Пратеничките групи на партиите од власта ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ до законодавниот дом поднесоа интерпелација за работата на членовите на Судскиот совет кои се избираат од страна на Собранието.
„Сакам да потсетам дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата гласаше против годишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2023 година и тој не беше усвоен од страна на Собранието. Тоа доволно говори и е само една од многуте причини поради кои денес ја поднесуваме оваа интерпелација. Европската Унија и јавноста во Република Северна Македонија постојано укажуваат на сериозни недостатоци во работата на Судскиот совет, особено во однос на независноста, транспарентноста и отчетноста. Овие забелешки се од клучно значење за процесот на реформи во правосудниот сектор и напредокот на земјата кон членството во ЕУ“, рече на денешната прес-конференција Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Потенцира дека досега очекувале Судскиот совет сам да покрене иницијативи за разгледување на извештајот.
Според Мицевски, решавањето на овие предизвици е неопходно за враќање на довербата во судскиот систем и за зацврстување на владеењето на правото.
„Судскиот совет е клучна институција за функционирањето на правната држава и одржувањето на владеењето на правото во Северна Македонија. Затоа, секоја сенка на сомнеж во работата на неговите членови мора да биде темелно анализирана, а јавноста треба да биде уверена дека Советот работи чесно, професионално и во интерес на граѓаните. Наша цел е да дадеме придонес и да направиме сè што е во рамките на нашите уставни и деловнички надлежности и можности за да овозможиме подобар, поефикасен и независен правосуден систем кој ќе донесе правда за секој граѓанин на Северна Македонија подеднакво“, рече Мицевски.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека граѓаните се незадоволни од функционирањето на судско-обвинителскиот систем, кој, како што рече, е „мочуриште преполно со контроверзии и скандали“.
Спроведувањето на коренити реформи во правосудството и распуштањето на Судскиот совет и Советот за јавни обвинители беше едно од ветувањата во предизборната програма и клучен приоритет на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.