да се понудат информации поврзани со Унијата. Со брендираниот ЕУ-бус редовно патуваа и амбасадори на земји-членки на Унијата, претставници на Владата и на Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Учиме за ЕУ

Не беа заборавени ниту младите. Во периодот од 2007 до 2010 година, СЕП и МОН и спроведоа кампања „Учиме за Европската унија“. Во тој период беа посетени вкупно околу 150 основни учулишта, педесетина средни и над десетина вискообразовни институции. Целта на кампањата беше малдите да се информираат за ЕУ и да се поттикнат да придонесат во евроинтегративните процеси на земјата.

Една од првите кампањи во земјата „И сонцето е ѕвезда“, беше спроведена во 2003 година, во мандатот вицепремиерката за евроинтеграции, Радмила Шекеринска, уште пред да биде доставена официјалната апликација на земјата за членство во ЕУ.  Целта на кампањата беше да им се објасни на граѓаните какви промени и реформи треба да се направат, за земјата да се доближи до ЕУ.

Поранешната македонска вицепремиерка за евроинтеграции, Радмила Шекеринска
Поранешната македонска вицепремиерка за евроинтеграции, Радмила ШекеринскаФотографија: DW/P. Stojanovski

Дваесет години подоцна, и по разни кампањи, неспроведните уставни измени за впишување на Бугарите во Уставот, станаа пречка за РСМ на европскиот пат. Последното истражување на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“ покажа дека поддршката на македонските граѓани за членство во Европската Унија денес е на историски најниско ниво. Ако во 2014 година, 90 отсто од испитаниците биле „за“ членство на РСМ во ЕУ, денес тој процент изнесувал 60 отсто, односно имало пад на поддршката за 30 отсто.

 

Извор: ДВ

Related posts

Спасовски: Процесот е прашање на институции, не на поединец

admin

Германија – колкав дел од платата ви оди за кирија?

admin

АЛИЈАНСА ЗА АЛБАНЦИТЕ ОДЛУЧИ – ВЛЕГУВА ВО ВЛАДА

ninja

Агелер: Од Софија слушнавме агресивен јазик без факти

admin

Борел: Гласачите, од страв, би можеле да ја поддржат десницата во ЕУ

admin

БОРИС ЏОНСОН: ПУТИН ЛИЧНО МИ СЕ ЗАКАНИ

ninja