Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ја обвини Владата дека намерно ги саботира преговорите за зголемување на минималната плата и дека преку општините и министерствата врши притисок за зајакнување на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), јави РСЕ.
Владата, пак, најави дека ќе ја преиспита репрезентативноста на синдикатите, нагласувајќи дека се залага за „фер и правична застапеност на работниците“.
Преговорите доаѓаат во период кога македонските работници очекуваат дали, покрај редовното усогласување на минималната плата од околу 1.800 денари, ќе се договори и дополнително зголемување од 6.000 денари.
ССМ бара минималната плата да се зголеми од 24.300 на 30.000 денари, додека владејачката ВМРО-ДПМНЕ ја обвинува оваа синдикална организација за блиски врски со опозициските СДСМ, Левица и ДУИ. Во исто време, КСС бара место на преговарачката маса, тврдејќи дека неоправдано била исклучена во изминатите години.
Владата формира комисија за репрезентативност
Владата најави дека утре (11 март) ќе преземе конкретни чекори за утврдување на репрезентативноста на синдикатите.
„На следната седница Владата ќе формира комисија која ќе ја утврди репрезентативноста на синдикатите. Фер и правична застапеност на работниците, како и унапредување на социјалниот дијалог, се приоритети кои ја покажуваат посветеноста кон транспарентноста и зајакнување на довербата меѓу работниците и нивните претставници“, соопшти Владата за Радио Слободна Европа.
Комисијата ќе биде составена од по три претставници на Владата, синдикатите и работодавците.
Од ССМ тврдат дека Владата намерно ги повлекла своите членови од комисијата за да го минира процесот. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изрази сомнеж дека Владата навистина ќе назначи нови членови.
Синдикат се смета за репрезентативен ако има членство од најмалку 10% од вработените, без да се сметаат назначените и именуваните лица. И ССМ и КСС тврдат дека го исполнуваат овој услов, а доколку тоа се потврди, двете организации ќе учествуваат во идните преговори во рамките на Економско-социјалниот совет (ЕСС).
„Овој пат ќе биде еднакво за сите, нема да има селективен пристап“, изјави претседателот на КСС, Благоја Ралповски.
Политички притисоци и обвинувања
ССМ и КСС меѓусебно се обвинуваат, а воедно реагираат и на политичко мешање во синдикалното организирање.
На прес-конференција на 10 март, Трендафилов ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека врши притисок врз синдикалните организации со цел да ја зајакне КСС.
„Нема да дозволиме никој да го напаѓа ССМ, кој постои 79 години, и да го поткопува со политички наредби на локално ниво“, рече Трендафилов, тврдејќи дека владејачката партија се обидува да ја задуши синдикалната борба.
Поранешниот претседател на ССМ, Живко Митревски, неодамна обвини дека актуелното раководство е нелегитимно. Трендафилов возврати дека Митревски „се продава на ВМРО-ДПМНЕ“ за да се согласи со понизок минималец.
Од своја страна, Ралповски тврди дека политичките мешања во КСС биле многу посилни во минатото и дека сега синдикалниот дијалог е на повисоко ниво.
„Имавме силни политички притисоци, па дури и отпуштања на синдикални лидери. Но, денес, и ССМ и КСС имаме социјален дијалог и веќе постигнавме историски договори во секторите здравство и образование“, рече Ралповски.
Најави за протести
ССМ предупреди дека доколку не се постигне договор, работниците би можеле да излезат на протести на 2 и 7 април, како и на 1 мај.
Рокот за усогласување на минималната плата истекува на крајот на март.
Минималната плата моментално изнесува 22.567 денари, додека просечната плата во декември 2024 беше 43.587 денари.
Владата изјави дека ќе поддржи договор меѓу синдикатите и работодавците, но премиерот Христијан Мицкоски предупреди дека буџетот не дозволува државно субвенционирање на покачениот минималец.