16.4 C
Скопје
18 мај, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Почина реформскиот папа Франциско

Папата Франциско ја водеше Католичката црква од 13 март 2013 година. Првиот Латиноамериканец на оваа функција беше свештеник колку што беше и папа, конзервативен колку и неконвенционален.

Тој беше првиот папа од Латинска Америка, првиот језуит на чело на Католичката црква. И никогаш порано поглавар на Црквата не го избрал ова програмско име: Франциско. Затоа што Франциско потсетува на Свети Фрањо Асишки (1182-1226).

Синот на еден трговец се откажал од секакво богатство, се почувствувал повикан од Исус на живот во радикална сиромаштија и во таков дух го основал Францисканскиот ред. Па така папското име Франциско не звучи како раскошот на папските палати, ниту како улогата на поглавар на Црквата и државата.

За Аргентинецот Хорхе Марио Бергољо, кого  кардиналите го избраа за папа во 2013 година,  изборот на името беше програма – како ниеден папа пред него,  тој се залагаше за бегалците  и бездомниците и се бореше за заштита на животот и климата. По речиси дванаесет години на функцијата, почина на 88-годишна возраст, како вториот најстар папа во историјата.

Огнен говор

Франциско постојано настапуваше како остар критичар на глобализацијата и на капитализмот. Во почетоците тој ги држеше најсилните политички говори во кои секогаш настапуваше како адвокат на сиромашните и на глобалниот југ: во 2014 година пред Европскиот парламент во Стразбур, во 2015 година пред американскиот Конгрес во Вашингтон и Обединетите нации во Њујорк. Франциско зборуваше за „застарена и угнетена Европа“ и „нескротлива потрошувачка“. Феноменот Трамп остана нешто што не може да го разбере.

Папа Франциско
Кардиналот Хорхе Марио Бергољо, подоцна Папа ФранцискоФотографија: Luca Bruno/AP Photo/picture alliance

Франциско ја повика меѓународната заедница да спроведе брзи реформи и да ја зголеми својата посветеност на развојната помош и заштитата на климата. На темата тој ја посвети својата најважна енциклика „Лаудато Си“ од 2015 година. Поучното писание за одржување на живиот свет се чита како политичко обвинение – но ретко кога имаше слух за него. Во 2023 година, Франциско додаде уште едно јасно писание на истата тема со наслов „Лаудате Деум“. Колку подолго беше на функцијата, толку понестрпливо звучеше овој Папа.

Патување кај сиромашните

Поважните меѓу неговите 47 патувања во странство водеа до Азија, Африка, Латинска Америка и Арабија. Франциско секогаш ја бараше блискоста со сиромашните, застануваше во сиромашните квартови и ги канеше луѓето. Европа? Неговите цели таму беа повеќе на маргините на богатиот континент, на пример во Албанија или Романија.

Кина и Русија, кои ниту еден папа до сега не ги посетил, останаа непосетени земји и за 266-от римски бискуп. Многу месеци по  рускиот напад на Украина во февруари 2022 година, се чувствуваа неговите напори за дијалог со рускиот православен патријарх Кирил, лојален на Кремљ. Франциско и Кирил се сретнаа на Куба во 2016 година. Со оглед на масивната руска агресија, повторна средба веќе не беше можна.

Папа Франциско Македонија
Папата Франциско во Скопје, 7 мај 2019 годинаФотографија: Getty Images/AFP/D. Dilkoff

За време на неговиот мандат, Аргентинецот мораше да се справува со случаи на сексуална злоупотреба во големи делови од Црквата и постојано си имаше работа со интриги во Ватикан. Франциско кој често гласно прокламираше „нулта толеранција“ за злоупотреба и нејзино прикривање, разочара многу луѓе со некои од неговите одлуки. И покрај тоа што тој отстрани десетици бискупи ширум светот од нивната функција во последните години, Франциско не секогаш налагаше кадровски последици. И се чинеше дека му паѓа тешко да преземе мерки против осомничени сторители од неговото поблиско опкружување.

Близина со Евреите, со муслиманите

Она што ќе остане како негово наследство, е односот кон Евреите и муслиманите, сосем нов за еден папа. Дури и како папа, Франциско сакаше да се претставува како „Брат епископ“. Аргентинецот така се среќаваше и со претставници на другите монотеистички религии. Франциско беше првиот папа кој го посети Арапскиот Полуостров – и тоа повеќе пати. Во Абу Даби во 2019 година, тој потпиша извонреден темелен документ со водечките муслимански лидери и претставници на други цркви. Во 2021 година, тој отпатува во Ирак и промовираше дијалог и верско братство меѓу религиите. Колку подолго Франциско беше на функцијата, толку поинтензивни стануваа неговите контакти со исламот.

Во споредба со тоа, неговите јасни зборови за состојбата на цивилното население во Појасот Газа предизвикаа одредено влошување на врските со еврејската страна. Франциско брзо го осуди теророт на милитантно-исламистичката група Хамас од 7 октомври 2023 година и подоцна постојано бараше ослободување на израелските заложници. Но, тој беше шокиран и од описите на малата христијанска заедница во градот Газа.

Од 2021 година сè повеќе го мачеа телесни проблеми. Франциско мораше неколку пати да биде хоспитализиран и опериран под целосна анестезија. Во 2022 година за прв пат беше виден на состанок во инвалидска количка, а потоа речиси секогаш. Имаше сè повеќе случаи кога состаноци беа откажувани од здравствени причини или вработените ги читаа неговите подготвени говори.  „Светата година“, која ја инаугурираше  во декември 2024 година, му беше при срце.

Колку постар, толку повеќе се чувствуваа ефектите од пандемијата на корона, колку поподелен се чинеше светот од конфликти, толку повеќе овој папа стануваше предупредувачки глас. Франциско сам во деновите на пандемијата на корона на мрачниот, дождлив плоштад Свети Петар, молејќи го својот Бог наспроти светските страдања – оваа сцена пред Велигден 2020 година останува една од највпечатливите слики на неговиот понтификат. /DW

 

Related posts

Тензии и најави за бојкот пред одлуката за Законот за јазици

admin

Ахмети не верува дека Села ќе излезе од ЕФ, вели дека Таравари се опаметил

admin

АХМЕТИ: СЕ ДЕБАТИРАШЕ ЗА СИТЕ ТЕМИ, ПРИОРИТЕТ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ

ninja

ПУТИН:„НЕ БЛЕФИРАМ“, ЗАПАДОТ: БЛЕФИРАШ

admin

Зеленски со писмо до Трамп: Подготвен да работам под вашето силно лидерство

admin

Мицкоски ќе седне на последно кафе со Таравари: Решен е да се врати кај ДУИ

admin