Демократското движење предводено од Изет Меџити организираше средба со партиските структури по повод крајот на годината. Меџити, обраќајќи им се на своите сопартијци, изјави дека годината што изминува била исклучителна, бидејќи, како што рече, се случиле промени и политичка ротација, а старото било заменето со ново.
„Дојде време за создавање нова меѓуалбанска политичка култура. Заедно градиме нова политичка традиција, онаа на инклузивност и вреднување на поединецот врз основа на заслуги и квалитет. Заедно создаваме помалку токсична политичка средина, по толерантна, поотпорна и поимуна на коруптивните тенденции кои беа идеално плодно тло за делување за време на старата власт,“ изјави Меџити.
По настанот, Меџити одржа и прес-конференција на која новинарите го прашаа дали следната година ќе се изгласаат уставните измени. Првиот заменик-премиер рече дека се работи во таа насока и дека тоа е главен приоритет на коалицијата ВЛЕН.
„Мислам дека не заврши само 2024 година, туку и последните осум години во кои само се зборуваше. Ние не зборуваме секој ден, туку работиме секој ден. И можам да кажам дека тоа е меѓу највисоките приоритети или приоритет број еден на ВЛЕН, толку колку што е во наша надлежност како Албанци, бидејќи за уставните измени се потребни 80 пратеници. Ние сме олеснителен фактор, кој придонесува да се дојде што побрзо до уставните измени, бидејќи тоа е единствената алтернатива за граѓаните на државата,“ изјави Меџити.