6.8 C
Скопје
12 ноември, 2024
Inbox7.mk
АНАЛИЗА

Пораките на Урсула фон дер Лајен

Пишува: Џелал Незири

Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, беше многу јасна во нејзината изјава дадена пред медиумите, посредбите со премиерот Христијан Мицкоски и претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова. Таа му порача на Скопје да ги спроведе обврските преземени од Францускиот предлог, кој беше усвоен во парламентите на РСМ и Бугарија. Инаку, нема ниту интеграција, ниту финансиски средства од Планот за раст на регионот, кој тежи повеќе од 6 милијарди евра.

Пред неколку дена, за време на посетата на Тирана, фон дер Лајен изјави дека конфликтите и несогласувањата меѓу земјите на Балканот се поттикнати од Русија за да го спречат европскиот интегративен процес на регионот. Со ова, таа испрати јасни пораки до Скопје и Софија дека секоја идна пречка во интегративниот процес ќе се смета за придонес кон целта на Русија.

Ноември 2023 година беше поставен како конечен рок за усвојување на уставните измени за вклучување на етничките Бугари во уставната преамбула, согласно Францускиот предлог, документ кој го отстрани бугарското вето за интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ. Ноември беше месецот кога заврши и фазата на скрининг, но главните македонски партии не постигнаа консензус, кој би обезбедил две третини од гласовите во Парламентот, неопходни за усвојување на уставните измени.

Одвојувањето на Албанија од Северна Македонија во преговорите е дополнителен притисок врз Скопје да не се занимава премногу со минатото, туку да гледа во иднината. За разлика од Северна Македонија, Албанија има три предности што можат да и’ овозможат побрз напредок кон европската интеграција: прво – го отвори Првиот кластер „Темели“ со веќе спроведена длабока реформа на судството, второ – нема отворени прашања со соседите, и трето – има широк политички консензус во однос на евроинтеграциите, според моделот на Хрватска или Црна Гора.

Последното проширување на ЕУ беше со Хрватска, кое се формализираше во 2013 година. Оттогаш има застој во процесот на проширување. Ова дополнително влијае на зголемување на евроскептицизмот. Не само што опаѓа поддршката за ЕУ, туку меѓу граѓаните на Северна Македонија се зголемува процентот на оние кои мислат дека земјата има алтернатива на интеграцијата во ЕУ. Речиси половина од граѓаните мислат дека друг сојуз би бил добра алтернатива на ЕУ.

ЕУ се подготвува за ново проширување, но овојпат во многу специфичен контекст на војната во Украина. Се очекува ЕУ да прими во своите редови 9 нови земји, вклучувајќи 6 земји од Западен Балкан, Украина, која моментално е во војна, Молдавија и Грузија.

Годината 2004 го одбележа најголемото проширување на Европската Унија, познато како „Големото интеграциско проширување“. На Унијата и се приклучија дури 10 земји од Централна и Источна Европа, момент на пресврт во демократизацијата на овој дел од континентот. Оваа интеграција истовремено успеа да ги оттргне тие земји од влијанието на Русија. Држави како Летонија, Литванија, Естонија, Полска, Унгарија, Чешка и Словачка во 2004 година успешно го завршија преминот од земји под советски режим во членки на ЕУ. Истата година и Словенија стана дел од ЕУ, која до 1991 година беше дел од југословенската федерација. Една година подоцна се случи следното проширување со земји исто така од советската сфера на влијание – Романија и Бугарија.

Додека Русија и Кина ги зголемуваат своите империјални амбиции во регионот на Западен Балкан, ЕУ веќе 11 години нема забележано ново проширување. Никогаш не било подолго време од проширување во историјата на Унијата. Сличен период на замрзнување на процесот имаше од 1986 – кога станаа членки Шпанија и Португалија – до 1995 година, кога клубот се прошири со Шведска, Австрија и Финска. Но, тоа замрзнување повеќе се однесуваше на волјата на аспирантите, отколку на неподготвеноста на ЕУ за проширување. Ако се земе предвид дека, најмалку, во следните пет години не се очекува проширување на Унијата, тогаш овој еклипс ќе биде најдолгиот во историјата на европските интеграции.

Но, овој регион со 6 држави и 18 милиони жители не треба да се потценува кога станува збор за дестабилизирачките капацитети што ги има. „Балканот произведува историја повеќе отколку што може да консумира“, рече Винстон Черчил, премиер на Велика Британија за време на Втората светска војна. Меѓу историјата и иднината, за среќа овој проблематичен регион е поттикнат да го избере второто: европската интеграција, како проект кој донесе мир, развој и благосостојба на повеќе од 500 милиони жители за повеќе од седум децении.

 

 

Related posts

За да се разбере што се случи на овие избори

admin

Силни светла и долги сенки од посетата на Брнс

admin

Меката моќ на Србија во Северна Македонија станува се посилна

admin

Османи и неподносливата леснотија на дилетантизмот

admin

ВИСТИНСКО ВРЕМЕ ЗА ПРЕБРОЈУВАЊЕ И ИЗЈАСНУВАЊЕ?

admin

ИМА ЛИ МЕСТО ЗА СТРАВ ОД ПТИЧЈИОТ ГРИП?

admin