Во рамки на проектот “Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата ЦИВИКА Мобилитас, формирана неформална мрежа на експерти, именувана како „КЛАСТЕР 3 и високообразовни реформи“.
Форум за разумни политики (ФРП), заедно со Институтот за општествени и хуманистички науки-Скопје (ИОХН-С) и Балканскиот институт за регионална соработка (БИРС), кои го спроведуваат проектот, информираат дека Мрежата ќе работи на изготвување анализи, мониторинг извештаи и предлог-политики со фокус на интерсекторската поврзаност помеѓу економијата и образованието.
Мрежата претставува вкрстување на застапувачи од ресорите на високото образование, науката, start-up заедницата и претприемачката заедница, стопанските комори, како и секторот култура во делот на креативни индустрии, носители на одлуки во делот на релевантните секторски политики на реформскиот Кластер 3.
На основачката средба членовите на мрежата се согласија за потребата од севкупни реформи во образованието и обврзаа дека доброволно ќе ги застапуваат ставовите и препораките донесени во рамките на мрежата и проектот „Застапување за инклузивен развој“, доколку истите се во согласност со нивните ставови.
На средбата беа поставени и целите на мрежата, принципите на работа, начинот на вмрежување и на носење одлуки. Исто така, бил усвоен и правилникот и насоките на работата, со кои се поставуваат принципите и начините на вмрежување.
Како што информираат партнерските организации кои го спроведуваат проектот „Застапување за инклузивен развој“, цел на Мрежата е застапување политики кои ќе доведат до суштинско усогласување на високообразовните и научно-истражувачки политики на Северна Македонија со принципите на Болоњскиот процес.
„Во рамките на целите на Мрежата се предвидени осмислување предлог политики на децентрализирање на академската сфера, од наставни содржини и стилови, до експериментирање со облици и можности на интернационализација, преку правото да признава и не признава дипломи и да воспоставува сопствени критериуми за избор во звање. Техничкиот-бирократски детал не смее да биде над суштината и вредностите и овие не треба да се жртвуваат во име на механизми на управување кои се секогаш предмет на адаптација“, се вели во известувањето на организациите.
Исто така, преку Мрежата се промовираа посветеност на темелната вредност од која изникна Болоњскиот процес преку Лисабонската конвенција за признавање.
„Мрежата треба да осмисли политики на поврзување на сите академски подрачја и области со економијата, од технолошки развој до култура како креативни индустрии, исто така и да изгради тесни врски меѓу академската и бизнис заедницата, меѓу другото преку пилот проекти како старт-ап иницијативи произлезени од работилници или средби организирани од Мрежата и сл“, информираат организациите.
Инаку, главната цел на проектот „Застапување за инклузивен развој“ е да придонесе кон подобро и поквалитетно високо образование, длабоко интегрирано во економските текови во државата и надвор, во кое истражувањето и науката ќе се преточуваат во реалниот сектор и ќе бидат неизоставен дел од градењето на јавните политики во државата, во кое младите успешни студенти ќе наоѓаат добро и сигурно академско-економско прибежиште, а со тоа и да се намали одливот на мозоци.
Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.