Лидерот на Демократското движење и заменик-премиер, Изет Меџити, изјави дека коалицијата ВЛЕН мора да остане обединета, посочувајќи дека евентуалното повлекување на Арбен Таравари и Алијансата за Албанците (АA) би значело зацврстување на позициите на ДУИ.
„Ако АА излезе од ВЛЕН, тогаш има две опции: да оди самостојно на избори или да заврши во канџите на ДУИ“, изјави Меџити во емисијата Click Plus на ТВ21. „Ние како ВЛЕН се бориме за следната победа. Првата фаза на политичката игра ја добивме – сега следи втората, каде мора да покажеме легитимитет на локално ниво.“
Според Меџити, предложениот модел на Таравари за посебни листи на локалните избори може да доведе до фрагментација на гласовите. Тој оцени дека ваквиот пристап е нелогичен во актуелниот изборен систем.
„Системот не ја препознава таа идеја. Таа би имала смисла само ако листите беа отворени. Но со оглед на тоа што имаме мнозински систем за градоначалници и систем по методот на Д’Онт за советнички листи, сметам дека ВЛЕН треба да настапи со заеднички кандидат, заеднички листи и заедничка програма“, рече Меџити.
Тој истакна дека во услови на политичка битка за легитимитет меѓу ВЛЕН и ДУИ, нема простор за меѓусебни натпревари во рамки на коалицијата.
На прашањето дали е можно ВМРО-ДПМНЕ да ги смени своите владини партнери, Меџити кратко одговори: „Сè е можно.“
Меџити најави и дека новиот Закон за правична застапеност ќе биде презентиран во наредните денови и ќе влезе во собраниска процедура.
„Иако балансирачот не беше активен, политички договор доведе до зголемено учество на Албанците во државната администрација. Анализите покажуваат дека политичката волја има клучна улога во правичната застапеност“, рече тој.