7.8 C
Скопје
2 декември, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Трнлив пат на жените до рамноправност и сигурност

Иако има напредок, жените сè уште се соочуваат со безброј бариери и родова дискриминација. Мал процент на жени се на раководни функции, а не е лесен ниту нивниот пат за пробивање во политиката и другите јавни функции.

Жената, нејзиниот глас и нејзините права мора да се почитуваат. Женските права се важни, секој ден, во секој сегмент од живеењето. Во период кога се водат интензивни политички, економски и социјални преговори, правата на жените не се за преговарање. Има црвени линии кои не смеат да се преминат. Ова се пораките испратени на Меѓународниот ден на жената – 8 Март, кој со низа настани посветени на економската, политичката и општествената борба за рамноправност на жените се одбележува и во Северна Македонија.

Иако има напредок, жените сè уште се соочуваат со безброј бариери и родова дискриминација. Статистиката покажува дека сè уште е мал процентот на жени на раководни функции, а не е лесен ниту нивниот пат за пробивање во политиката и другите јавни функции. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека од вкупниот број работодавачи во 2021 година, само 19 проценти биле жени.

Покрај честото укажување за родова нееднаквост и прекршување на женските права во институциите, загрижувачка е и појавата на детски бракови – коишто се последица на вкоренетата родова нееднаквост.

Родовите политики да не бидат празно слово

Статусот, положбата и улогата на жените е јасен показател за степенот на демократијата во едно општество. Доколку сакаме да живееме во вистински демократско општество мора да ги земеме предвид потребите на сите граѓани во креирањето, носењето и спроведувањето на политиките, вели претседателот Стево Пендаровски. Според него, тоа подразбира здрав амбиент во кој жените ќе бидат вклучени, а не исклучени од политичките процеси и гарантирање на буџет со цел родовите политики да не бидат празно слово, туку реално да се спроведуваат во пракса.

„На тој пат мора уште посилно да продолжиме да се бориме за справување со бариерите со кои се соочуваат жените кога влегуваат во јавниот живот. Да ги охрабриме жените претприемачи, жените во политиката и жените на раководни позиции. Да обезбедиме рамноправна валоризација на нивниот труд и еднакви плати меѓу мажите и жените. Да ја прекинеме родовата супресија и насилство, коишто освен физички, уште повеќе се изразени преку систематското игнорирање и маргинализирање на општествената позиција на жената“, вели Пендаровски.

За секоја жена да се чувствува безбедна и сигурна во семејството, на работното место и во општеството, не смее да има преседани во задоволување на правдата за жените жртви на родово-базирано насилство. Само така ќе се овозможи политичко и економско јакнење на статусот на жените, социјална правда и остварување на нивните уставно-загарантирани права и слободи.

Родова дискриминација во повеќе области

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација укажува дека родовата дискриминација е сеприсутна реалност на македонските жени во повеќе области. Како заштитник на човековите права и борец за остварување на еднаквост на жените, Комисијата потсетува дека има донесено две општи препораки. Едната општа препорака се однесува на родовата дискриминација во затворскиот систем, во кој жените немаат можност на ист начин како и мажите да прогресираат во установи од полуотворен и отворен тип, бидејќи за жените-затворенички е достапен само КПУ „Идризово“, кој функционира како установа од затворен тип.

Другата општа препорака се однесува на измени на Законот за здравствено осигурување, со кои би се решил проблемот на интерсекциската и продолжена дискриминација кон жените од руралните средини во остварување на правото на платено породилно отсуство и отсуство поради боледување.

Но, со жалење се констатира дека овие препораки не се спроведени, со што одговорните институции овозможуваат опстојување на родовата нееднаквост и прекршување на женските права.

Во изминатот период, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, во 65 случаи има утврдено дискриминација врз основа на род, пол и родов идентитет, а во 46% од случаите е утврден потежок облик на дискриминација.

Жените, а особено бремените жени, се соочуваат со родова дискриминација на пазарот на труд, од една страна, поради родово несензитивното законодавство во областа, а од друга, поради опстојување на родовите норми, според кои, жените треба да ја имаат клучната улога во грижата за домот, децата и постарите членови на семејството. Неплатениот женски труд во домот и во земјоделството се форми на родова дискриминација и трудова експлоатација за кои треба да се донесат соодветни политики и мерки. Во областа на медиумите и јавното информирање, жените, а особено трансродовите жени се изложени на вознемирувачки и сексистички говор, сексуално вознемирување и повреда на приватноста. Сѐ почестата употреба на овој говор се должи на засилени активности на иницијативи против родовата еднаквост, чиј пораст се бележи и на европско и на светско ниво.

Поради тоа, се укажува дека е неопходно унапредување на законодавството, преку регулација на онлајн медиумите и социјалните мрежи и зајакнување на капацитетите на органите за прогон за казнување на сторителите на кривичното дело „сексуално вознемирување“ и „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“.

Да се стави крај на детските бракови

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани на Меѓународниот ден на жената, повикува на поголема акција за да се стави крај на детските бракови.

Иако оваа штетна пракса значително се намали во последната деценија, детските бракови и понатаму претставуваат проблем за девојчињата во Северна Македонија. Осум отсто од сите жени на возраст од 20 до 24 години во земјата се омажиле или почнале да живеат во заедница пред 18-годишна возраст. Уште позагрижувачки е што, 45 отсто од жените Ромки на возраст од 20 до 24 години во земјата, биле мажени или живееле во врска пред 18-годишна возраст и 15 отсто жени од истата група, биле мажени или живееле во врска пред 15-годишна возраст.

Според ДиЏовани, детските бракови ги лишуваат девојчињата од детство и имаат штетни последици по нивното здравје и економски изгледи. Штетно влијаат врз развојот, пристапот до училиште и нивниот севкупен квалитет на живот. Кај девојчињата кои се мажат пред 18-годишна возраст, веројатноста да станат жртви на семејно насилство е поголема, а веројатноста да останат на училиште – помала. Честопати тоа е тесно поврзано со раѓањето деца на рана возраст, со зголемен ризик од компликации за време на бременоста и породувањето.

Иако законскиот праг за стапување во брак во Северна Македонија е 18-годишна возраст, постојат исклучоци децата да стапат во брак со наполнети 16 години, но, со одобрение од судот.

Марш за женски права

Во Скопје денеска ќе се одржи Марш за женски права. Маршот ќе почне во 17 часот од Плоштадот „Скендербег“ под слоганот „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање!“. Од Платформата за родова еднаквост информираат дека осма година по ред маршираат за да потсетиме дека женските права се важни, секој ден, во секој сегмент од живеењето.

„Повлекуваме црвени линии за нашите здравствени, образовни, работнички, културни, политички и економски права. Затоа што сите ние мора да имаме загарантирани еднакви права и можности – еднаков пристап до здравствени услуги без да биде загрозена нашата автономија, достапност на бесплатни гинеколошки прегледи во секој град и во секое населено место, менструални и хигиенски продукти, достојни болнички услови и лекарска експертиза, еднакви плати за иста работа, вклученост во донесувањето на одлуки, безбедност на работното место, вреднување на неплатениот домашен труд, живот без насилство, независност и сигурност – во сите сегменти од живеењето“, велат од Платформата за родова еднаквост. /DW

Related posts

ВУЧИЌ ПО СРЕДБАТА СО КУРТИ ВО БРИСЕЛ – ИМАВМЕ ТЕЖОК СОСТАНОК

ninja

ВМРО-ДПМНЕ: Макрон ги потврди нашите ставови

admin

Србија е Запад, Хил: Се согласувам

admin

11 Октомври – Ден на народното востание на македонскиот народ

admin

Џејмс О`Брајен: Украина би можела да победи со помошта од ЕУ и САД

admin

Зеленски бара повеќе авиони да се борат против руските воздушни напади

ninja