20.8 C
Скопје
19 јули, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Извинувањето е доблест, но ретко се слуша

Не е страшно да погрешите, но е доблесно да се извините за грешката – потпретседателот на СДСМ Стефан Богоев посочува за што им се извинуваат на граѓаните.

Извинете, згрешивме! Ова е реченица која ретко се слуша, особено не пред избори – период кога партиите „по правило“ се најдобри, најуспешни, највизионерски и секако – непогрешливи. Но, исклучоци сепак постојат. „Извинете, згрешивме!“ е насловена колумната на потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев, објавена во неделникот „Фокус“ (28.3) и пренесена на веб-страницата на СДСМ.

И самиот вели дека колумната за многумина можеби ќе биде чудна, несекојдневна, на моменти можеби двосмислена, но е искрена и вистинита. Ја започнува и завршува со „извинете“, збор чија употреба, според него, станала реткост во македонско секојдневие, а во политиката речиси никогаш.

„Драги сограѓани и пријатели, извинете, згрешивме! Згрешивме како власт во повеќе наврати и ситуации. Велат, кој работи некогаш и ќе погреши, па намерно или ненамерно и ние сме луѓе и знаеме да згрешиме“, посочува Богоев, наведувајќи дел од грешките.

„Како што  згрешивме со пасошите  или со вакцините, да, згрешивме со некои кадровски одлуки кои разочараа и не ги исполнија очекувањата на граѓаните. Згрешивме што понекогаш премногу допуштавме на коалициските партнери. Згрешивме, што иако сакајќи искрено, не успеавме сѐ уште да го реализираме  автопатот Кичево – Охрид  кој во самиот свој зародиш беше криво насаден од вмровскиот проект. Згрешивме што не успеавме до крај да ја истераме правдата на Шарената револуција, иако имаме двајца поранешни министри за внатрешни и двајца поранешни директори на ДБК во затвор. Згрешивме што не успеавме поради кризата сѐ уште да изградиме  нов клинички центар во Скопје.  Има и други работи кои можеби ги испуштам, а сме ги погрешиле, но и некои кои не зависеле од нас како Ковид и светската енергетска и безбедносна криза (…) Успеавме да го средиме студентскиот ‘Гоце Делчев’, да ги започнеме реновирањата и на останатите, да зголемиме стипендии, но не успеавме да изградиме Студентски град. Студенти, згрешивме, извинете!“, порачува Богоев.

Извинување – што беше тоа?

Извинувањето од политичарите е толку ретка пракса во македонското секојдневие, што граѓаните ни на прстите од едната рака не можат да избројат такви примери. Новинските архиви изобилуваат со примери од политичката пракса каде за одредени грешки во постапки или избор на кадри се користат фразите „се оградуваме од него/од постапката“, „мислевме дека има потенцијал“, но извинувања – нема.

Во мини анкета на ДВ – разговор со триесет случајни минувачи (над 50 години), дури 18 воопшто не можеа да се сетат на случај во сегашноста и минатото, кого политичар за нешто се извинил во јавноста. Десет го посочија примерот со поранешниот премиер и поранешен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, кoj и` се извини на македонската јавност затоа што го предложиле Борис Трајковски за претседател на државата, а двајца посочија дека слушнале/прочитале дека претстедателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, јавно се извинил што ги повикувал граѓаните да гласаат за Данела Арсовска.

Згрешивме ли?

Извинувањето за грешките, често пати се користи и како контрапункт за да се изнесе пред јавноста она што е успешно реализирано. Тој пристап го користи и Богоев, со цел да ги потенцира успесите, но и разликата со опонентите. Во тој контекст поставува серија реторички прашања, како на пример, дали згрешиле што немале контрола врз медиумите како во времето на ВРМО-ДПМНЕ или што не го партизирале судството па сега има и функционери од власта кои одговараат пред судовите.

„Згрешивме ли што  влеговме во НАТО  и сме безбедни, а  не успеавме сѐ уште да влеземе во ЕУ затоа што ДПМНЕ го кочи процесот? Згрешивме ли што  МПЦ-ОА е сега црква признаена од сите? (…) Згрешивме ли што не договоривме партиски инструирани наставнички, доктори или шивачки на договорени прилози на телевизија да не фалат дека сме ја зголемиле минималната плата од 9.000 на 22.000 денари? Што не ги уценувавме земјоделците да доаѓаат на наши партиски митинзи ако сакаат да добијат субвенции, и згрешивме ли што ја зголемивме социјалната помош за 300%, а не ги уценувавме примателите да имаат партиска книшка за да ја добијат помошта? Згрешивме ли што ветивме 500, а стигнавме до  660 евра просечна плата во Македонија?“,  набројува потпретседателот на СДСМ, за на крајот повторно да заврши со ‘извинете’: Извинете, зарем повторно сакате режим на ДПМНЕ на власт?“

Не признавај, не се извинувај

Според психолози, има разлика во однесувањето на луѓето на ракводни позиции во политиката и во деловниот свет. Додека во деловниот свет повеќе се ценат луѓе на раководни позиции кои ги признаваат своите грешки, бидејќи тоа станува модел за однесување и на нивните следбеници и е чин на храброст, во политиката е наметната перцепција дека признавање на грешките може да се доживее како „слабост“ на политичарите. Оттука, и нивните евентуални „извинувања“ (и на глобално ниво) најчесто се од типот – „извинете што затекнавте катастрофална состојба предизвикана од нашите претходници“, односно извинување за туѓа, а не своја грешка.

Иако пристапот „не признавај, не се извинувај“ се смета за погрешен пристап, сепак тоа фаќа корен кај граѓани/гласачи, кои сакаат да веруваат во проекција за „непогрешливи личности“. За такви ги сметаат оние што манифестираат висока самодоверба, односно никогаш не се правдаат за грешките и не објаснуваат. Од тие причини дел од граѓаните и не се впуштаат во анализа колку е невтемелена таквата самодоверба кај политичарите кои не признаваат грешки, дури и кога постојат институционално потврдени сознанија дека ги сториле.

 

Извор: Дојче Веле

Related posts

ИЗБРАНИ НОВИТЕ МИНИСТРИ, ОСТАНУВААТ УШТЕ ЗАМЕНИЦИТЕ

ninja

Пронајдена дрога во Ѓорче Петров, приведен дилер

admin

Политико: Србија се сврте кон својот долгогодишен сојузник Русија

admin

Здравството на протест за повисоки плати

admin

Се иселиле млади колку едно Куманово: Населението во државата сѐ повеќе старее

admin

ВЕСЕЛА МАТЕМАТИКА СО ЕВРООБВРЗНИЦАТА

ninja