Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Јавното обвинителство ќе даде официјален став за истрагата за пожарот во Кочани во наредниот период, нагласувајќи дека никогаш не дал изјава која би значела предвремена осуда.
„Истрагата е сè уште во тек, колку што сум информиран од МВР, кое комуницира со ЈО. Во рамки на таа истрага можни се нови елементи или не, но ЈО ќе се произнесе во наредниот период. Никогаш не сум се изразил за да осудам некого предвреме,“ изјави Мицкоски одговарајќи на прашање од пратеникот Блерим Беџети од ДУИ.
Тој повика да се почека на официјалниот исход од истрагата, по што, како што рече, ќе може да се процени дали имало селективност или дали некој друг функционер ќе биде осомничен.
Мицкоски ги отфрли наводите дека влијаел врз истрагата и посочи на постоење на фалсификуван документ, односно лиценца поврзана со клубот каде што се случил трагичниот настан. Тој додаде дека архивските проверки во Министерството за економија покажале дека под наведениот број е заведен друг документ.
„Во периодот што го истражуваат обвинителите, од 2008 година па наваму, сите министри за економија биле предложени од Демократската унија за интеграција,“ додаде Мицкоски.
На почетокот на седницата, Беџети го критикуваше отсуството на министерот за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, повикувајќи Владата да обезбеди негово присуство при пратенички прашања за да се почитува работата на Собранието.