16.8 C
Скопје
9 октомври, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Дали големите ветувања ќе го станат здравството од постела?

ВМРО-ДПМНЕ во програмата, меѓу другото, вети 500 нови вработувања во здравството и 50 нови методи во првите 100 дена. Здравството е во хаварија, хируршките сали едвај функционираат, Онкологија е пред колапс…Министерот Таравари ги почна промените во ресорот со разрешувања и смена на директори.

 

Кога на 24 јуни неврологот Арбен Таравари по вторпат седна во министерската фотелја во ресорот здравство (кратко беше на истата функција и 2017) на маса доби пациент за реанимација. Вака лекари и здруженија на пациенти ја опишуваат моменталната ситуација во здравството на почетокот од мандатот на новата влада – која пак, вети ефикасен, ефективен и достапен здравствен систем чиј центар ќе биде пациентот, како што пишува во владината програма за работа што премиерот Христијан Мицкоски ја достави до Собранието.

„Речиси сме во хаварија во здравствениот систем, како и во повеќето институции во нашата држава. Кога нешто е во лоша и тешка ситуација, за мене секогаш е предизвик да се влезам и да се обидам да помогнам колку што се може“, рече Таравари на 18 јуни во интервју во емисијата „Топ тема“.

А хаварија се случува во континуитет: хируршките сали на Клинички центар повеќе од три месеци едвај функционираат и тоа им направи проблеми и на пациентите кои чекаа ред за операции и на другите болници кои треба да ги згрижат. Докторите и сестрите се исселуваат или одат во приватно здравство за подобри услови, поради што јавното здравство кубури со специјалисти и со медицински кадар. Недостатокот на медицински кадар е највидлив на Клиниката за онкологија во време кога рапидно се зголемува бројот на заболени од канцер, па пациентите со часови чекаат за терапија.

„Едвај одржлива е моменталната состојба во здравството. Здравствениот систем е затворен систем на врзани садови. Некаде, во дел од тој систем ако нешто не функционира како што треба, тоа не може да не се одрази на сите други врзани садови. Којзнае под површината уште колку проблематични ситуации постојат. Не само што на сите клиники не оди се мазно, туку тоа е така и во сите други здравствени установи“, рече Драган Даниловски, епидемиолог и поранешен министер за здравство, во интервју за Радио Слободна Европа.

Проблем што постојано тлее се и ниски плати, нерешен статус на вработените со договор на дело и на приватните специјализанти, болници кои се распаѓаат или почнати и недовршени, недостаток на лекови и низа други проблеми поради кои се незадоволни и здравствените работници и пациентите.

Дополнително, нов Клинички центар најавија неколку претходни влади, но ниту една досега не почна да го гради. Како алтернативно решение се предлага и спојување на клиниките во рамките на Клиничкиот центар во Скопје, што е ветување и од Владата на Мицкоски.

ВМРО-ДПМНЕ вети 500 нови вработувања и 50 нови методи во првите 100 дена

„Владата ќе изработи план за оптимизација на здравствениот систем и значителни вложувања за зајакнување на јавното здравство, вложување во кадровска екипираност, медицинска опрема и инфраструктура, континуирана едукација и пренос на знаење на медицинскиот персонал по најдобрите светски стандарди и нови методи…“, пишува во владината програма.

Во партиската програма на ВМРО-ДПМНЕ, пак, ветувањата беа поконкретни.

„Ќе иницираме постапка за 500 нови ургентни вработувања за здравствениот кадар со нерешен статус во првите 100 дена. ВМРО-ДПМНЕ, во рамките на економските можности на државата, ќе направи план за постепено и правично вработување на сите вработени во здравствените установи кои со години работат без решен работен однос“, пишува во програмата на ВМРО-ДПМНЕ.

Новиот министер за здравство делумно го исполни ветувањето од владината програма, дека ќе се укинат организациските (економски) директори на клиниките. Таравари во првите два дена разреши девет од 14 в.д. организациски директори – меѓу кои и Бесија Иљази од Клиника за токсикологија, чие разрешување го бараа дел од вработените на прес-конференција.

На останатите, Таравари им најави разрешување кога ќе се направат потребните законски измени.

Владата во програмата ветува и модернизација на болниците, набавка на нови и современи апарати, достапни и поевтини лекови, скрининг за малигни болести, навремена терапија за хронични, ретки и малигни болести, регионални болници, изработка на Национална здравствена стратегија, целосна дигитализација на здравствениот систем.

Таравари кажа дека негов фокус ќе биде јавното здравство, со оглед на тоа дека „Македонија има меѓу најлуксузните и најдобрите приватно организирани здравствени системи, додека јавното здравство е пред тотален колапс“, како што оцени пред да стапи на функцијата.

Големи ветувања, големи очекувања

Пациентите и здравствените работници очекуваат подобри услови и за лекување и за работа.

„Здравството е во хаос, но се може да се направи ако некој сака да прави и ако има расположение за соработка. Кај ретките болести главо станува збор за административни проблеми околу регистрација на болеста, тендерите и набавката на лековите, но тие се лесно решливи ако има цврста рака да ги води. Ние секогаш очекуваме подобро, а најчесто добиваме една десетина од тоа што го бараме. Но, се секој нов министер имаме одредени подобрувања, не стоиме на нула“, вели Весна Алексовска, претседателка на Здружението „Живот за предизвици“ за РСЕ.

Приватните специјализанти, пак, очекуваат да бидат во најавените нови вработувања во здравството. Станува забор за околу 400 приватни специјализанти, кои со години работат со нерешен статус и кои во април излегоа и на генерален штрајк.

„Сакам да бидам оптимист дека навистина ќе се реализираат нови вработувања и дека тие ќе се однесуваат и на нас. Имавме три барања (повисоки плати, здравствено осигурување и вработување) и досега ниту едно не е исполнето. Ќе бараме средба со новиот министер за здравство за да видиме какви се неговите ставови за нашите барања“, вели д-р Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант, за РСЕ.

Министерот за здравство е оптимист дека ќе ги пополни „дупките“ со кадарот во здравствените институции.

„Се надевам дека до крајот на годината ќе имаме огромен број на вработувања, посебно во секторот здравство“, изјави Таравари на 25 јуни, при што ги посочи приватните специјализанти и 1.200 вработени со договор на дело.

Новиот министер ги почна промените во здравството со смена на дел од досегашните директори во скопските клиники и болниците во внатрешноста. Премиерот Мицкоски на првиот работен ден ја посети и болницата во Штип и најави дека нејзината изградба ќе биде приоритет при инвестициите во здравството. Болницата почна да се гради во 2016 година, но и по осум години не е завршена.

Извор: Радио Слободна Европа

 

Related posts

МИСЛЕВМЕ ДЕКА НАПАД НА СУВЕРЕНА ДРЖАВА ЌЕ ГЛЕДАМЕ САМО НА НЕТФЛИКС, РЕЧЕ ОСМАНИ ЗА ВОЈНАТА ВО УКРАИНА

ninja

НАТО СО ОДГОВОР КОН РУСИЈА: ЌЕ ПЛАТИТЕ ВИСОКА ПОЛИТИЧКА И ЕКОНОМСКА ЦЕНА

admin

Каде и дали се изгуби ЕУ перспективата? Црвенковски песимист за евроинтеграциите, за Ковачевски е реално членството до 2030

admin

Личните документи со кодот МКД не се погрешни, НМК кратенката е за возилата

admin

Реслер – шеф на делегацијата на ЕП за односи меѓу ЕУ и РСМ

admin

Ескобар со ултиматум до Курти и Вучиќ: Имате уште два дена

admin