Алијансата за Албанците (АА), предводена од Арбен Таравари, најверојатно ќе се повлече од коалицијата VLEN во вторник, девет месеци по нејзиното формирање, дознаваат ексклузивно порталите TetovaSot.com и TS.mk, пренесува Инбокс7.
Според изворите на TS, Таравари заедно со пратениците, партиските структури, членството и поддржувачите на АА ќе донесат заедничка одлука да ја напуштат коалицијата и да настапат самостојно на локалните избори закажани за октомври годинава.
Причина за раздорот, според истите извори, се недоразбирањата со движењето БЕСА, кое ги отфрли предлозите на АА повикувајќи се на својата политичка тежина во одредени општини и барањето да управува со најмалку четири од нив на престојните избори.
Напнатоста се зголеми по неодамнешните изјави на Таравари, кој го нарече ВЛЕН „немоќна“ коалиција и тврдеше дека „70% од Албанците не ѝ веруваат“. По тоа следуваа напади врз него преку портали блиски до Билал Касами и Аднан Азизи, како и преку анонимни профили на социјалните мрежи.
Министерот од редовите на БЕСА, Фатмир Лимани, го нарече Таравари „тројански коњ“, додека лидерот на БЕСА, Касами, во неколку изјави за медиуми го „помножи со нула“.
“Тој понатаму говореше и во име на ВМРО, обвинувајќи го албанскиот премиер Еди Рама за мешање во внатрешните работи на Северна Македонија — изјава која, според аналитичарите, не би ја дал ни самата ВМРО-ДПМНЕ”, пишува TS.
Несогласувањата меѓу АА и БЕСА дополнително се продлабочија меѓу членството на двете партии, со што, според јавноста, „вратата веќе е затворена“.
И покрај обидите на Изет Меџити да ја одржи коалицијата на куп, „движејќи и камења ако треба“, според извори, тој не успеал да ги надмине личните амбиции на Касами и Азизи, кои не прифаќаат друг лидер над нив. Разделбата, велат тие, е болна но неопходна и долгорочно корисна.
АА, сепак, ќе остане дел од владата до локалните избори и ќе делува како самостојна пратеничка група во Собранието, со фокус на европските интеграции на земјата.
Локалните избори се закажани за октомври, кога според анализите на TS, Алијансата за Албанците под водство на Таравари се очекува да оствари значителен успех, зголемувајќи го бројот на општини под нејзина контрола од една на пет.