Во продолжение интервјуто во текстуална форма:
Глас на Америка: Деновиве сте во Вашингтон каде учествувате на две конференции. Дали можеби разговаравте со американски претставници за договореното од лидерската средба – двојните избори?
Ѓорчев: Па добро е што водечките партии во Македонија се договорија за датум на избори. Добро е за државата да имаме договорен изборен процес, каде што граѓаните на Македонија ќе можат директно да се изјаснат и да ја состават новата Влада. Јасно е дека имаме волја за промени во Македонија, дека незадоволството кај граѓаните на Македонија е големо и мислам наредните месеци ќе гледаме кампања, објаснување на програмите, а после тоа и политичка промена.
Глас на Америка: Датумот за изборите е утврден. Какви се вашите аспирации во поглед и на парламентарните и на претседателските избори?
Ѓорчев: За Македонија е приоритет нова Влада, нова гарнитура и нов претседател.
Глас на Америка: Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе настапи со нови лица во парламентот или можеби ќе има од старата гарнитура?
Ѓорчев: Ќе одиме со комбинација од тоа. Ќе одиме со конкретна понуда и програмска и кадровска кон граѓаните на Македонија, затоа што Македонија заслужува подобро.
Глас на Америка: Борбата против корупцијата и уставните измени се на агендата за започнување на преговорите со Европската унија. Како ВМРО-ДПМНЕ би ги надминала околу овие прашања?
Ѓорчев: Борбата против корупцијата мора да биде многу поостра. Мора да биде неселективна. Македонија не треба и не смее да биде земја во којашто секој месец или секоја недела ќе ни се случуваат мега скандали од коишто луѓето не можат да се зачудат колку се лоши состојбите. Јас не памтам децении наназад да бидат толку лоши состојбите во Македонија по сите можни основи. Треба да се работи. Треба да има институции кои ќе имаат желба и волја за да се справат со криминалот и корупцијата, за жал ние имаме ситуација каде што дузина министри лично се вклучени во еден куп скандали, а нема никаква разлика, така што тоа мора да се смени.
Во однос на уставните измени, јасно е дека расположението на народот – луѓето не сакаат да има уставни измени по бугарски диктат. Истовремено европската унија треба да пушти појасна порака за проширување.
Глас на Америка: Како ВМРО – ДПМНЕ гледа на соработка со албанските партии во овие моменти како и во иднина?
Сме соработувале, соработуваме и ќе соработуваме. Вратата е отворена, раката е подадена. Мислам дека оваа влада на СДСМ и ДУИ е прилично делегитиминирана – нема поддршка кај народот.
Глас на Америка: Дали реториката на ВМРО-ДПМНЕ во однос на ДУИ, со тоа што коалицира со СДСМ во влада, значи затворена врата за соработка или сепак останува отворена вратата?
Ѓорчев: Ние сакаме да направиме и ќе направиме влада без СДСМ и ДУИ. Имаме поддршка од граѓаните, важно е да добиеме силна поддршка и чувствувам дека навистина победата ќе биде голема, затоа што важно е Македонија да добие стабилна Влада, Влада која ќе трае четири години затоа што дупката во која се наоѓа државата е навистина голема и длабока, така што потребна ни е добра, сериозна внатрешно-политичка реформа. Потребни се контакти со светот, затоа е и оваа поста во Вашингтон, важно е да имаме одлични контакти и соработка со САД, нашиот стратешки партнер. Кога ќе ја консолидираме Македонија кога Македонија ќе оди напред со пријатели во светот, со контакти и отворени врати во светот, тогаш може да имаме ситуација која ќе биде подобра и за државата и за граѓаните.