16.8 C
Скопје
9 октомври, 2024
Inbox7.mk
СТАВ

Две илјади дваесет и четврта не е само лоши вести

И во 2024 година ќе има можност за избор или избори и надвор и дома.

Во 2024 година ќе има важни избори во САД, ЕУ, Русија, но и во важни регионални сили како Индија, Мексико, Венецуела, Јужна Африка. И, секако, претседателски и парламентарни избори во Македонија.

Пишува: Сашо Клековски 

Минатата недела во „Две илјади дваесет и трета, студена војна 2“ пишував за лошата состојба на глобалните и домашните работи. Светот е во студена војна 2, каде што нема јасно дефинирани блокови како во првата студена војна, но како и претходно има три групации. Првата е Западот или претходно првиот свет, земји со либерални демократии предводени од САД и најголем дел членки на НАТО. Втората е драгонбеар („Dragonbear“), змејот мечка, или Кина и Русија, која е повеќе геостратегиска координација, на која ѝ се приближуваат Иран и Северна Кореја. Овој блок идеолошки не е компактен, се карактеризира со илиберална автократија. И поранешниот трет свет, сега се нарекува глобален југ. Змејот мечка, Кина – Русија, се обидува да ги привлече земјите на глобалниот југ преку БРИКС. Има „блокови“, а ги има и другите карактеристики на студена војна: психолошка војна, ембарга итн. И, секако, има и големи регионални конфликти каде што двата блока се судираат. Во 2024 година, војната во Украина ќе влезе во третата година и, за жал, има тренд да стане долгогодишна војна поради затворената безбедносна спирала: доколку Русија започна со војната поради проширувањето на НАТО до руските граници, сега Институтот за проучување на војната го користи обратниот аргумент, дека со победата на Русија во Украина, Русија ќе се приближи до НАТО. Вториот регионален конфликт е израелско-палестинскиот, кој се прошири во Црвено Море, со значаен ризик да ги вовлече САД во голема блискоисточна војна. Новата година започна со израелски атентат во Бејрут врз висок функционер на Хезбулах, најсилната недржавна организација и војска. Со нов фронт во Либан, на претходните два во Газа и Црвено Море, сѐ поблиску е директна конфронтација на Израел и Иран и вовлекување на САД во голема блискоисточна криза.

Други аналитичари го вртат вниманието и на економскиот застој на Кина, на дисфункционалноста на политичкиот систем во САД… По повеќе децении напредок, сиромаштијата е повторно во раст. Војната во Украина го наруши светскиот пазар на храна, а со блокадата на Црвено Море – една од клучните транспортни точки за светската економија, ќе има нов раст на инфлацијата и нагризување на животниот стандард. Тука треба да се додаде и претворањето на социјалните медиуми во „оружје за масовно уништување“ во времето на поствистина. Со АИ (вештачка интелигенција) ќе се создава сѐ поголем обем на вести, со содржина на која не ќе може да ѝ се провери вистинитоста и ќе има „токсичен“ ефект на луѓето.

Но како се вртиме на 2024 година, мора да има и надеж и позитивни приказни. Колку што расте ризикот од поголема воена конфронтација, толку ќе расте и мобилизацијата на разумот. Кина нема да сака ескалација поради економските состојби, САД поради изборната година. Војната во Украина е во ќор-сокак, што може да доведе до очајни акции, но и до разум за започнување разговори за нејзино завршување. АИ ги претвора социјалните медиуми во „оружја за масовно уништување“, но истовремено нуди огромни подобрувања во здравството, образованието и земјоделството.

И во 2024 година ќе има можност за избор или избори и надвор и дома. Во 2024 година ќе има важни избори во САД, ЕУ, Русија, но и во важни регионални сили како Индија, Мексико, Венецуела, Јужна Африка. И, секако, претседателски и парламентарни избори во Македонија. Некои од изборите во светот се со познат или очекуван исход. Во Русија се очекува победа на Владимир Путин, во Индија на Нарендра Моди, а и Венецуела и Јужна Африка се очекува да победат сегашните владејачки партии. Во Мексико се очекува победа на Клаудија Шејнбаум, можна прва жена претседател, поддржана од сегашниот популарен претседател Андрес Мануел Лопез Обрадор-АМЛО. Колку да звучат далечно, важна е стабилноста на земји како Индија – врска меѓу трите блока, или, пак, Мексико, како конектор на америките.

За нас, секако, се поважни изборите во САД и во ЕУ. Во САД, најверојатно, изборот ќе биде меѓу Бајден и Трамп, два кандидата за кои Американците не се превозбудени, поради старост, гафови, поларизација. Каков и да биде изборот, дисфункционалноста на политичкиот систем поради силната поларизација ќе остане. И во ЕУ ќе се случат избори, во кои дилемата е само колку десно ќе се помести политичката сцена. На пример, во Саксонија, најголемата држава во источна Германија, на анкетите десната страна, АФД и ЦДУ, има над 70 проценти, наспроти левицата, зелените, социјалдемократите. Сигурно се и значајни резултати на крајната десница. Но исто така може да се очекува дека позициите на крајната десница ќе станат поумерени доколку станат власт, како Мелони во Италија.

И за нас најважните избори, секако, се претседателските и парламентарните избори во Македонија! Тоа е шанса што ќе значи промена, победа на ВМРО-ДПМНЕ и враќање на Македонија на правилната насока! Честит Божиќ!

 

Авторот е аналитичар #2024

Блог www.megjutoa.mк @sklek

Related posts

На патот кон ЕУ: Поставени се здрави фундаменти во јавните финансии и функционална пазарна економија

admin

Регионот и Северна Македонија се интересираат за средствата од Планот за раст, а ВМРО-ДПМНЕ и натаму е во “Open Balkan” mode

admin

Крстопат

admin

Солидарност е прераспределба на дополнителната добивка за подршка на граѓаните и стопанството

admin

Европската перспектива ќе се гради низ предизвици и храбри одлуки

admin

Мојот другар Богдан

admin