Манипулативни договори за „спонтани“ собири и слични изјави на бивши функционери за истрагата за пожарот во Кочани, во кој загинаа 59 лица, ја засилија перцепцијата дека некој има интерес земјата да нѐ ја биде.
Вознемиреност и загриженост во домашната јавност предизвика видео-снимка од онлајн-сесија преку платформата Зум, во која учествуваат граѓани/студенти од Македонија, како и активистка од Србија која во разговорот советува како да се организира привидно спонтан револт, кој треба постојано да расте. Меѓу советите е и оној да се оствари соработка со синдикатите, но и да се анимира највозрасната популација, како што било направено за студентските протести во Србија.
Двајца од учесниците во разговорот, според нивни искази, се активен и поранешен член на политичка партија.
„Длабоко сум засрамен сум од она што го слушнав“, вели за ДВ студент од Економскиот факултет.
„Ми се згади од ‘нивото’, речникот, па дури и кикотењето, како луѓево да не живеат во истава земја, каде пред неколку дена погребавме 59 млади. Очигледно, на некого му се потребни студентите за да ги искористи и злоупотреби и нив и автономијата на Универзитетот, како параван за свои политички агенди. Многу мои колеги, и не само тие, се разочарани од тоа што го слушнаа. Ова ни прави штета на долг рок. Доколку утре навистина произлезе и најавтентична, неманипулирана студентска иницијатива, веќе никој нема да ни верува, токму поради вакви манипулации“, реагира тој.
Родители на ученици и студенти реагираат на социјалните мрежи, со апел до други родители да ги заштитат децата од манипулативно инволвирање во политички агенди.
Портпаролката на Владата, Марија Митева вчера апелираше да не се злоупотребува трагичната несреќа во Кочани.
„Има опсежна истрага во која се фатени и приведени 34 лица и таа сè уште не е завршена. Мора да дозволиме органите на прогонот да си ја завршат истрагата, темелно и правично. Не би сакале да се дозволи попречување од различни мрежи, преку повици за дестабилизација и различни сценарија и било како да наштетат на овој процес. Од ова мора сите да излеземе посилни, со испорачана правда (…) Нема да прифатиме изговори кои премногу често ги оставаа граѓаните незаштитени. Онаму каде што другите молчеле, ние ќе дејствуваме“, рече Митева.
„Доста навивање да не нѐ биде!“, пишува на Фејсбук, поранешниот министер за надворешни работи, Никола Димитров.
„Не може да навиваме институциите, државата не само да потфрлат, туку ако треба и да пропаднат само затоа што во моментов не се водени од ‘нашите’. Просто е неверојатно колку луѓе навиваат за порази и грешки. Ајде за промена да навиваме за успеси, па макар тие да одат на контото на политичките ‘противници’. Да, да им ‘дишеме во врат’ на надлежните, силно да критикуваме кога грешат, но да ги поддржиме кога гледаме дека си ја работат работата. Како што медиумите и здравствените работници си ја работеа работата во овие ужасни денови, а богами и јавното обвинителство. Како што владата навремено го вклучи европскиот систем за цивилна заштита“, вели Димитров.
Тој потенцира дека целта на гласноста мора да биде – системски пресврт.
„Да даваме предлози и да туркаме кон одвојување на државата од партиите (…) Владата најави бескомпромисна борба со корупцијата. Во ред е да бидеме најголем сојузник да истрае во тоа ветување, ама да бидеме и најголем проблем ако видиме дека затајува“, сугерира тој.
Исто така, предупредува дека граѓанскиот гнев и болка ќе бидат предмет на обиди за манипулации.
„Граѓаните имаат право на мирно собирање. Но, ако тоа собирање е во функција на политички агенди, на промена на власта за да дојдат ‘нашите’, нема ништо да направиме. Нашата шанса е во сојуз и притисок, владата и сите институции, да издржат и да испорачаат правда и функционален систем (…) Да гледаме на нештата со отворени очи, без партиски светоглед. Ако нешто е добро, добро е и тогаш кога го прават и тие кои не сме ги гласале. Ако е нешто лошо, лошо е без разлика што го направиле ‘нашите’. Во нашата Македонија денеска, мора да се издигнеме над партиските поделби. Ајде да сме заедно! Без оваа најважна лекција – ново Кочани, верувајте е неминовно!“, порачува Димитров.
По трагедијата во Кочани, премиерот Христијан Мицкоски најави жестока битка против корупцијата и криминалот и објасни каква ќе биде таа.
„Ова не е меѓупартиска битка помеѓу ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ, туку ова е битка на чесните против нечесните и корумпирани од сите партии и од сите институции“, порача премиерот.
„’Ова е битка на чесните против нечесните’ – е реченица што вознемири многумина во земјава“, коментира Зоран Јовановски, економски експерт и поранешен висок функционер во СДСМ.
„Нечесните не сакаат функционален систем, не сакаат средување на работите, го сакаат хаосот и сакаат да ги задржат позициите во општеството стекнати од некогаш или тие што во меѓувреме ги изгубиле. Нечесните ќе се обединат без оглед на партиската припадност, тие имаат финансиска моќ која ќе ја користат за да го дестабилизираат општеството, по сите линии и на сите начини“, оценува Јовановски.
Но, верува дека маневарскиот простор на нечесните им се стеснува од ден на ден се повеќе и дека чесните ќе победат.
„Мораме да победиме. Затоа што сме побројни и затоа што ова е последната шанса за земјава“, вели Јованоски. /DW