Амер Капетановиќ денес ја презеде својата должност како нов генерален секретар на Советот за регионална соработка (СРС), по назначувањето од страна на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), на 12 јуни 2024 година во Скопје.
Амер Капетановиќ е истакнат дипломат со повеќе од две децении искуство во меѓународни односи и регионална соработка.
Во изјава по изборот Капетановиќ вели:
„Како што влегуваме во 2025 година, најпрво дозволете ми да ви посакувам здрава, мирна и просперитетна Нова година. Чест ми е да ја преземам улогата на генерален секретар на Советот за регионална соработка во наредните три години. Го започнувам овој пат со мотото на архитектите на единствениот пазар на ЕУ и шампионите на регионалната соработка: ‘Различноста мора да се зачува, за да може да вроди со плод за општото добро’. Ова ја доловува суштината на нашиот напор да создадеме трајни придобивки за сите додека ја негуваме богатата разновидност на нашиот регион.
Со нетрпение очекувам да се надоврзам на извонредната работа што веќе е во тек низ Југоисточна Европа и Западен Балкан. За таа цел, би сакал да им се заблагодарам на Мајлинда Брегу, Горан Свилановиќ и Хидо Бишчевиќ, моите претходници, за сета нивна енергија, знаење и искуство вложени во насочувањето на СРС кон успехот.
Но, ниту еден лидер не може сам да оди по патот на промените! Моја срдечна благодарност упатувам и до персоналот на СРС, оние кои работеа или сè уште работат на нашите проекти. Без нив, никогаш немаше да биде возможно дури и да се помисли на нашата регионална парадигма, а камоли за сè што досега сме постигнале.
Отворањето на ново поглавје во животот е секогаш возбудливо, но ретко лесно. Дури и кога добро ја знаете приказната и нејзините ликови, патот напред секогаш носи нови проблеми и искушенија. Но исто така сум сигурен дека, со поддршката на нашите партиципанти и донатори, можеме во следните три години да бидеме вистинската промена што нашите граѓани низ регионот сакаат да ја видат. Според сите досегашни анкети, нашите граѓани имаат едноставен и остварлив сон – сакаат економски напредок, безбеден и просперитетен живот како што имаат нивните сограѓани во ЕУ. И навистина, тие инсистираат да бидат дел од ЕУ што е можно поскоро.
Ова ново поглавје нуди уникатна можност СРС да биде дел од оркестрираните регионални напори насочени кон исполнување на сонот на нашите граѓани. Благодарение на финансиската поддршка од ЕУ и нашите партиципанти, ќе се посветиме на засилување на резултатите ориентирани кон луѓето — без разлика дали тоа е преку унапредување на Заедничкиот регионален пазар, надградба на Стратегијата 2030 за Југоисточна Европа (ЈИЕ2030), водење на Зелената и Дигиталната агенда, овозможување на младите да учествуваат во донесувањето одлуки, подобрување на можностите за вработување или зајакнување на безбедносната соработка.
Во ера на глобална поликриза, нашиот регион избра да остане на патеката на стандардите на ЕУ, мултилатерализмот и соработката заснована на заемна доверба, интерес и почит. Сите влади во нашата рамка се обврзаа да ги поддржат активностите на СРС насочени кон оваа стратешка насока.
Затоа, со нетрпение очекувам да тргнам на таков одлучен пат и длабоко сум благодарен на сите оние кои ќе бидат дел од истиот. Во духот на моето презиме, за сите нас посакувам непречено пловење и мирни мориња“.
Амер Капетановиќ на оваа функција ја наследи г-ѓа Мајлинда Брегу, која раководеше со СРС од 2019 до 2024 година.