Пратеничката Славјанка Петровска, во интервју за РСЕ вели дека пред опозициската партија стои сериозна обврска да се заврши изборот на раковдството. Таа вели дека нема амбиции да стане лидер на СДСМ.
“Не јас сакам да останам и ќе останам пратеник на СДСМ и ќе се залагам за се она што во рамки на предизборната кампања за Парламентарните избори го пропагирав, се залагав и го претставував пред граѓаните”, вели Петровска.
Таа додава дека имала многу забелешки во делот на изборниот процес за изборот на актуелниот лидер на партијата.
“Мислам дека е премногу рано да се каже дали се редовите консолидирани или јас повеќе би сакала тоа да го покажеме во јавноста. Ова сега е еден период во кој СДСМ е во фаза на избор на ново раководство кое следува по изборот на претседател на партијата.”, вели Петровска
Според неа, изминатиот период многу повеќе се зборуваше за состојбите во СДСМ отколку за тоа што се случува, дури и од кадровски аспект во Владата и генерално во ВМРО ДПМНЕ.
“Меѓутоа тоа веројатно ја прави СДСМ поразлична од партијата на власт односно партија со поголем демократски капацитет и добро е што јавноста има интерес за тоа што се случува во СДСМ и да речеме еве ќе го сфатиме како еден вид на позитивен притисок.”, вели Петровска.
Таа вели дека СДСМ има сериозна обврска, тоа не е само да го заврши изборот на раководството туку да спроведе и внатрешни процеси кои можеби нема толку да бидат од кадровски карактер.
“Јас мислам дека разните ставови и мислења кои се искажуваат па дури и се соопштуваат на социјални мрежи повеќе им е местото да бидат кажани во форумите внатре во партијата. Јас го разбирам можеби да речам определен револт или несогласувања на дел од членовите на СДСМ кои тие свои ставови ги искажуваат на социјалните мрежи и мислам дека тоа е еден од предизвиците со кои ќе се соочи новото раководство.”, вели Петровска.
“Јас како човек сум конструктивна и знам да ги определам кои се повисоките вредности, кои се повисоките цели и тоа не значи дека го променувам мојот став и моето мислење и можам да кажам дека со претседателот имам комуникација во рамки на таа која што треба да ја имам и како пратеник и како член на СДСМ. Не сум човек кој сака да прави проблеми меѓутоа мислам дека прашањата за кои сметаме секој еден од нас па вклучувајќи и јас дека се проблематични или би станале проблематични, дека таа е вистинската адреса на која треба да ги адресираме.”