Илјадници домаќинства во Северна Македонија добија шокантно високи сметки за електрична енергија во последните месеци, со износи зголемени и до 300 отсто.
Како што јавува Радио Слободна Европа, граѓаните поднесоа приговори до компанијата ЕВН Хоум, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) и Народниот правобранител, но корекциите на фактурите се ретки.
Компанијата ЕВН тврди дека 85 отсто од броилата се читаат секој месец, освен на непристапни терени. Сепак, многумина од погодените граѓани, како триесет и тригодишниот Павле од скопската населба Кисела Вода, сведочат за поинакво искуство.
„Неколку пати погледнав во цифрата од 12.300 денари и не можев да поверувам. Сметката за електрична енергија е буквално иста со мојата месечна кирија“, изјави Павле за РСЕ.
Револтот расте, а пред наплатниот пункт на ЕВН во Градскиот трговски центар во Скопје се формираат долги редици граѓани кои бараат објаснување и корекција на фактурите. Во некои случаи, износите достигнуваат и до 50.000 денари.
Според податоците на ЕВН, од вкупно 15.000 приговори поднесени во декември 2024 и јануари 2025 година, само 2.200 биле уважени, што претставува 15 отсто. Компанијата тврди дека бројот на приговори е намален за 20 отсто во споредба со истиот период минатата година.
Регулаторната комисија за енергетика соопшти дека од 81 приговор поднесен во 2024 година, уважени биле само осум, а од почетокот на 2025 година, од шесте пристигнати приговори, прифатен е само еден.
Граѓаните кои не се задоволни од одлуките на ЕВН и РКЕ имаат право да поведат управен спор, иако такви случаи не биле регистрирани во правниот оддел на ЕВН Хоум за целата 2024 и почетокот на 2025 година.
Дополнителен проблем претставува нефункционалноста на државната лабораторија за проверка на струјомерите, која веќе седум години е надвор од употреба, и покрај постоењето на софистицирана опрема. Директорот на Бирото за метрологија, Седад Рушани, најави дека лабораторијата би можела да почне со работа во текот на март годинава.
Во меѓувреме, граѓаните продолжуваат да се соочуваат со енормни сметки, додека институциите бараат решенија.