Истражната постапка за пожарот во угостителски објект во Кочани, што предизвика јавна вознемиреност и политички реакции, продолжува со интензитет. Од вкупно 300 најавени, досега се сослушани околу 30 сведоци, соопштија од Јавното обвинителство.
Според неофицијални извори, меѓу сослушаните се и актуелни функционери, меѓу кои директорите на Пазарниот инспекторат и на Дирекцијата за заштита и спасување, Влатко Стојкоски и Џеват Селами. Обвинителството не изнесува детали со цел да не се наруши истрагата.
„Во тек е истражна постапка. Се постапува по изјавени жалби на одлуки на судии на претходна постапка и тоа е сè што можам да изјавам во моментот“, изјави Спиро Борисов, претседател на Основниот суд во Кочани.
Истрагата опфаќа 33 лица, од кои дел се наоѓаат во притвор, а дел во домашен притвор. Меѓу осомничените се и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, актуелниот градоначалник на Кочани Љупчо Папазов, како и сопственикот на објектот каде избувна пожарот, Дејан Јованов. Најголем дел од осомничените се товарат за тешки дела против општата сигурност.
Опозициската СДСМ упати критики за селективно водена истрага и побара проширување на истражните дејствија врз актуелни функционери. Според партијата, сè уште не е преземена одговорност од лица од Министерството за внатрешни работи, ОВР Кочани, СВР Штип и Бирото за јавна безбедност, кои биле на дежурни и раководни позиции во моментот на трагедијата.
„Не смее да има селективна правда. Истрагата мора да се прошири и да опфати сите кои биле одговорни“, велат од СДСМ.
Главниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој ја води истрагата, ја истакна потребата од ефикасно спроведување на кривичните постапки како клучна причина за потпишувањето на нов Протокол за соработка со Министерството за внатрешни работи. Документот, подготвен со поддршка од ОБСЕ, беше потпишан денеска од страна на Коцевски и министерот Панче Тошковски, во присуство на амбасадорот на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал.