Државно-владиниот и политички врв на Северна Македонија веќе му честита на Доналд Трамп за победата на претседателските избори во САД. Во честитките, упатени преку социјалните мрежи, се потенцира сојузништвото меѓу Вашингтон и Скопје и очекувањата дека соработката ќе се продлабочи со новата американска администрација, јави Гласот на Америка.
„Македонија како докажан пријател и партнер на САД ќе продолжи да ги поддржува американските и глобалните напори за мир, стабилност и безбедност, втемелени на потребата за правда, почитување на меѓународното право, на слободата и човечкото достоинство во светот. Уверена сум дека во периодот што следи нашето стратешко партнерство ќе биде унапредено и збогатено и дека САД ќе помогнат во исполнувањето на македонските стратешки цели“, напиша претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на Фејсбук.
Честиташе и спикерот Африм Гаши.
„Овој значаен момент ја одразува силата на американската демократија. Северна Македонија била и ќе остане силен сојузник на развојните и стабилизациските политики на Соединетите Држави. Непоколебливата посветеност на САД за безбедноста, просперитетот и евроатлантската интеграција на Северна Македонија беше и останува еден од клучните столбови на нашата надворешна политика и постојан извор на поддршка. Посакувајќи му успех во водењето на земјата и во реализацијата на неговата агенда за иднината, ја изразуваме нашата целосна подготвеност за продлабочување на соработката со новата американска администрација, за зајакнување на нашето стратешко партнерство“, напиша претседателот на Собранието.
Премиерот Мицкоски, во својата честитка, вели дека „оваа победа е потврда на длабоката верба на американскиот народ во принципите на слободата и демократијата“.
„Во мое лично име и во име на граѓаните, упатувам срдечни честитки до претседателот Доналд Трамп за неговата победа на изборите за претседател на Соединетите Американски Држави. Со нетрпение очекуваме натамошно продлабочување на нашето цврсто партнерство и соработка, особено во областите на безбедноста, економскиот развој и демократските реформи. Македонија останува посветена на градењето уште посилни врски со САД, како стратешки сојузник и пријател, кои ќе продолжат да ја зајакнуваат стабилноста и напредокот на целиот регион. Честитки и најдобри желби до претседателот Трамп и до целиот американски народ!“, вели Мицкоски.
Честитки дојдоа и од лидерите на опозицијата.
„Во мое име и во име на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, му ја честитам победата на изборите на Претседателот на САД, Доналд Трамп. Убеден сум дека под негово водство стратешкото партнерство меѓу САД и Северна Македонија ќе продолжи и ќе се продлабочи. Северна Македонија и Соединетите Американски Држави имаат долгогодишни врски на пријателство и соработка, и верувам дека тие ќе се развијат уште повеќе, кон наш взаемен напредок и благосостојба“, напиша Венко Филипче.
„Очите на целиот свет се насочени кон Соединетите Американски Држави каде се гласаше за 47-ми претседател на водечката земја во демократскиот свет. Американските гласачи се определија за импресивно враќање на претседателот Трамп во Белата куќа во Вашингтон. Му честитам на американскиот народ и на претседателот Трамп за неговиот денешен избор и го споделувам уверувањето дека американскиот фокус на Балканот ќе продолжи да биде силен како и секогаш за конечно да се решат отворените прашања меѓу земјите од Југоисточна Европа“, порача Али Ахмети.