Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ќе се отворат сите претходни случаи поврзани со модуларната болница и несреќата во Ласкарци, нагласувајќи дека истрагите ќе бидат спроведени до крај за да се утврди вистината.
„Сите овие случаи ќе ги следам одблиску. Знам во која фаза се и очекувам обвинителството јасно да ја прошири истрагата — не само кон возачот на автобусот или управителот на правното лице, туку и кон оние што во испитните центри потврдиле дека возилото е технички исправно. Сакаме одговори: кој дозволил тие центри да функционираат така како што функционираат, зошто при набавката на модуларната болница било сменето надлежното министерство, зошто ‘кабелот’ е виновен, кој го изработил проектот и дали недостасувале клучни елементи,“ изјави Мицкоски во гостување на централниот дневник во рамки на емисијата „Тема на денот“.
Премиерот порача дека нема да има компромиси и дека процесот ќе оди до крај.
„Нема ништо да оставиме. Тргнавме и нема запирање. Или тие, или ние. Во животот постојат две опции — или тој, или ти. Не може двајцата да опстанат. Или ќе опстанеме ние, Македонија и граѓаните, или мафијашите. Нема место за двајцата,“ истакна Мицкоски.
На констатацијата на новинарот дека ќе го држат за збор, премиерот одговори:
„Да, држете ме за збор.“