8.8 C
Скопје
24 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Кампања пред кампања – полни усти (не)реални ветувања

На еден месец пред почетокот на кампањата за двојните избори, лидерите на политичките партии веќе започнаа да се „додворуваат“ пред електоратот. Официјални партиски програми се уште нема, но дел од мерките за подобар живот земаа замав во јавноста. Двојните избори засега носат и старо нови ветувања.

Билборди со фалби и политички напади кон противниците надвиснати на раскрсници, спонзорирани промотивни објави на социјалните мрежи, заострена јавна реторика во јавните настапи се доволен индикатор дека веќе „мириса“ на избори.

Иако Северна Македонија е цел еден месец далеку од официјалниот почеток на кампањата за парламентарните избори (18 април), лидерите на политичките партии веќе излегуваат со ветувања за подобрување на животниот стандард откако би ја освоиле власта.

Влез во Европската унија, повисоки плати за вработените, безгрижна старост за пензионерите, сигурна иднина за младите дома и повисок квалитет на образованието, доизградба на патни делници кои стојат незавршени и по промена на повеќе власти…

Ова се ветувањата дадени само во неделата што изминува, кои лидерите и членовите на најголемите партии во македонскиот политички блок, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ јавно ги искажаа во партиски трибини и излагања, соопштувајќи дека ќе бидат дел од нивните програмски заложби за освојување на власта.

СДСМ нуди повисоки плати, пензии и помош за компании

Едно од главните ветувања на владејачката партија СДСМ е дека за време на новите мандати на Стево Пендаровски и Димитар Ковачевски Северна Македонија ќе стане рамноправна членка на Европската унија.

Во однос на локалната политика, од партијата најавуваат низа мерки кои опфаќаат повеќе сектори.

„Во новата програма СДСМ ја зголемува поддршката за земјоделците. Ако од 2020 до 2024 година исплативме 560 милиони евра во директни плаќања, за периодот од 2024-2028 година вкупниот буџет ќе го зголемиме на 750 милиони евра за земјоделците“, изјави Ковачевски.

При една од посетите на македонските компании, претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вети и дека по изборите доколку го освои вториот мандат поддршката на компаниите ќе продолжи – односно „досегашните 100 милиони евра ќе се зголемат за најмалку 50 насто за да можат фирмите што повеќе да инвестираат и да се развиваат“.

На партиската трибина во Струмица, Ковачевски вети и повисоки плати и пензии.

„Просечната плата ќе биде 1.000 евра, а минималната 600 евра. Пензиите ќе продолжат да растат и не само што нема да имаме веќе ниту еден пензионер под праг на сиромаштија, туку пензиите ќе бидат достоинствени и далеку повисоки. Истовремено работиме и на решение за воведување на минимална пензија“, изјави Ковачевски.

На иста линија со Ковачевски е и вицепремиерот и потпретседател на СДСМ Фатмир Битиќи, според кој ова ветување се должи на направени анализи за зголемување на продуктивноста, за недостигот на работна сила и подобрување на конкурентноста.

За економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ од Институтот за економски истражувања во Виена ваквите ветувања се нереални.

„ Добро е позната изреката дека најмногу се лаже после риболов и за време на избори, и тоа е она што се случува сега. Двете најголеми партии се расфрлаат со ветувања, како и при секои избори, ама бидејќи луѓето одамна не им веруваат, сега мора да понудат нешто фантастично, за луѓето воопшто да им обрнат внимание. Што се однесува до СДСМ и нивното ветување за плата од 1000 евра, тоа е копија на она што го прави Вучиќ во Србија. Тој ветува плата од 1.400 евра, тие од 1.000. За да се случи тоа, треба платите да пораснат 50% за 4 години, или околу 12% секоја година, што нема шанси да се случи, затоа што инфлацијата значајно забави“, смета Јовановиќ.

ВМРО-ДПМНЕ со проекти за економија, образование, здравство

Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски даде јавен збор дека борбата против криминалот и корупцијата ќе биде главниот приоритет на идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Зголемени пензии ветуваат и од ВМРО-ДПМНЕ и тоа уште во првата година од евентуалното освојување на власта.

„Со добро менаџирање и домаќинско работење ќе дојдеме до ситуација на пензионерите веќе во првата година да ги зголемиме пензиите. Она што го разговаравме со лидерот Мицкоски е дека можеме да дадеме зголемување од 5.000 денари на сите пензионери подеднакво. Ова е ветување што ќе го исполниме“, изјави техничкиот министер за труд и социјална политика Диме Велковски.

За да се оствари линеарното покачување на пензиите, на ВМРО-ДПМНЕ ќе му требаат 300 милиони евра годишно, пари за кои економистот Јовановиќ вели дека нема од каде да се најдат, бидејќи партијата не поддржува воведување на прогресивен данок.

„Ако дојдат на власт, ветувањето веројатно ќе го ублажат, ќе кажат дека покачувањето ќе биде за 4 години, што практично не е никакво покачување, туку е само усогласување за инфлацијата“, вели Јовановиќ.

ВМРО-ДПМНЕ ветува и реформи и нов развоен модел со инвестиции во основното, средното и високото образование.

Лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, пак, во рамки на партиската дебата на тема „Нов концепт за развој на образованието“ најави влез на Универзитетот Св. Кирил и Методиј (УКИМ) на Шангајската листа на 1.000 најдобри универзитети во светот. Воедно, Мицкоски рече дека „одлучиле да предложат повисоки плати за сите наставници кои ќе имаат трудови со импакт фактор“.

„За да се биде на Шангајската листа има два столба. Едниот столб е обврска на државата и со тоа идната влада на ВМРО-ДПМНЕ треба да се позанимава сериозно. Тоа значи државата да обезбеди околина, услови за научно функционирање, опрема и слично. Тоа е дел и обврска на државата, но обврската за наставниот кадар е да објавуваат трудови индексирани со висок фактор на влијание. Нашиот највисок рангиран е Универзитетот Св, Кирил и Методиј и тој е нешто под 2.000 место и ние сакаме да имаме наука, тоа не е можно. Наука не може во вакви услови“, рече Мицкоски.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска изјави дека во партиската програма предвиделе буџет кој ќе опфаќа 1% од БДП само за наука, покрај другите гранки во образованието.

Зборот реформа не е магичен збор

Според поранешниот ректор Велимир Стојковски, зборот „реформа“ не е магичен збор кој што сам по себе ќе ги реши сите проблеми. Смета дека без сериозно вложување во научно-истражувачката работа не може да се очекуваат резултати. Стојковски напоменува дека се што е досега постигнато е благодарение само на пожртвуваноста на професорите и нивното учество во проекти финансирани од различни истражувачки фондови и програми. Но, за него тоа не е системско решение.

„Без оглед на тоа што во последниве години имаше обиди за симплифицирање на процесот и начинот на рангирање, сепак тоа е комплексен процес кој не мора и не треба сите да го разбираат, но секако, тоа не важи за тие што ги водат институциите и тие што носат реформи. Силното финансирање на науката е повеќе од неопходно, но која било реформа самата по себе нема да биде доволна за подобрување на позицијата на македонските универзитети на светските ранг листи. Затоа треба прво да профункционираат сите предвидени тела со Законот во високото образование, да се анализираат ефектите од нивното функционирање, да се воведат системски решенија, а потоа евентуално да се размислува за измени или реформи, доколку за тоа има потреба“, вели Стојковски.

Официјалните програми на политичките партии се уште се работат и се очекува да се промовираат пред јавноста пред почетокот на кампањата

Кампањата за претседателските избори на 24 април почнува на 4 април и трае до 22 април, кога почнува предизборниот молк кој трае до 24 април. Изборната кампања за парламентарните избори почнува на 18 април и ќе трае до 6 мај.

Извор: Радио Слободна Европа 

Related posts

Хил: Србија се врти кон Западот, прашањето е дали да му се верува на Курти

admin

Викал „Алаху Акбар“ додека се обидувал да ја отвори вратата од авионот среде летот

admin

Даути: Ни треба долгорочна стратегија за заедно да ја развиеме државата

admin

Едни „работеле“, други замижувале

admin

Најновиот стелт-бомбардер е нуклеарен и само што го направи својот прв лет

admin

НА МАКЕДОНИЈА И ТРЕБА ВОДСТВО А НЕ РЕФЕРЕНДУМ

admin