22.8 C
Скопје
9 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

„Обама момент”: Првиот премиер Албанец во Македонија

Во случајот на премиер Албанец симболиката е силна дека нема забранети позиции за ниту еден граѓанин на оваа земја, без разлика на етничката припадност, велат аналитичарите.

Северна Македонија е на чекор да го добие првиот премиер Албанец кој ќе биде на чело на Владата во наредите 100 дена, до изборите на 8 мај. Изборот падна на Талат Џафери – искусен политичар на ДУИ, актуелен претседател на Собранието и поранешен министер за одбрана (2013 -2014 година). Гласањето на новата техничка влада треба да се оконча до недела на полноќ (28 јануари), по што почнуваат забрзаните активности за пролетните избори во земјата.

Додека во македонскиот табор се кршат копјата околу идејата за премиер Албанец, која наиде на низа полемики и иницијативи за укинување на „Пржинската влада“, албанската етничка заедница во земјата смета дека станува збор за симболичен политички чин, којшто ќе придонесе за подобрување на меѓуетничките односи. Иако станува збор за функција која што ќе трае само 100 дена, симболиката е многу силна дека нема забранети позиции за ниту еден граѓанин на оваа земја, без разлика на етничката припадност, велат аналитичарите со коишто разговараше Дојче веле.

„Обама момент“

Првиот премиер етнички Албанец е еден вид на „Обама момент” во Северна Македонија, вели новинарот и аналитичар Џелал Незири за ДВ.

Тоа, според него, значи дека општеството созреало и дека меѓуетничките односи не се веќе на ниво да бидат третирани како најранлива точка на државата.

„Секој премиер ги спроведува законите кои ги носи Собранието, каде се одразува волјата на граѓаните преку директни избори. Во случајот на премиер Албанец, сепак, симболиката е силна дека нема забранети позиции за ниту еден граѓанин на оваа земја, без разлика на етничката припадност“, посочува Незири.

Како и во случајот на Барак Обама во САД, Риши Сунак во Обединето Кралство, Дритан Абазовиќ во Црна Гора, и во случајот на Македонија еден ваков момент, вели нашиот соговорник, говори за демократската зрелост на мнозинската етничка заедница која демократските вредности ги става пред ексклузивните политики, кои се синоним на дискриминација.

Мал, но значаен чекор за меѓуетничките односи

Изборот на 100 дена Албанец премиер повеќе е симболичен политички чин, којшто може да придонесе за подобрување на меѓуетничките односи во земјата. Во оваа насока одат размислувањата на универзитетскиот професор по новинарство и јавни комуникации, Сефер Тахири.

„Изборот на премиер којшто доаѓа од албанската етничка заедница е еден мал чекор кон тоа што се стремиме поголем дел од граѓаните – а тоа е да бидеме кохезивно и интегративно општество. Мислам дека тоа е повеќе симболичен политички чин, којшто ќе придонесе за подобрување на меѓуетничките односи, бидејќи досега освен претседател на Собранието, немало претставник од албанската заедница во највисоките функции“, посочува Тахири за ДВ.

Тоа што премиер Албанец ќе биде на чело на државата до пролетните избори, според нашиот соговорник е добар чекор, чин кој придонесува албанската заедница да го зголеми нивото на лојалноста кон државата. „Треба да бидеме свесни дека тоа ниво е многу ниско“, посочува Тахири.

Идеја дочекана на нож

Договорот за „сто дена премиер Албанец” беше обелоденет на 18 август 2020 година, по разговорите за формирање Влада што во Клубот на пратениците ги имаа лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети, и генералните секретари Љупчо Николовски и Артан Груби.

„Идејата беше за доближување, порака за преземање одговорност од Албанците за заедничка држава. Мора да му признаам на Заев за храброста и го поздравувам тоа што ќе има Албанец премиер во последните 100 дена од оваа Влада“, порача тогаш Ахмети.

Четири години потоа ова прашање сѐ уште предизвикува низа полемики во јавноста. Најжестоки критики доаѓаат од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која што во повеќе наврати порача дека е подготвена и за „бришење“ на техничката влада, само за да нема технички премиер  од редовите на ДУИ. Последните пораки од партијата се дека ќе ја поддржат техничката влада, но не и Талат Џафери за технички премиер.

Според аналитичарите, противењето на ВМРО-ДПМНЕ е дел од нивната предизборна стратегија за прибирање на што поголем број на гласови, особено оние од крајната десница и левица.

Стратегија за придобивање гласови

„Спротивставувањето на ВМРО-ДПМНЕ кон изборот на Талат Џафери за технички премиер повеќе го гледам како стратегија за придобивање на политички гласови. Знаеме дека ВМРО-ДПМНЕ е десно ориентирана политичка партија, поголем дел од нивниот електорат сѐ уште е во минатото – и дава гласови врз основа на тоа колку е потврда етнонационалистичката реторика, а во овој мозаик, би рекол, дека влегува и спротивставувањето на изборот на Џафери“, анализира Сефер Тахири.

Според него, не се работи за спротивставување на изборот на личноста  – конкретно на Талат Џафери, не станува збор ниту за тоа дека доаѓа од ДУИ. „Во времето на ВМРО-ДПМНЕ, тој беше министер за одбрана, а ДУИ беше во владата со ВМРО-ДПМНЕ десет години. Сметам дека оваа партија сѐ уште е во фаза на некој начин можеби на преориентирање за да го реализира мотото ‘Македонија на сите граѓани’“,  посочува соговорникот на ДВ.

Сто дена за некого е краток, за други пак е доволен период за да се стави на тест идејата за 100 дена премиер Албанец.

Политичкиот аналитичар Сефер Селими, за ДВ оценува дека ако политичкиот договор опстои и Талат Џафери се избере за прв премиер Албанец, во суштина и пракса тоа нема да смени ништо посебно. „Но, ќе биде повеќе симболичен чин кој би требало да пренесе јасна порака за целосна интеграција на Албанците во Северна Македонија. И со тоа да се сузбијат повеќе митови меѓу кои и најголемиот – за ‘лојалноста’ на Албанците кон државата“, вели тој. /DW

Related posts

Раскол во АзА, Рашиди контра Села: Неодговорно е од сега да се каже како партијата ќе оди на избори

admin

Гаши во Вашингтон: Премиерот при заклетвата го изговори уставното име и тоа е апсолвирано прашање

admin

Шлаканицата од Уставен, ветер во грб за новинарите: Државата не ги заштитила за време на „крвавиот четврток“

admin

Груби се огласи откако му беше запален автомобилот: Нема да ме заплашите

admin

Масакар во САД: Најмалку 16 убиени, десетици повредени во масовно пукање

admin

Оди Адидас, доаѓа Најк: Критики за Германската фудбалска федерација

admin