Европскиот парламент на 2 април го усвои годишниот извештај за спроведувањето на Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП), во кој се истакнува „постојаната потреба од реформи во владеењето на правото, основните права и јавната администрација, како и усогласување со ЗНБП, вклучително и санкциите и визната политика на ЕУ“ во регионот на Западен Балкан, пренесува Инбокс7.
Документот, изготвен од известувачот на ЕП за ЗНБП, Давид Мекалистер, ги повикува шесте земји од Западен Балкан „да ги искористат сите достапни ресурси за поддршка на нивното усогласување со законодавството на ЕУ“.
Дополнително, се потенцира значењето на „локалните, динамични граѓански општества“ во регионот.
„Граѓанското општество е клучно за унапредување на демократијата и плурализмот, за промовирање на добро управување и социјален напредок, а земјите-кандидати за членство треба да обезбедат простор и соодветна рамка за соработка за нивно суштинско вклучување“, се наведува во извештајот.
Во однос на одделните земји, ЕП ја поздравува амбицијата на Албанија да ги затвори преговорите за членство, ги повикува политичките лидери на БиХ на спроведување суштински реформи, ја охрабрува Косово да продолжи со дијалогот со Србија со добра волја, изразува солидарност со демонстрантите во Србија, ја повикува Црна Гора да ги спроведе реформите поврзани со ЕУ што е можно поскоро, и ја повикува Северна Македонија да ги направи неопходните уставни измени.
„Албанија треба дополнително да ги интензивира реформите“
ЕП го поздравува успешното завршување на скрининг-процесот за Албанија на крајот на 2023 година и отворањето на првиот кластер од поглавја за преговори за „основите“ и „надворешните односи“ во 2024 година. Сепак, се истакнува потребата од дополнително интензивирање на реформите, особено во владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Исто така, се подвлекува значењето на политичкиот плурализам и конкурентната опозиција, и се повикува на „дијалог и конструктивна вклученост меѓу власта и опозицијата, за надминување на силната политичка поларизација и поттикнување инклузивни демократски процеси, со почитување на сите страни, вклучително и грчкото, ромското и египетското малцинство“.
Повторен повик за „таргетирани санкции“ против Милорад Додик
ЕП ги повикува властите на БиХ да ги преземат сите релевантни чекори утврдени во препораката на Европската комисија од 12 октомври 2022 година и ги осудува „повторената запаллива реторика и сепаратистичките закони и политики на раководството на Република Српска“.
Се зема предвид и пресудата на Судот на БиХ против претседателот на РС, Милорад Додик, од 26 февруари 2025, при што се осудуваат „неговите невидени напади врз институциите на БиХ, заедно со раководството на РС, како и заплашувањето на опозицијата“.
ЕП повторно повикува на воведување таргетирани санкции „против дестабилизирачки актери во БиХ, особено Милорад Додик, како и други високи функционери на РС и српски официјални лица кои даваат политичка и материјална поддршка на сепаратистички политики“.
Солидарност со учесниците на мирните протести во Србија
ЕП го повторува ставот дека пристапните преговори со Србија „треба да напредуваат само доколку земјата се усогласи со санкциите на ЕУ против Русија и направи значителен напредок во реформите, особено во доменот на ‘основите’“.
Српските власти се потсетуваат дека „функционирањето на демократските институции е клучно за процесот на пристапување во ЕУ“.
Парламентот ги повикува српските политички лидери да обезбедат „конструктивен, инклузивен дијалог низ политичкиот спектар и да испорачаат неопходни реформи“.
ЕП наведува дека внимателно ги следел големите студентски мобилизации и граѓанските протести по трагичниот настан на железничката станица во Нови Сад, нагласувајќи дека „слободата на собирање е основно право“.
Парламентот повикува на „темелна, непристрасна и брза истрага за наводите за насилство врз демонстрантите и злоупотреби од страна на полицијата“, и изразува „солидарност со учесниците на мирните протести, особено со демонстрацијата од 15 март 2025 – најголемиот масовен протест во поновата историја на Србија“.
„Рестриктивните мерки против Косово да се укинат веднаш“
ЕП повторно ги повикува земјите членки во Европскиот совет да ѝ дадат мандат на Европската комисија да го достави прашалникот до Косово и да даде мислење за неговото барање за членство.
Се повторува дека напредокот на Косово ќе се оценува врз основа на сопствени заслуги и исполнување на критериумите од Копенхаген, и се бара итно укинување на рестриктивните мерки што Советот ги воведе против Косово.
Црна Гора очекувана да биде подготвена за членство во наредните неколку години
ЕП го поздравува напредокот на Црна Гора во исполнувањето на привремените критериуми за поглавјата 23 и 24, но изразува загриженост за „контроверзни идеи за законски предлози за државјанство и странски агенти“.
Се нагласува важноста новата влада да биде способна и посветена на продолжување на реформите поврзани со ЕУ и да ја задржи Црна Гора цврсто на европскиот пат, со очекување земјата „да започне со затворање на преговарачките поглавја и да биде подготвена за членство во ЕУ во наредните неколку години“.
Северна Македонија треба да направи уставни измени
ЕП го поздравува успешното завршување на скрининг-процесот за Северна Македонија на крајот на 2023 година.
Се повикува владата да постигне конкретни резултати во исполнување на обврските според преговарачката рамка и заклучоците од Самитот на Европскиот совет од 18 јули 2022 година, вклучително и релевантните уставни измени во согласност со обврските на земјата.