Конститутивната седница трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на негов претседател.
Во салата Македонија и со четири точки на дневниот ред, утре (28.05) во 11 часот треба да почне конститутивната седница на Собранието на Република Северна Македонија, кога во пратеничките фотелји ќе седнат новите народни избраници. Прва точка е избор на претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието, а потоа следи верификација на мандатите на пратениците. Трета точка е предлог за избор на претседател, заменик на претседателот, членови и нивни заменици на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, и четврта – избор на претседател на Собранието на Република Северна Македонија.
Според членот 9 став 6 од новиот Деловник на Собранието, конститутивната седница трае најмногу три дена, а Собранието е конституирано со изборот на негов претседател.
Научена тешка лекција
Изгледа едноставно, но не беше така по изборите во декември 2016 година. Во Деловникот тогаш не беше предвиден рок колку долго може да трае седницата за избор на претседател на Собранието, па прашањето стана предмет на различни толкувања, но пред сѐ, на бесконечни блокади и опструкции. Таа недореченост доведе до ситуација првиот избор на Талат Џафери да се претвори во една од најдраматичните ситуации на земјата. За потсетување, конститутивната седница на Собранието започна на 30-ти декември 2016 година, но беше прекината, а продолжи на крајот од март. Имаше 21 продолжение, за на крајот да го доживее „крвавиот четврток“ на 27-ми април 2017 година, кога беше извршен упад во Собранието, откако пратениците од новото мнозинство решија да гласаат за нов претседател на законодавниот дом. Со процес кој траеше 152 дена, таа стана најдолгата конститутивна седница во историјата на парламентот, но и поука за Собранието.
Со новиот Деловник, усвоен во ноември 2023 година, кој е резултат и на повеќегодишна работа на учесниците во Дијалогот „Жан Моне“ на Европскиот парламент со Собранието, е предвиден прецизен рок колку може да трае седницата за избор на претседател на Собранието, прашање кое не беше уредно претходно. Со него се спречува можноста од произволно толкување и примена на одредбите и се оневозможува попречување на работата и функционалноста на Собранието и неговите работни тела.
Најмногу три дена
Конститутивна седница се одржува најдоцна 20 дена по одржаните избори, а ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав. Решението за свикување на конститутивната седница на Собранието со посочениот дневен ред, на 23-ти мај беше потпишано од претседателот на Собранието, Јован Митрески.
Според Деловникот „до изборот на претседател на Собранието со конститутивната седница претседава најстариот по години пратеник“. Меѓу новоизбраните, највозрасна што добила пратенички мандат е Мерита Колчи Коџаџику. Ако највозарасниот пратеник не е во можност да претседава со седницата, тоа право преминува редоследно на наредниот највозрасен избран пратеник.
Според новиот Деловник, конститутивната седница на Собранието трае најмногу три дена. Собранието може да се конституира ако на седницата присуствуваат мнозинство на избраните пратеници. Откако ќе се утврди кворумот, се избираат претседател и членови на Верификационата комисија на Собранието, на чиј предлог Собранието го верифицира мандатот на пратениците. Врз основа на извештајот на Државната изборна комисија за избор на секој пратеник, Верификационата комисија на Собранието му поднесува писмен извештај со предлог за верификација на мандатот на секој пратеник одделно. За извештајот на Верификационата комисија се води единствен претрес, кој не може да трае повеќе од еден ден. Гласањето по извештајот се врши по завршување на претресот, а најдоцна до 24 часот.
И за избор на претседател на Собранието се води единствен претрес, кој не може да трае повеќе од еден ден. Гласањето за избор на претседател на Собранието се врши по завршување на претресот, а најдоцна до 24. Кандидат за претседател на Собранието може да предлага Комисијата за прашања на изборите и именувањата или најмалку 20 пратеници.
Кој ќе го води Парламентот?
По минатонеделното прегласување на седум избирачки места, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ останува со 58 пратеници, Вреди доби еден мандат плус и сега има 14 пратеници, Коалицијата на СДСМ останува со 18 мандати, Европскиот фронт предводен од ДУИ загуби еден мандат и сега има исто така 18, а ЗНАМ и Левица имаат по 6 пратенички мандати. Државната изборна комисија денеска треба да одлучува по приговорот од Европскиот фронт за прегласувањето на Изборното место 2101 во село Ларце, во Општина Желино.
Она што до денес не е познато е како завршиле разговорите меѓу потенцијаталните партнери од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Вреди, во однос на кадровскиот избор за претседател на Собранието. Досега никој не ги потврди шпекулациите дека бил постигнат договор лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, да ја преземе функцијата претседател на Собранието. Ниту тој во во гостување на ТВ Аласт пред неколку дена не даде конкретен одговор.
„Нам ни беше важно Албанците да продолжат да вршат една од трите функции во државата и секако, бидејќи се знае кој ќе биде премиерот и шефот на државата, побаравме претседателот на Собранието да им припадне на Албанците. Договорот сè уште не е конечен, начелно се договоривме за некои позиции. Правилно е да се почека она што го договоривме со ВМРО-ДПМНЕ да помине на нашите партиски органи и верувам дека во законскиот уставен рок, а тоа е 28-ми мај, денот кога ќе се конституира парламентот, сите ќе имаме јасна претстава кој е заедничкиот предлог на коалицијата за претседател на парламентот“, рече Гаши. /DW