Лидерот на Алијанса за Албанците доби поддршка од партиската Академија, а петиции за негова поддршка се потпишуваат во повеќе партиски ограноци.
Мнозинство од 20 членови (од вкупно 25) на партиската Академија на Алијанса за Албанците, која е стратешко-советодавно и одлучувачко тело одговорно за градење на партиските политики, објавиле декларација со поддршка за партискиот претседател, Арбен Таравари, откако тој го повика партиското централно собрание да го поддржи во намерата АА да се приклучи на опозициските партии на Албанците кон долгоочекуваните промени.
„Изразуваме целосна доверба и безрезервно го поддржуваме лидерот на Алијансата за Албанците, д-р Арбен Таравари, на патот што го трасираше за да се направат сигурни промени во албанскиот политички кампус“, се наведува во изјавата која Таравари ја објави на Фејсбук.
Потисниците на изјавата оцениле дека земјата е во сериозна социјална, морална и економска криза и дека главниот катализатор на таа криза е Демократската унија за интеграција, која е во власта над две децении. Според потисниците на декларацијата, таквата состојба не смее и не може да продолжи, и сега е можноста што се случува еднаш во животот за голема политичка промена.
„Убедени сме дека др. Арбен Таравари ќе чекори по вистинскиот пат, патот што го трасираше Арбен Џафери и ќе доведе до трансформација на реалноста на Албанците во Северна Македонија”, се вели на крајот од декларацијата.
Ова не е единствената поддршка што ја добива претседателот на Алијанса за Албанците. Членови на партиски ограноците во над десетина општини потпишувале петиција за негова и поддршка на ставот за приклучување на опозициските партии.
Синоќа Таравари се увери во поддршката и пред неговиот дом во Гостивар, каде се собрале негови сограѓани, активисти и поддржувачи, откако вчераутро беше објавено дека пред неговата врата бил пронајден куршум од автоматска пушка.
„Промената започна“, напиша Таравари на Фејсбук и сподели фотографии на кои се гледа дека тој со мегафон в рака им се обраќа на присутните, од кои дел држат факели.
Словото на Статутот
Додека Таравари собира поддршка, претседателот на Централното собрание на АА, Зијадин Села, најави дека в сабота (10-ти февруари) на седница на овој орган ќе се бара одговорност од Таравари заради неговата еднострана одлука, односно кршење на партискиот Статут. Одговарајќи на новинарски прашања, Села изјави дека одговорност значи и разрешување на претседателот на партијата. Извесно е дека на седницата в сабота ќе се бара одговорност и од министрите кои му дале поддршка на Таравари.
Според партискиот Статут на Алијанса за Албанците, претседателот на партијата може да биде разрешен од највиското тело – Конгресот, со мнозинство од 2/3 од присутните делегати. Иницијатива за престанок на мандатот на претседателот може да поднесат 2/3 од составот на централното собрание. Може да се свика и задолжителна вонредна седница на Конгресот по барање на претседателот на партијата, или по барање на 2/3 од составот на централното собрание. Но, Конгресот не мора да биде свикан за да се разреши партиски претседател. Според член 61 од Статутот на АА, „правата, обврските и одговорностите на Конгресот во исклучителни и вонредни околности ги врши централното собрание на партијата“.
Централното собрание на АА има вкупно 133 членови а Таравари викендот изјави дека има потписи со поддршка од 80 од нив, но и дека продолжува собирањето на потписи.
Поддршка од опозицијата
Додека трае одмерувањето на силите меѓу двете крила на Алијанса за Албанците во базата и меѓу симпатизерите, Таравари доби силна поддршка од лидерите на опозициските партии на Албанците, обединети во Европскиот сојуз за промени. Според лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, заканата до претседателот на АА повеќе зборува за племенскиот менталитет на оние кои мислат дека политичките одлуките може да се насочуваат со насилство.
„Но, ние, како општество, не можеме да дозволиме вагабонти да ја убиваат нашата демократија токму сега, кога сме на прагот да ги отвориме преговорите за влез во ЕУ“, порача Гаши во објава на Фесбук, изразувајќи ја поддршката од Алтернатива до Таравари и неговото семејство.
Претседателот на Движењето Беса, Билал Касами, заканата кон Таравари ја опиша како нечовечки, антиевропски и криминален чин. Обидот да се заплаши лидер на партија само затоа што тој дели поинакво мислење, според Касами, значи дека општеството е во сериозна безбедносна ситуација, дека државниот систем не функционира и дека демократијата не постои.
Во објавата на Фејсбук, Касами прстот го впери во власта, оценувајќи дека за да си ги задржат фотелјите ги надминуваат дури и руските диктаторски акции, но со тоа и даваат поголема сила и волја на опозицијата да го победи хибридниот режим на СДСМ и ДУИ.
Куршумот во дворот на Таравари е кукавички чин на властите, оцени синоќа лидерот на Демократското движење, Изет Меџити.
„Ова е кукавички чин на властодршците што покажува дека ја изгубиле ориентацијата, изгубиле контакт со реалноста и мислат дека само преку притисок можат да си ја задржат фотелјата“, рече Меџити на ТВ Алсат. /DW