14.8 C
Скопје
3 мај, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

(Не)разрешувањето на Беса Адеми – нов испит за Судскиот совет

Постапката за утврдување одговорност на судијката Беса Адеми се случи во присуство на јавноста. Иницијативата за нејзина одговорност ја покрена членот на Судски совет, Миљазим Мустафа. Претседателката на Врховен, Беса Адеми смета дека исходот на постапката ќе ја одреди иднината на нашето судство.

Денешната седница на Судскиот совет заврши без одлука за иницијативата за барање одговорност од претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. По образложенијата и изнесувањето на завршните зборови и од подносителот на иницијативата Миљазим Мустафа и одбраната на Беса Адеми, во рок од 15 дена ќе биде изготвен извештај за нивното изјаснување, кој ќе биде доставен до Судскиот совет.

Според закон, комисијата пред која денеска се расправаше за барањето за одговорност од Адеми, не дава предлог, туку доставува извештај до Судскиот совет, каде секој член на седницата ќе одлучува за поднесената иницијатива.

Денеска, на последниот работен ден годинава, вниманието на јавноста во земјава беше вперено кон Судскиот совет и неизвесноста од епилогот на иницијативата за разрешување на Беса Адеми, претседателка на највисокиот суд во земјава, Врховниот суд.

Три дена претходно, Судскиот совет на седницата одлучи да го прифати барањето на Адеми и да овозможи јавност на денешната седница, на која ќе ја образложи својата одбрана по поведената иницијатива за нејзина одговорност.

Иницијативата ја покрена членот на Судски совет, Миљазим Мустафа по интервјуто на претседателката Адеми за порталот СДК.МК. Во интервјуто, Адеми отворено говореше за политички притисоци врз институцијата на која таа е прв човек со цел оживување на „амнестијата“ на претседателот Ѓорѓе Иванов и политичките математики за спас на експремиерот во бегство, Никола Груевски.

Инаку, Миљазим Мустафа е член на Судски совет како предлог на претседателот Стево Пендаровски. Пред да дојде во ова тело, биографијата на Мустафа покажува дека извршувал неколку функции – државен советник во Министерството за правда, а работел и во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, како и во Министерствата за одбрана и правда.

Претходно, Судски совет и испрати покана за средба на Беса Адеми, која таа ја одби.

Откако не се одѕва на поканата, стигна и иницијативата за нејзино потенцијално разрешување за која ќе се расправа на денешната седница.

Причини за разрешување – неприсуство на седници и интервју

Во барањето за поведување постапка против Адеми, се наведува дека претседателката на Врховниот суд, која е член на Судскиот совет по функција, континуирано не присуствувала на 21 седницa на ова тело од мај до октомври годинава и со тоа го повредила законот.

Мустафа смета и дека иако пред почетокот на некои седници Адеми го најавувала своето отсуство поради други службени обврски, не доставувала докази за нивната (не)оправданост.

„Со ваквото однесување и постапување, претседателот на Врховниот суд кој е член на Судскиот совет по функција, не само што го попречи и оневозможи Судскиот совет во остварување на основната цел, а тоа е да ја обезбедува и гарантира самостојноста и независноста на судската власт преку остварување на своите функции согласно Уставот и законите, туку и покажа професионална и правна некултура во постапувањето и почитувањето на институциите во рамки на правосудниот систем, а кое придонесува за намалување на довербата на граѓаните во судството“, изјави Мустафа.

Со неизвршувањето на законските обврски, пак, Мустафа наведува дека претседателката на Врховниот суд ја пропушта должноста да се информира за состојбите во судството и паралелно да даде свој придонес во нивно надминување.

Подносителот на инијативата Мустафа во образложението не го спомна интервјуто на Беса Адеми за порталот СДК.МК, каде говореше за политичките притисоци.

Адеми: Исходот на постапката ќе ја одреди иднината на нашето судство

„Исходот на постапката ќе ја одреди иднината на нашето судство“, со оваа порака, претседателката на Врховниот суд и се обрати на тричлената комисија при Судскиот совет . Нејзината одбрана пред комисијата ја презеде адвокатката, Павлина Зафиќ Јакимовска.

Таа рече дека ова е историски ден, бидејќи од исходот на постапката за одговорност ќе се исцртаат патоказите по кои ќе се движи судството во иднина.

Одбраната смета дека поведувањето на оваа постапка ја доведува под прашање независноста на судството особено што се води против претседателката на највисокиот суд на државата.

Адеми во своја корист ги навела позитивните извештаи за работата на Врховен суд, извештаите на Стејт департментот за 2022 година, Европската комисија во последните две години како и извештајот на Оценската комисија на ЕУ, каде за институцијата се дадени позитивни оценки за работата.

„Не се согласуваме дека не учествувала во седниците на Советот, бидејќи остварувате континуирана соработка со претседателката на Врховниот суд во периодот. Таа ве известува за работата на Врховниот суд, доставува извештаи, доставува материјали во поглед на остварување на нејзините функции, што значи дека на овој начин ве информира за состојбите во правосудството, а особено за работата на највисокиот суд во државата. Да се вели дека со неприсуството на седниците било оневозможено функционирањето на Судскиот совет е несериозно, може да доведе до погрешен заклучок а тоа е дека Судскиот совет е неефикасно тело во периодот за кој се забележува, што е неточно. Неприсуството на Беса Адеми не било нужно за кворум за работа, за усвојување на дневниот ред, напротив како член по функција не може ниту да гласа за одредени точки на дневниот ред за наведените седници“, истакна адвокатката Зафиќ Јакимовска.

Во однос на втората основа за покренување постапка, интервјуто на Беса Адеми за порталот СДК.МК, одбраната на Адеми смета дека е повредена слободата на изразување на претседателката на Врховниот суд.

„Втората точка е попроблематична бидејќи сметаме дека главната причина за поднесувањето на барањето за одговорност се најзините написи во медиумите за притисоци во судството“. Не би сакале да веруваме дека тоа е главната причина, но го проблематизираме од аспект на повреда на слободата на изразување“, изјави адвокатката Павиќ Јакимовска.

Одбраната на Адеми посочува дека Судски совет треба да пружи отпор кон притисоците од разни центри на моќ, барајќи да и даде поддршка и да застане во нејзина одбрана.

Што кажа Адеми во интервјуто?

Во интервју за порталот СДК.МК, претседателката на Врховен суд посочи дека постојат ситуации за мешање на политиката во судството, но, дека нема основа за „оживување“ на аболициите на Иванов.

На прашањето како изгледаат притисоците врз судството, Адеми одговара дека секогаш е присутна заканата дека може да се разрешуваат судиите на Врховниот суд и за таа цел да се користат дури и лажни вести.

По интервјуто во кое зборуваше за политичките притисоци во судството, Беса Адеми доживеа оркестриран напад преку релативно непознати портали во јавноста, кои, како што објави Радио Слободна Европа на 20 ноември, се регистрирани на име на компанијата „Инфините солутионс 2023“.

Оваа фирма е сопственик на 10 портали (колку што успеа да пронајде РСЕ), а на половина од нив беа објавени напади кон Адеми дека е „новата Катица Јанева“.

Како сопственичка на оваа фирма до пред извесно време се водеше Иљириана Бајрами. Таа, како што објави и порталот „Призма“, е сопруга на Кујтим Бајрами, кој, пак, е шеф на кабинетот на директорот на Државна лотарија, Перпарим Бајрами.

Веќе на 22 ноември, направена е промена во сопственоста на компанијата, покажува проверката на измените во Централниот регистар. Како нов сопственик и управител на „Инфините солутионс 2023“ е впишано лицето Алберт Амиди, кој исто како и Бајрами е од Ваксинце, Липково.

Судски совет на „срамот“

Прозивки за „политички влијанија и притисоци во работата“, „срам во очите на јавноста“, „нелегитимно тело“ во изминатите неколку месеци стигнаа на адреса на Судскиот совет од претседателот Пендаровски, амбасадори, невладини организации и извештајот на Европската комисија за напредокот на државата.

По серијата скандали кои го потресоа Судскиот совет изминатата година, телото заврши под лупа на Европската унија, која во септември 2023 ја започна Оценската мисија на неговото работење.

Резултатите од Оценската комисија на ЕУ очекува итно да бидат спроведени 40 мерки во Судскиот совет и тие да бидат приоритет на сегашната, но и на секоја идна влада и на сите правосудни институции во Северна Македонија.

Оценската мисија започна по превирањата, откако за пет месеци беа сменети две претседателки на телото. Прво претседателката Павлина Црвенковска која даде оставка, а потоа Весна Дамева која беше разрешена.

И Црвенковска и Дамева, заминаа од функцијата со тешки обвинувања за политички влијанија и поради спрега на судско – бизнис елитата.

Неколку дена по смената на Дамева, за нов претседател на Судскиот совет беше назначен Сашко Георгиев на итна седница која се одржа во тензична атмосфера. /RSE

Related posts

САД подготвува специјален суд за руските злосторства во Украина

admin

Двајца израелски министри повикаа на иселување на Палестинците од Газа

admin

Данас: Можно ли е “Српската листа” да биде прогласена за терористичка организација?

admin

ПРЕСУДА ЗА ОКТА: РСМ ТРЕБА ДА ПЛАТИ МИЛИОНСКА ОТШТЕТА

ninja

Брегу: Не ни се потребни дополнителни институции и иницијативи, за регионална соработка е потребна политичка волја

admin

Колку ќе ве чини летување во Турција оваа година?

admin