Пет месеци по формирањето на Владата, се отвора тема за предвремени парламентарни избори идната година. СДСМ и ДУИ порачаа дека се подготвени, за Владата пак нема логика за предвремени избори при стабилна влада.
„Подготвени сме да одиме на избори од денеска натаму. Во секој следен циклус на избори ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно“, порача на прес-конференција лидерот на СДСМ, Венко Филипче, откако во јавноста се отвори прашањето околуможноста за предвремени избори наредната година.
„На Владата не ѝ оди најдобро“
Според Филипче, тоа што има најава за предвремени парламентарни избори само неколку месеци после формирањето на Владата, е доказ дека на Владата не ѝ оди најдобро. Тој вели дека нивната теренска анкета укажува оти 65 проценти од граѓаните не се задоволни од работата на Владата.
„Нашата теренска анкета укажува дека 65 проценти од граѓаните не се задоволни од работата на Владата. Тоа значи дека двајца од тројца граѓани не се задоволни од економските политики, од падот на животниот стандард, од нашиот европски пат. Исто така, тоа е и порака дека Влен и ЗНАМ очигледно имаат маргинализирана улога и практично преполовена поддршка. Што се однесува на СДСМ, ние сме спремни на какви било избори од денеска натаму и во секој следен циклус на избори ќе настапиме многу поорганизирано и многу поуспешно“, рече Филипче.
Лидерот на СДСМ најави дека интензивно работат на стекнување доверба на нивните членови и симпатизери, и напомена дека постои значајно подобрување на атмосферата во општинските партиски организации.
„Тоа што јас и сите мои партиски другари го работиме интензивно во изминатите месеци е стекнување на довербата на нашите членови и нашите симпатизери. Можам да кажам дека имаме фидбек, постои значајно подобрување на атмосферата внатре во општинските партиски организации, вратен е ентузијазмот, ни пристапуваат многу наши членови, но и оние кои што не гласале, останале дома или пак гласале за друг политички субјект. Иако тој процес не е лесен и потребно е време, сметам дека патот на консолидација дефинитивно е почнат“, рече Филипче.
Конгресот на СДСМ е закажан на 20 ноември, каде ќе се избере новиот централен одбор, од кој ќе произлезе новиот извршен одбор и идното партиско раководство.
„Нема логика да се организираат предвремени избори при стабилна влада“
Вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, смета дека нема логика да се организираат предвремени парламентарни избори кога има стабилна влада. „Оваа Влада е најстабилна од 90-тите години досега и има мнозинство од 78 пратеници, кое наскоро ќе надмине и 80“, вели тој.
Според Меџити, од 1990-тите досега немало постабилна влада и немало поголемо мнозинство од ова – 78 и тоа, како што вели, расте и сигурно за кратко време ќе надмине и 80, што е две третини од Собранието. „Тоа е доволен коментар. За државата и за граѓаните кога имаш мнозинство од 80 пратеници непотребно е да се размислува за предвремени избори, бидејќи тоа само е трошок за државата и губење време“, рече Меџити во одговор на новинарско прашање при посетата на депонијата Дрисла.
Според Меџити, организирањето предвремени избори не е добро, бидејќи најмалку шест месеци пред и по изборите запираат сите постапки, сите јавни набавки, вработувања. „Тоа влијае многу на економијата и на бизнисот. Затоа мислам дека нема да бидат среќни да има предвремени избори тие што сакаат да работат, односно бизнисот во оваа држава“, вели тој.
„Подгответе се за одговорност, а не за избори“
Темата стана актуелна по пратеничките прашања во четвртокот (31.10) кога Филипче го повика премиерот Христијан Мицкоски да се повлече од функцијата бидејќи ги погазил своите ветувања.
„Велевте дека ќе го вратите мандатот ако некогаш кажете ‘северна’. Е, ајде Премиере, еве сега шанса во Собранието да го вратите мандатот“, рече Филипче. Мицкоски, пак, на ова го повика на изборно соочување. „Ако сакате да одиме на избори, да се провериме заедно со локалните (избори), може да одиме. Ако сакате, одма сега да ја договориме работата. Но, да не се удавите во длабокото, каде што ве носат“, порача премиерот.
Во дебатата се вклучи и ДУИ. „Мицкоски даде предизвик да има заеднички парламентарни и локални избори следната година. Ајде да видиме колку држиш до зборот. Се гледаме во октомври, подготви се добро“, порача деновиве лидерот на ДУИ, Али Ахмети од тетовско Боговиње.
Од коалицијата „Вреди“ го повикаа лидерот на ДУИ, ако навистина сака предвремени парламентарни избори, прво да депонира писмена гаранција дека кога ќе загуби ќе си замине од политиката. Премиерот Христијан Мицкоски, пак, ја повика ДУИ да се подготви за одговорност, а не за избори. „Ние ќе се подготвиме за избори кога ќе дојде време за тоа“, рече премиерот. /DW