На посебно загрижувачки начин беше извршено назначувањето на членови во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, реагираат од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Судскиот совет и Советот на јавните обвинители на седници одржани на 24-ти и 29-ти октомври назначиле членови во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, но наместо тие да бидат избрани од редот на судиите и јавни обвинители, како што налага законот, од двата совета си назначиле нивни членови во Управниот одбор на Академијата, реагира Коалицијата „Сите за правично судење“.
Оттаму потсетуваат дека согласно со членот 9 од Законот за Академија за судии и јавни обвинители, во Управниот одбор на Академијата, двајца члена се назначуваат од страна на Судскиот совет од редот на судиите, и двајца членови се назначуваат од страна на Советот на јавните обвинители од редот на јавните обвинители.
„Назначувањето беше извршено на посебно загрижувачки начин, бидејќи обата Совета, наместо да назначат судии и јавни обвинители, назначија членови на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители. Дополнително, назначувањето на членови на Управниот одбор на Академијата беше извршено на седница на Советот на јавните обвинители која траеше вкупно 11 минути, додека пак Судскиот совет назначувањето го изврши под точката ‘разно’ од дневниот ред. Покрај тоа, битно е да се напомене и дека пред точката ‘разно’ имаше две точки на кои беше исклучена јавноста, па така дискусијата и одлучувањето под точката ‘разно’ отсуствуваат и од јавно објавената снимка од седницата на Судскиот совет“, наведуваат од Коалицијата.
Но тоа не е единствениот проблем: одлуките биле донесени со отсуство на јасни аргументи и образложенија, а отсуствувал и каков било претходен процес за изразување на интерес на судии и јавни обвинители, прибирање на податоци, програми за работа и јавно презентирање на кандидатите за членови на Управниот одбор.
Судир на интереси
Таквото постапување на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители од Коалицијата го оценуваат како „исклучително загрижувачко“, бидејќи претставува и сериозен ризик од корупција и судир на интереси. Го посочуваат членот 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, кој забранува избрано или именувано лице истовремено да врши функција на член на орган на управување во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал.
„Оттаму, мора да се напомене дека членовите на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители се избрани и именувани лица, па така истите не можат да вршат функција во органи на управување како што е Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители“, посочуваат од Коалицијата.
Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), повикувајќи се на токму на овој член од Законот, во 2022 година дала упатство за постапување, во кое е наведено дека постои судир на интерес токму во вакви ситуации кога членовите на Судскиот или на Советот на јавните обвинители извршуваат и други јавни функции.
Акумулација на одлучувачка моќ
Друг аспект на судир на интереси кој се јавува во оваа ситуација, е тоа што Управниот одбор на Академијата има надлежност да одлучува по жалба и приговор на кандидатите на одлуките на Приемната и Завршната комисија во Академијата, кои ги изготвуваат конечните ранг листи на слушатели и на кандидати за судии и јавни обвинители. Со тоа, членови на Судскиот совет и на Советот на јавните обвинители ќе можат да одлучуваат за истите кандидати во секој од поставените филтри – прием на Академијата, завршување на почетната обука на Академијата, а потоа и за конечен избор на кандидатите како судии или јавни обвинители.
„Се поставува прашањето дали членовите на Советите како дел од Управниот одбор на Академијата може да одлучуваат по приговорите на кандидатите, а истовремено да одлучуваат и во рамки на Советите за избор на тие кандидати за судии или јавни обвинители, без тоа да претставува судир на интерес и акумулација на одлучувачка моќ?
Ваквиот начин на постапување од страна на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители е апсолутно неприфатлив доколку се има предвид членот 14 од Законот за Академијата за судии и јавни обвинители кој предвидува дека член на Управниот одбор на Академијата се разрешува од функцијата доколку постапи спротивно на прописите од областа на спречувањето на корупцијата и судирот на интереси“, наведуваат од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Спротивно со препораки од Оценската мисија на ЕУ
Во јавната реакција од Коалицијата ја истакнуваат сериозноста на ова прашање, но и ниската доверба на граѓаните во правосудниот сектор, која со ваквите одлуки уште повеќе се намалува. Особено по веќе дадените препораки и од домашната и меѓународната јавност за неопходноста од транспарентно и отчетно образложување на одлуките на телата и органите од судството.
Ваквиот начин на постапување од страна на двата Совета, го сметаат и за спротивен со дадените препораки од страна на Оценската мисија на ЕУ, во кои што меѓу другото се истакнува значењето на принципот на транспарентно и отчетно работење, со кој е неопходно членовите на Судскиот совет да даваат образложение на своите одлуки.
„Дополнително, препораките на Оценската мисија се однесуваат и на поголема вклученост на засегнатите страни во донесувањето на важни одлуки, па така, дадени се препораки и за јавно објавување на кандидатурите и програмите за работа на кандидатите за членови на Судскиот совет, јавни интервјуа итн. Ваквите препораки не треба да се толкуваат рестриктивно, дека се однесуваат само на Судскиот совет и само во поглед на избор и унапредување на судии, бидејќи се дадени во тој контекст, туку треба да бидат прифатени како минимални стандарди во работата на органите од судството. Во спротивно сме сведоци на ситуација каде членовите на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители можат да постапуваат со добра волја и свест само доколку постои изречна законска обврска и запретена последица за непридржување до одредбите, а со тоа воедно сме сведоци и на јасно демонстрирање дека истите немаат соодветен интегритет и капацитет да ги извршуваат нивните исклучително важни функции“, се вели во јавната реакција од Коалицијата „Сите за правично судење“.
Нов закон
Оценската мисија дојде да ја скенира работата на Судскиот совет по многу контроверзни одлуки и случувања во тоа тело во 2022 и 2023 година, и даде 40 препораки – краткорочни, среднорочни и долгорочни. Од нив, 17 се во доменот на Судскиот совет, а за другите 23 се нужни интервенции во Уставот и во законите што ја регулираат конкретната материја. Новата Влада сметаше дека за враќање на довербата во правосудството е потребно распуштање на двата Совета, но повика да слушне што повеќе предлози за реформи во судството. Дипломати и правни експерти сугерираа дека напорите за засилување на владеењето на правото не треба да бидат направени на начин кој би го нарушил принципот на поделба на властите, односно да не ги стават извршната и законодавната власт во надредена положба над судската. Извесно е дека распуштање нема да се случи. Според реформската агенда од Планот за раст, треба да биде усвоен нов закон за Судскиот совет во согласност со препораките на Оценската мисија и според мислењето на Венецијанската комисија, со рок за усвојување јуни 2025 година. /DW