22.8 C
Скопје
16 јули, 2024
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Жените во политиката – слалом меѓу квоти и родови стереотипи

Сексистички коментари, мизогини наративи и родови стеротипи, ги обесхрабруваат жените да земат активно учество во политиката.

„Ти ли ќе бистриш политика, оди види да не ти загорел ручекот.“ „Машка рака треба да игра во политиката, женска во домот“. „Госпоѓо, што бараш во политика на твои години?“

Ваквите коментари се само дел од широкиот спектар родови стереотипи кои ги зајакнуваат традиционалните поими за родовите улоги и норми, и влијаат врз демотивирање и ограничување на учеството на жените во политиката. Начинот на кои се третираат политичарките, „количеството“ сексистички коментари упатени на нивна адреса, мизогините наративи, навредливите портретирања, потценувањето на нивните капацитети, обесхрабруваат и други жени да земат активно учество во политиката.

По секој изборен циклус одново се констатира дека одржувањето на предрасудите за улогата на жената во јавната сфера влијае врз нејзиното учество во политиката, особено на жените од помалите заедници. А и ако се охрабрат, нивните имиња тешко ќе се најдат на позицијата носителки на листи за избор на пратеници. Зошто?

„И етничките Албанци во Северна Македонија не се исклучени од добро познатиот балкански мачо-менталитет“, вели аналитичарот Џелал Незири.

„Сепак, кај нив мислам дека тоа најмногу доаѓа до израз. Жените претежно се поставени на кандидатските листи и се избрани за пратенички – само заради законската обврска. При нивниот избор најмногу се води сметка за нивната послушност и лојалност, а не на квалитетот на претставувањето. Да немаше законска обврска, прашање е дали ќе имаше една – две пратенички. Гледајте сега и наназад, колку има жени министерки. Нула, сите беа и се мажи. За жал, жените во политиката или пополнуваат квоти или се третираат како декор“, оценува Незири.

И „бомбите“ имале влијание

Според него, состојбата е последица на застарениот менталитет и перцепција за улогата на жената во општеството.

„Ако порано  дискриминацијата на жената  беше резултат на отсуство на можноста за школување на мајчин јазик, сега, после 30 години право на студирање на сите нивоа и со три универзитети – тоа е резултат на силата на традицијата и затвореноста“, оценува тој.

Односот кон жената го илустрира и преку друг пример.

„Само да се видат бројките како се дели наследството и сѐ ви станува јасно: на синовите им се остава целиот имот во наследство, а на ќерките буквално ништо. И тоа се сфаќа за сосема нормално долги години наназад. Дури и исламот како религија предвидува пофер пристап во овој поглед, при што вели дека на синот му следуваат две третини, а на ќерката една“, посочува Незири.

Смета дека традицијата е силна во поглед на перцепцијата на жената не само во политиката, туку воопшто во јавниот живот, а сексизмот е вистинскиот проблем со кој се соочуваат жените кои се обидуваат да изградат кариера.

„Кога сме кај политичките партии, стигмата е голема пречка за ангажман на жените кои поседуваат квалитет и имаат желба да бидат вистински вклучени во демократските процеси. Таа стигма стана уште повеќе проблем по објавувањето на прислушкуваните материјали, каде јавноста можеше да слушне како поединци ја преминуваа границата во нивната комуникација со нивните подредени од женски род. Тие скандали уште повеќе ги одвраќаа жените за помасовно вклучување во политиката, во демократските процеси, каде погласно и поодлучно можат да ги артикулираат нивните специфични потреби и интереси“, посочува нашиот соговорник.

Гордана Сиљановска-Давкова Северна Македонија
Гордана Сиљановска-Давкова првата жена претседателка на државата Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Анализата „Политичарките и медиумската пристрасност“ на Институтот за комуникациски студии покажува дека самото присуство на политичарките во медиумите е доволна основа за нивно стереотипизирање и дискриминација поврзана со традиционалните родови улоги и изгледот на жените.

„Тоа придонесува за нивно понатамошно објективизирање и дефокус од клучните политички прашања, ги зајакнува ставовите за традиционалните одговорности и задачи на мажите и жените и ги одржува предрасудите за улогата на жената во јавната сфера. Овие наративи не само што ги дискредитираат политичките достигнувања на жените, туку и ги обесхрабруваат другите жени да влезат во политичката арена, зацврстувајќи ја идејата дека нивното место не е во политиката“, се вели во истражувањето спроведено во периодот од март до мај 2024 година.

По сила на квоти

Жените кои ќе се охрабрат да влезат во политичката арена, често се поддржани само поради системот на квоти.

„Би рекла, самото постоење на квотите ‘за помалку застапениот пол’ во Изборниот законик, упатува дека во пристапот до високи политички функции постои нееднаквост по основ на пол. Квотите како инструмент се вид на позитивна, афирмативна мерка за ублажување на констатираната нееднаквост односно дискриминација во оваа сфера“, вели Весна Бендевска, актуелна потпретседателка на Собранието и поранешена претседателка на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.

„Кај нас сè уште на жените-политичарки се гледа како ‘наметнато’ законско барање, а не како на избор или политичка понуда заснована на компетенции, вештини или знаења. Сè уште опстојуваат предрасудите дека  традиционалната улога на жената  е да биде мајка и сопруга пред сè, а на нејзината потреба за развој на кариера во политиката се гледа како на отстапување од традиционалното и ‘непотребно’ отстапување од нормите. Во нашето традиционално општество,  политиката сè уште се смета за ‘машка професија’  во која одреден број жени ‘заради некои неприродни потреби и животни искуства’ сакаат да дејствуваат на тоа поле“, ја опишува состојбата Бендевска.

Потсетува дека според членот 7 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, нема да се сметаат за дискриминација мерките и дејствата што се преземаат со единствена цел да се отстрани нееднаквото уживање на човековите права и слободи сѐ додека не се постигне фактичка еднаквост на лице или група, ако разликувањето е оправдано и објективно, а средствата за постигнување на таа цел се пропорционални, односно соодветни и неопходни. Мерките и дејствата од ставот (1) на овој член се временски ограничени и се применуваат сè до постигнување на фактичка еднаквост на лица или група при уживање на нивните права.

„Ова значи дека сè уште трае потребата од законска регулација при креирање на листите за избор на советници и пратеници при изборот на советнички/пратенички, односно доколку не би постоела ваква законска одредба, би имале многу помалку жени на високи позиции“, посочува потпретседателката на Собранието.

Едукација од најрана возраст

Дел поранешни пратенички кои по звршувањето на мандатот сосема „исчезнаа“ од јавниот живот, не сакаат јавно да говорат за нивното искуство, со цел да не ги перпетуираат стигмите со кои се соочиле пред да бидат избрани, но и во текот на мандатот,  „со валкање“ на нивните имиња по социјални мрежи,  со  говор на омраза и родови стереотипи.  Врз основа на нивното искуство, уверени се дека тоа е клучната причина што многу жени не се охрабруваат да се вклучат во политиката.

Бендевска посочува дека вербалните, шовинистички и сексистички испади по социјалните мрежи и во некои медиуми, особено ги има за време на изборните кампањи.

„Се коментира возраста на жената-кандидат, изгледот, облеката, фризурата, начинот на кој се изразува и слично што не е случај кај мажите-кандидати. Жената-политичарка мора да покаже ‘двојно’ поголема толеранција и личен интегритет да се ‘одбрани’ од овие напади, за да допре до гласачите“, вели таа.

Смета дека премалку простор е оставен за промоција на еднаквоста и превенција и заштита од вакви напади.

„Едукацијата за еднаквоста меѓу половите мора да започне од најрана возраст, за да можеме да очекуваме период кога самото општество ќе увиди дека потребата од законските квоти веќе ја нема, односно во политиката ќе почнат да се избираат кандидати кај кои ќе се проценуваат знаењето, компетенциите и вештините, без разлика на полот“, порачува Бендевска.

Плус и минус

Иако годинава државата за првпат доби претседателка, застапеноста на жените падна на испит кај владата. По формирањето на новата влада, Платформата за родова еднаквост изрази сериозна загриженост за недоволната вклученост на жените на сите нивоа на управување.

Влада на С. Македонија Христијан Мицкоски
Застапеноста на жените падна на испит кај владата – само 3 жени имаат министерски позиции од вкупно 24 Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Имено, и покрај тоа што државата постигна пресвртница со изборот на првата жена претседателка на државата – достигнување за пофалба што Платформата го поздрави, моментумот за што пошироко вклучување на жените на високи позиции на влијание и одлучување се чини дека е во застој“, реагираа од Платформата за родова еднаквост. Оттаму потсетуваат дека претходната влада имала скромна 25% застапеност на жени на министерски позиции (во 5 од 16 министерства), а сега само 3 жени имаат министерски позиции од вкупно 24 или само 13%.

„Воведувањето квоти во 2002 година значително ја подобри застапеноста на жените низ годините, но бенефитите не се проширија на позиции кои не се регулирани со квоти, што укажува на постоечки системски предизвици за жените во политиката. Составот на актуелната влада забележува загрижувачки пад на политичкото учество на жените, што сигнализира регрес во полето на родова еднаквост во политиката“, реагираа од Платформата за родова еднаквост.

Според Незири, има потреба да се работи на едукација на младите за потребата од поголема вклученост на жената во јавниот живот, да се поттикне општеството за да се бори против стереотипите.

„Тоа е процес, но мора да се тргне со првиот чекор. Не можеме да кажеме дека имаме рамноправност, а само три од 24 министри да бидат жени. Ни треба европеизација на општеството и државата. Вкоренување на рамноправноста, како една од основните европски вредности, е неопходно за да се поправи оваа голема неправда кон жените. Треба ресетирање на колективниот менталитет “, вели тој.

Извор: Дојче Веле

Related posts

Епидемија на недоверба: Граѓаните разочарани од институциите, покажа новото истражување на ИКС

admin

Тасевски: Упадот во Контролата за летање е рамно на тероризам

admin

УСПЕХОТ НА „МЕКАТА МОЌ“ НА КИНА ВО МАКЕДОНИЈА

ninja

Нова пракса по измените на КЗ: Зошто застаруваат предмети?

admin

Тврдоглавиот Курти не ги исполнува барањата на САД и ЕУ

admin

ММФ: Над 70 проценти од оние кои ја напуштиле С.Македонија се образовани

admin