8.8 C
Скопје
24 април, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕГИОНРЕПУБЛИКА

Студија: Балканските народи се генетски слични!

Секој народ на Балканот тврди дека е најстар. Оригинална верзија. Но, дали е навистина така? Неодамна објавена студија открива сличности меѓу балканските народи, за што пишува весникот „Ноје Цирхер Цајтунг ам Зонтаг“, пишува Дојче веле.

„Адам и Ева биле Срби. Или Хрвати. Дефинитивно Албанци, Бугари или Бошњаци. Постои едно прашање за кое денешните балкански народи се согласуваат: Секаде преовладува верувањето дека баш тој еден, сопствен народ, е најстариот народ во јужна Европа“. Со овие реченици започнува текстот објавен минатиот викенд во весникот Ноје Цирхер Цајтунг ам Зонтаг. Напишан е од Аделхајд Вeлфл, дописничка на весникот од Сараево, а ние го пренесуваме речиси во целост:

„Ставот дека заедничкиот етнички идентитет, заснован не само на култура, јазик или религија, туку и на биолошко потекло е, исто така, широко распространет. Овој етно- или ‘генетски национализам’ беше една од причините за крвавите 1990-ти години и граѓанската војна меѓу републиките на поранешна Југославија. Начинот на размислување беше: Бевме први овде, вредиме повеќе од другите, а ние сме сосема различни, затоа можеме да доминираме со другите и да ги истераме. Или се тврди дека останите всушност доаѓаат од сопствена етничка група, а таа е оригинална. Ова размислување е широко распространето и денес.

Српскиот новинар, кој подоцна стана министер за семејство и демографија, Ратко Димитровиќ, во 2018 година објасни дека Србите, Хрватите, Бошњаците и Црногорците се од исто потекло: сите се Срби. ‘Не е тешко да се признае вистината. Не боли’, напиша тој на Твитер. Според него, другите етнички групи се всушност Срби кои едноставно го предале своето српство.

Поранешниот хрватски министер за образование, доктор и генетичар, Драган Приморац, смета дека ‘повеќе од три четвртини од денешните Хрвати се потомци на старите Европејци кои живееле во последното ледено доба пред 20.000 години во областа на денешна Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина’.

Резултати од научната студија

Тие приказни се научна глупост, како што докажува и новата студија од Харвард. ‘Ако ми дадете ДНК од некоја личност и треба да ви кажам дали таа личност е Хрват или Србин, би било исклучително тешко. Хрватите, Србите и другите се културни поими, но тие не одразуваат многу стара диференцијација во нивната демографско-генетска историја’, вели археогенетичарот Ињиго Олалде, еден од авторите на студијата ‘Генетска историја на Балканот од римската граница до преселбата на Словените’, која беше објавена во декември.

Во студијата, се анализирале податоци од ДНК на 146 скелети на луѓе кои живееле во првиот милениум од новата ера и биле ископани од 20 различни локации на Балканот – во Хрватска, Србија, Северна Македонија, Бугарија, Романија, Грцијаи во Албанија.

Резултатите го откриваат следното: прво, генетскиот фонд на сите овие индивидуи е сличен, и второ, речиси е идентичен со генетскиот базен на денешните Југоисточни Европејци. ‘Без оглед на современите национални граници, населението во нашата област на проучување е обликувано преку слични процеси на миграција и промени’, вели Олалде. Ова сугерира дека важните демографски настани кои придонеле за формирање на денешните групи се случиле веќе околу 1000 години пред новата ера.

Миграциските текови може да се следат и преку ДНК. Помеѓу 250 и 550 година од новата ера, луѓето од централна и северна Европа и од Понтско-касписката степа пристигнале во југоисточна Европа. По завршувањето на римското владеење, односно помеѓу 6 и 10 век, од североисточна Европа доаѓале сè поголем број мигранти кои зборувале словенски. Според студијата, нивната ДНК денес може да се најде кај 30 до 60 отсто од населението на Балканот. Овие мигранти не ги замениле луѓето кои живееле во регионот за време на бронзеното или железното време, туку се помешале со нив.

Генетскиот материјал на луѓето од железното и бронзеното време може да се најде кај околу 22 отсто од денешното население, а генетскиот материјал на предците од Западна Анадолија во околу 23 отсто, вели Олалде во интервју за НЦЦ ам Зонтаг.

Генетиката како причина за поделби и расизам

Прашањето е дали студијата ќе го најде својот пат и до свеста на пошироката јавност на Балканот. Затоа што овде некои ‘научници’ придонесуваат за националистичка и расистичка историографија. Во Хрватска тоа беа теориите на Фрањо Рачки. Тој тврдеше дека ‘Хрватите’ за време на преселбата пристигнале во ‘делумно празна куќа’, па затоа не се мешале и дека сегашното население директно потекнува од доселеници што зборуваат словенски.

Флоријан Бибер, директор на Центарот за студии на Југоисточна Европа на Универзитетот во Грац, вели дека критичкото мислење за поделбата на етнички групи не е широко распространето. „Има многу повеќе прочистени историски наративи кои ги занемаруваат примесите и врските“, вели Бибер.

Радикалната десничарска политичарка од босанските Срби, Билјана Плавшиќ, поранешен потпретседател на псевдо-републиката Република Српска, околу 1993 година изјави дека таа и другите српски националисти не биле во можност да преговараат со муслиманите поради генетски причини.

‘Тоа беше генетски деформиран материјал кој го прифати исламот. И сега, се разбира, станува сѐ повеќе концентриран со секоја наредна генерација. Станува сѐ полошо и полошо. Со векови, гените продолжија да пропаѓаат’, вели овој биолог. Босанските Срби биле етнички и расно супериорни во однос на босанските муслимани, сметаше таа.

Археологот Марио Гаврановиќ од Австриската академија на науките предупредува на псевдонаучната теорија за потеклото што се користи за пропагандни цели и истакнува дека оваа расистичка идеологија се шири и денес.

Нема генетска основа за разликите

На пример, српското здружение ‘Потекло’ собира примероци од ДНК да му влезе во трага на ‘српското наследство’. Од ‘Потекло’ тврдат дека ‘Србите’ сигурно не се помешани со ‘турска крв’. Од истоименото црногорско здружение тврдат дека ‘Србите’ имаат сосема различни гени од Албанците.

Една од распространетите идеи е дека Србите, Хрватите и Бошњаците потекнуваат директно од доселените ‘Словени’ од североисточна Европа во една линија и без мешање со другите. Некои Албанци веруваат дека се директни потомци на Илирите, некои Грци веруваат дека потекнуваат од античките Грци. Зовриена мешавина од суеверие, расизам и надмоќ.

‘Нема генетска основа за разликите меѓу етничките групи’, нагласува Нарис Појскиќ од Институтот за генетско инженерство и биотехнологија на Универзитетот во Сараево, мирен човек кој вели дека на крајот на 19 век, Австриецот Аугустин Вајсбах се обидел со ‘мерење на обемот на главата’ да утврди дали има разлика помеѓу православните, католиците или муслиманските Бошњаци, Вајсбах не нашол ниту една.

‘Сите ние припаѓаме на ист генски базен. Секогаш длабоко во себе знаевме дека нема разлика’, вели Појскиќ. Десничарските идеолози кои сепак тврдат дека групите се биолошки различни ќе го игнорираат истражувањето на ДНК, вели тој.“

 

Related posts

Курти со план од пет точки за смирување на тензиите на северот

admin

ДРЖАВАТА ЌЕ МОРА ДА ГИ ПОКРИЕ ДЕЛ ОД ДОЛГОВИТЕ ЗА СТРУЈА

ninja

Титоизам за секаква употреба против РСМ

admin

Власта со Буџетот ветува повисоки плати, синдикатите гледаат кратење

admin

ДКСК со иницијатива да се укине “балснсерот”

admin

Мицкоски за „Политика“: Граѓаните нека бидат мирни, остануваме на ставот против уставните измени

admin