8.8 C
Скопје
24 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Бајден: Нема да му се поклонам на Путин

Американскиот претседател Џо Бајден го критикуваше неговиот потенцијален републикански противник Доналд Трамп за „поклонувањето“ пред рускиот претседател Владимир Путин и го повика Конгресот на Соединетите Држави да одобри помош за Украина, предупредувајќи дека демократијата ширум светот е под закана.

Во своето годишно обраќање до нацијата на заедничката седница на Конгресот, тој го критикуваше Трамп за неодамнешните коментари за НАТО (одбранбената алијанса предводена од САД), која оваа година слави 75-годишнина.

На говорницата во зградата на Конгресот, Бајден застана како еден од најнепопуларните модерни претседатели во овој момент од неговиот мандат, пишува Гласот на Америка.

Претседателот Џо Бајден ги изнесе аргументите за неговиот втор мандат во Белата куќа, користејќи го своето обраќање за состојбата на нацијата во четвртокот навечер за постојано да го напаѓа поранешниот претседател Доналд Трамп, обвинувајќи го, без да го спомене по име, туку само како „мојот претходник“ – дека е сериозна закана за демократијата доколку се врати во Овалната соба.

Бајден ги нападна тврдењата на Трамп – нарекувајќи ги „лаги“, за нападот на Капитол на 6 јануари 2021 година и го обвини дека му потклекнал на рускиот претседател Владимир Путин, цитирајќи го неговото охрабрување Путин да прави „што сака“ во Европа и карактеризирајќи тоа како „одвратно, опасно и неприфатливо“.

„Можам да ве уверам дека Путин нема да запре на Украина. Но, Украина може да го запре Путин ако ја поддржиме и и го обезбедиме оружјето што и е потребно за да се одбрани“, рече тој, повикувајќи го Конгресот да дозволи помош за Киев, која е замрзната со месеци поради партиски судири меѓу демократите и републиканците.

„Тоа е сè што бара Украина. Таа не бара американски војници“, нагласи тој, алудирајќи на неодамнешните изјави на францускиот претседател Емануел Макрон за евентуалното распоредување на војници.

Бајден го искористи својот говор за да ги опише она што го гледа како страшни последици за правата на жените, за надворешната политика, за економијата и за судбината на демократското владеење во Соединетите Држави, доколку Трамп биде вратен на власт.

Говорот започна со надворешна политика, повикувајќи ги пратениците да обезбедат дополнителна финансиска помош за Украина во нејзината војна против Русија.

Тој тврди дека следел цврст курс за време на актуелните конфликти, градејќи коалиција за поддршка на Украина и помагајќи му на Израел во испраќањето хуманитарна помош за Газа.

Зборувајќи за тековната војна во Газа, Бајден повика на итен шестнеделен прекин на огнот и го предупреди Израел дека прашањето за хуманитарната помош за Газа „не може да биде второстепено прашање или за пазарење за постигнување договор“.

Тој, исто така, го информираше Конгресот дека и наредил на американската војска да основа вештачко пристаниште во Газа за да испорача поголема хуманитарна помош на опколената палестинска територија.

Бајден, исто така, го поздрави приемот на Шведска во НАТО, „најсилниот воен сојуз што светот некогаш го видел“.

Шведска вчера (7 март) се приклучи на НАТО во Вашингтон, две години откако руската инвазија на Украина ја принуди да ја преиспита својата национална безбедносна политика и да заклучи дека влезот во НАТО е подобар гарант за безбедноста од традиционалната политика на неутралност.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон, кој беше присутен на говорот на Бајден, вчера до американската влада ја достави финалната документација, што беше последен чекор во долгиот процес за влез во НАТО, кој требаше да биде одобрен од сите членки на воената алијанса.

Бајден меѓудругото, рече дека „нема да ги демонизира“ мигрантите како што тоа го направи Трамп, повикувајќи го Конгресот да усвои нацрт-закон за контрола на границите.

„Нема да ги демонизирам мигрантите велејќи дека ја „трујат крвта на нашата земја’“, нагласи тој, осврнувајќи се на неодамнешните изјави на Доналд Трамп.

„Можеме да разговараме за границата или можеме да го решиме проблемот“, рече Бајден.

Одговарајќи на критиките на гласачите поради неговата возраст, Бајден рече:

„На моја возраст, некои работи стануваат појасни од кога било“.

Во говорот што траеше нешто повеќе од еден час, актуелниот претседател рече дека под негово водство, Америка го доживеала „најголемото закрепнување“ по пандемијата на Ковид-19.

Бајден ги истакна успесите на економијата во последните три години, особено истакнувајќи го падот на инфлацијата од 9 на 3 отсто, додавајќи дека е сè уште присутен трендот на намалување.

Тој зборуваше и за ревитализацијата на американските фабрики, особено во автомобилската индустрија, кои се прилагодуваат на потребите на електричните возила, огромниот пораст на бројот на работни места, особено оние со плати повисоки од 100 000 долари годишно, а без потреба од универзитетско образование.

Нагласувајќи ја изградбата на нови производствени погони за микрочипови и други компоненти од најсовремена технологија, тој вети натамошно подобрување на економските услови доколку биде реизбран.

Републиканскиот одговор дојде од сенаторката Кејти Брит од Алабама, која на 42-годишна возраст е една од најмладите републикански пратеници и, според многумина, ѕвезда во подем во партијата.

Таа се споменува и како можен кандидат за потпретседател на Доналд Трамп. /RSE

Related posts

Хибридните напади се безбедносен ризик за институциите

ninja

Реформите и учебниците како систем „капка по капка“

admin

Бахмут падна под целосна контрола на Вагнер, Зеленски: „Русите уништиле сè“

admin

Германска поддршка за европското досие на Северна Македонија

ninja

Малеска: Се „печалат“ гласови со антиевропска реторика

admin

Ескобар со ултиматум до Курти и Вучиќ: Имате уште два дена

admin