4 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

На Итната медицинска помош, итно ѝ требаат нови кадри: Бројот на тимови опаѓа, потребни се 52 нови

Додека сѐ повеќе млади кои ја одбрале медицината како своја професија, ја напуштаат државата, македонскиот здравствен систем кубури со кадар во службите за итна медицинска помош. Проблемот со недостиг на човечки ресурси со години се провлекува во сите карики на јавното здравство, а најновото истражување за состојбата со итната медицинска помош нотираше фрапантни податоци.

Пишува: Вања Мицевска

На земјава ѝ недостигаат 52 тимови за итна медицинска помош за да може да се задоволи барем законски пропишаниот минимум на тимови што треба да ги има еден медицински центар во зависност од бројот на жители што ги опфаќа.

Во моментов, како држава располагаме со 258 тимови за итна медицинска помош, односно во последните осум години, бројот на тимови е намален за 22.

Дури половина од 33-те здравствени центри имаат помалку тимови од потребните, покажа истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК).

Еден тим на итна помош некаде „покрива“ 1.000, а во други градови 40.000 жители дневно

Претседателот на Центарот, Герман Филков во изјава за ММС потенцира дека тимовите имаат различна оптовареност. Според ова, ако некаде еден тим покрива илјада жители, тимовите во други градови покриваат и по 40.000 жители дневно.

„Исто така, некаде еден тим во една смена има по две интервенции, а на други места во други градови тимовите имаат дури и по 50 интервенции дневно. Тоа зборува за недостиг на тимови, за нееднаква оптовареност и нецелосна заштита на населението. Да не заборавиме дека граѓаните имаат и законско право на итна медицинска помош во секое време кога им е загрозен животот, а мора бргу да се реагира“, истакнува Филков.

Истражувањето покажува дека во однос на бројот на жители кои ги покриваат тимовите на итната помош, најлошо стојат Струмица и Тетово.

Во овие два града еден тим „покрива“ по  четириесетина илјади жители на ден, а најдобро „покриени“ се жителите на малите центри како Вевчани, Пехчево и Ростуше каде еден тим покрива по нешто повеќе од 1.000 жители дневно.

Состојбата на терен не коренспондира со она што на хартија го пропишува Уредбата за мрежата на итна медицинска помош која е донесена во 2015 година. Ваквиот документ утврдува дека секој здравствен дом кој опфаќа до 30.000 жители треба да има најмалку 5 тимови за итна медицинска помош, но статистиката покажува дека бројот на тимови секоја година опаѓа.

„Друга работа која е многу важна е дека во последните осум години откако е направена Уредбата бројот на тимови се намалува за 22, наместо да расте. Од 33 медицински центри на половина им недостигаат тимови за итна медицинска помош“, вели Филков.

Во изјава за ММС, тој објаснува дека најмногу тимови недостигаат во поголемите градови.

„На Скопје му недостигаат вкупно 18 тимови, на Тетово 10, Куманово и Струга по пет, Струмица три тимови, а помалите градови имаат позадоволителен број на тимови.  Од поголемите градови може да се истакне Штип каде што има тимови колку што и бара законскиот минимум, значи не недостигаат.  Интересно е што на пример, во Битола или во Делчево со Македонска Каменица има четири тима повеќе од зааконскиот минимум“, додава Филков.

Но дали исполнувањето на законскиот минимум на тимови, значи и нормално функционирање на самите служби за Итна медицинска помош?

Во Штип исполнет законскиот минимум, но недостигаат уште шест лекари за нормално функционирање

Со оглед на тоа дека Штип се вбројува меѓу градовите каде е исполнет ваквиот минимум, ММС разговараше со д-р Мики Бурев.

Д-р Бурев, кој е раководител на Итната медицинска помош при ЈЗУ Здравствен дом „Панче Караѓозов“ Штип, ни објасни дека во моментот службата располага само со четворица лекари во постојан работен однос, кои работат во три смени.

„На една смена имаме по двајца доктори т.е по два тима. Минимум ни се потребни уште шест лекари за да можеме нормално да функционираме“, вели д-р Бурев.

А како изгледа на терен неговата, но и работата на неговите колеги? Тој вели дека секојдневно се соочуваат со голем број на пациенти, па работата е обемна и сеопфатна.

„Нашето главно работење е насочено кон итните состојби, а тоа се повреди, срцеви, мозочни удари, крварења, пореметување на свеста, сообраќајки и така натаму“, вели раководителот на ИМП – Штип.

За разлика пак, од некои други градови каде матичните лекари си имаат дежурна служба која ги покрива пациентите, во Штип ситуацијата не е таква.

-Немаме дежурна матична служба за празници и викенди, па сите прегледи вклучувајќи ги и „неитните“ настинки, главоболки, болки во кичма, кожни промени, промени во расположението и така натаму, ги решаваме ние – додава нашиот соговорник.

Според него тешко е граѓаните навреме да ги добијат потребните здравствени услуги, но тимовите се трудат максимално да се вложат.

„Тешко е, но се трудиме. Земаме добра и темелна анамнеза при телефонските повици и одлучуваме дали ќе одиме на терен. Итните состојби секогаш имаат предност и никогаш не се оставени да чекаат или да бидат неуслужени. Кај нас граѓаните викаат брза помош и за главоболка, болка во рака, нога, бидејќи не сакаат да платат такси служба и да дојдат во амбуланта. Меѓутоа секогаш се трудиме да балансираме во зависност од можностите“, истакнува д-р Бурев.

Тој смета дека тимовите од Итната медицинска помош се една од најзначајните алки во целиот здравствен систем, имајќи предвид дека се тука во „неиспланираните“ состојби.

„Ние укажуваме прва помош од која зависи животот на пациентот, а потоа го носиме или упатуваме на секундардно здравство. Често некој би кажал дека се лечи во приватни болници и дека не користи Брза помош, но важно е да се знае дека за да стигнат до приватните клиники во Скопје или други места, а се животозагрозени, пациентите немаат друг избор, туку прво интервенираме ние“, вели д-р Бурев.

Тој нагласува дека во рамките на Итната медицинска помош има и служба за домашно лекување.

„Овде даваме медицински услуги на лица кои се врзани за кревет, инвалиди или неподвижни пациенти. Нашите здравствени услуги во овој дел се насочени кон земање на крв за анализи, брисеви, исто така аплицираме и терапија дадена од специјалисти, од избрани лекари, како на пример интрамускулна, интравенска терапија и така натаму“, додава докторот.

Инаку, еден тим најчесто се состои од доктор, сестра и возач. Новото истражување покажува дека освен во Скопје, каде има девет тимови во една смена, во сите други градови има само по еден или два тима во една смена, освен Битола каде постојано има три тимови.

Оправдувањата залудни, кога се работи за животот на граѓаните

Претседателот на Центарот за граѓански комуникации, Филков смета дека без оглед на „оправдувањата“ надлежните досега требало да најдат чаре за ваквата состојба да се подобри, наместо таа да се влошува.

„Нема никакво оправдување, затоа што за граѓаните, оваа животозагрозувачка работа не е воспоставена на она ниво кое самата држава го определила како минимум“, додава Филков.

Го прашавме и каква порака испраќаат институциите до граѓаните со нерешавањето на ова проблематично прашање и колку тоа може да влијае во довербата на јавноста. Пред сѐ, Филков вели дека на истражувањето ги поттикнале постојаните реакции на граѓаните дека кога бараат итна помош, понекогаш им се кажува дека нема екипи.

„Дојдов до едно споредбено истражување во кое не беа наведени конкретни бројки, но тоа покажува дека сепак Македонија е меѓу земјите каде што луѓето помалку ѕвонат и браат итна медицинска помош отколку во другите држави на ЕУ. Тоа укажува дека имаме ниска доверба во службата ИМП. Не веруваме дека ќе дојдат, па затоа и помалку бараме. Иако е оптоварена службата, тоа не е на ниво на кое е во ЕУ, па оттука мислам дека надлежните треба под итно да се свестат затоа што има многу поплаки од граѓаните. Треба Владата да се зафати со ова прашање бидејќи е од еден приоритетен национален карактер со оглед дека од тоа зависат животите на луѓето“, заклучува Филков.

Во прилог на ова говори и фактот дека од здравствениот дом во Штип веќе два пати побарале согласност за вработување нови лекари, но Министерството за финансии го одбило барањето.

„Во однос на нашата улога во одржување на здравјето на граѓаните, мислам дека воопшто не треба да се коментира колку е голема таа. Затоа упатувам апел до надлежните институции, што е можно побрзо да се дозволи вработување на нови лекари во Брзата помош – Штип. Ова ни е неопходно за да можеме нормално да функционираме, бидејќи на крајот од денот штетата од недостигот на кадар, е на товар на болните“, порачува д-р Бурев во изјавата за ММС.

Во меѓувреме, нашата редакција го праша Министерството за здравство, што се презема за подобрување на ваквата алармантна состојба?  Од службата за односи со јавност не одговорија дали и кога се планираат нови вработувања со цел надополнување на тимовите и дали ако тие се реализираат, освен лекари, ќе бидат вработени и други типови кадри.

Покрај недоволниот број вработени во службите за итна медицинска помош, како хроничен проблем се провлекува и дотраеноста на амбулантните возила кои се амортизирани.

Ресорниот министер, Фатмир Меџити најави дека ќе се набават 22 амбулантни возила, оценувајќи дека тоа е најголемата набавка за итната помош во историјата.

Фото: Архива

„Со набавката на возилата и современата опрема со која ќе бидат опремени амбулантните возила ќе се овозможи превземање на стручни медицински интервенции за стабилизирање на состојбата на пациентот, и отпочнување и со иницијално лечење во зависност од видот на повредата и болеста поради која и е индициран повикот. Новите амбулантни возила ќе бидат опремени со надоградена медицинска опрема“, информираше неодамна Меџити.

За оваа цел, Министерството веќе доставило до Владата, Информација за давање согласност за преземање на обврски за чие плаќање е потребно користење на буџетски средства во наредни години на Министерството за здравство за набавка на 22 амбулантни возила. Рокот за доставување понуди од економските оператори истекува на 05.01.2024 година.

 

Related posts

Пентагон нареди американските сили да бидат подготвени да се распоредат на Блискиот Исток

admin

Четворица кандидати за пратеници во битка за две пратенички фотелји

admin

МАЛ НАПРЕДОК“ ИЛИ ШАНСА ЗА „ИСТОРИСКИ ДОГОВОР“?

ninja

Незири: Албанците имаа конструктивна улога во процесот со Бугарија

ninja

Лефков му враќа на Груби: Ќе одговарате и ти и Ковачевски, тоа да го знаете

admin

Синот на Песков – платеник на Вагнер!

admin