Да се разговара за одбрана на албанскиот јазик во Македонија и против прогон на ветераните на УЧК, побараа опозициски партии во двете земји пред денешната седница на македонската и косовската влада
Опозициски партии од Македонија и Косово се обидуваат да ја дополнат тематската агенда на меѓувладината седница помеѓу македонската и косовската влада што денеска напладне се одржува во Приштина. Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) уште пред три дена испрати порака од Врапчиште: „Народот ќе го брани албанскиот јазик, Приштина да го крене гласот на меѓувладината седница“.
„Очекуваме на заедничката средба со Владата на Северна Македонија, Владата на Република Косово да го покрене прашањето за албанскиот јазик. Очекуваме реакција од сите партии во Косово“, порача Ахмети.
Вчера од ДУИ уште еднаш предупредија дека се наближува денот на одлуката на Уставниот суд за преиспитување на Законот за употреба на јазиците, со партиска оценка дека тоа ќе биде најголемиот удар врз мултиетничкиот карактер на државата. Испратија апел до меѓународната заедница – САД, НАТО и ЕУ како гаранти на Охридскиот договор, до граѓанското општество, до Република Албанија и Република Косово, итно да реагираат против опасноста што му се заканува на духот и достигнувањата на Охридскиот договор.
„Таквата одлука би претставувала последниот клинец во ковчегот на Охридскиот рамковен договор и директна закана за меѓуетничката хармонија што ја гарантира овој договор (…) Не можеме и не смееме да дозволиме самиот темел на мировниот договор да биде доведен во прашање. Ова е линија што не треба и не смее да се премине!“, предупредија од ДУИ.
Красниќи: Не е потребно политичко шоу без содржина
Повикот од Мала Речица беше дочекан од најголемата опозициска партија во Косово. Во пресрет на меѓувладината седница, со статус на Фејсбук се огласи Мемли Красниќи, лидер на опозициската Демократска партија на Косово. Иако заедничката седница на косовската и македонската влада ја оцени како „добар чекор кон зајакнување на регионалната соработка“, сепак смета дека Косово најпрвин треба да ја врати добрата традиција на средби со Албанија, важна практика за меѓуалбанско единство и соработка, која била прекината во времето на актуелната влада на Албин Курти.
Во однос на денешната седница посочува „најмалку две клучни прашања кои треба сериозно да се решат, а кои воопшто не се на дневен ред“. Прво, да не се повтори прогон и апсење на ветерани на УЧК во Северна Македонија, како што се случило на почетокот на годинава. Тој оценува дека денес ниту еден ветеран на УЧК не бил безбеден да ја премине границата со Северна Македонија поради ризикот таа да спроведе налози за апсење издадени од Србија.
„Второ, основните права на Албанците во Северна Македонија, вклучително и употребата на албанскиот јазик, мора одлучно да се бранат. Владата на Косово, особено албанските политичари кои се дел од Владата на Северна Македонија, треба да го кренат својот глас и да се заложат никому и никаде да не му биде забранета употребата на албанскиот јазик. Секој обид за кршење на овие права треба веднаш да се прекине“, пишува Красниќи.
Според него, сè додека овие итни прашања не се решат соодветно, другите точки од дневниот ред ризикуваат да останат под сенката на нерешените незадоволства на албанскиот народ во Северна Македонија. Тој порачува дека вистинската соработка бара „искрен и проактивен пристап кон таквите предизвици, обезбедувајќи дека се почитуваат и штитат достоинството и правата на сите граѓани“, бидејќи во спротивно „никому не му се потребни заеднички собири за политичко шоу без содржина“.
Меџити: Доаѓаме со искрен и проактивен пристап
„Владата на Северна Македонија доаѓа во Приштина со проактивен пристап и искрен интерес за решавање на сите прашања од интерес за нашите две земји“, напиша на Фејсбук првиот вицепремиер Изет Меџити.
„И покрај проблемите што новата влада ги наследи од претходните влади, и покрај оркестрираните тенденции да се обвинува новата Влада за секој неуспех наследен од минатото, духот на меѓудржавната соработка ќе се зајакне и меѓусебната доверба меѓу Северна Македонија и Косово ќе продолжи да расте и да се гради, бидејќи тоа е наша заедничка обврска кон нашите граѓани“, порача Меџити.
Притоа ги информира политичките партнери, пријатели и сите други општествени актери во Република Косово, дека Владата на Северна Македонија е решена и непоколеблива да работи на трансформирање на Западен Балкан во развиен регион интегриран со модерни институции и услуги, со гарантирана слобода на изразување, слобода на движење и слобода на организирање за секој поединец или група, без разлика на нивната припадност.
По повиците од ДУИ и од претседателот на ДПК за заштита на албанскиот јазик во Македонија, со своја оценка на Фејсбук реагираше и Зеќирија Ибрахими, претседател на Алтернатива, партија која е дел од владејачката коалиција Вреди. Без да го спомнува ДУИ, тој напиша дека Хашим Тачи и Еди Рама еднаш биле измамени дека албанскиот јазик во Северна Македонија е официјализиран, а тие (се однесува на ДУИ-н.з.) се фалеле дека имаат заслуги за тоа. И дека сега повторно залажуваат некои други политичари во Тирана и Приштина – дека „јазикот што оттогаш го официјализирале“, а се покажало дека не е официјализиран – сега е загрозен.
„Се разбира, за нас што живееме овде знаеме дека поттекстот на овие солзи ‘за јазикот’ е страста за моќ и стравот од правдата. Времето на измамниците заврши“, напиша Ибрахими.
Договори за соработка
Меѓувладината седница ќе почне во 12 часот, а ќе и претходи тет-а-тет средба меѓу премиерите Христијан Мицкоски и Албин Курти, како и меѓу министрите од двете влади. По седницата ќе бидат потпишани билатерални договори и меморандуми за соработка во повеќе области, по што двајцата премиери ќе одржат заедничка прес-конференција.
Во пресрет на денешната заедничка седница, косовската влада соопшти дека вчера одржала седница на која усвоила иницијатива за склучување Протокол меѓу косовската и македонската влада за спроведување на Договорот за граничните премини ЕлзеХани – Блаце и Глобочица – Јажинце. Усвоена била и иницијатива за склучување Меморандум за разбирање помеѓу косовското Министерство за економија и македонското Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Македонија во секторот енергетика, во согласност со нивните политики и стратегии. /DW