Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави во неделата дека претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, „го одбрал својот пат“, но изрази увереност дека ќе дојде ден кога повторно ќе се обиде да се врати во владина коалиција.
„Со среќа нека му е на Таравари. Тој го одбра својот пат. Ќе дојде ден кога пак ќе се сретнеме – дали преку ВЛЕН или во други комбинации – ќе се обиде повторно некако да влезе во коалиција со нас. Едвај го чекам тој ден,“ рече Мицкоски на годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека Таравари и сличните нему „самите си прават најголема штета“, алудирајќи на последните политички движења во албанскиот блок, како и на можните пресметки пред претстојните локални избори.
Мицкоски го обвини Таравари дека „калкулира“ и дека сака „да седи на две столици“, обвинувајќи го дека бара поддршка од ДУИ за општински позиции, додека формално останува дел од владината коалиција.
„ДУИ сакаше тој да објави дека на советнички листи ќе оди сам, за да може ДУИ да ги брои своите советници во однос на ВЛЕН. Каква стратегија – бројот на советници да ме убеди да ги земам ДУИ во Владата наместо принципи, програма и заеднички цели!?“ рече Мицкоски, додавајќи дека нема да заборави како „Бујар Османи го продаваше македонскиот идентитет“.
Премиерот посочи дека иако многумина го советувале „брзо да го откачи Таравари“, тој одлучил да го остави сам да се изјасни и да преземе одговорност за своите одлуки.
„Срамот е кај него, не кај нас. Кај мене зборот е збор, и секогаш ќе го исполнам, дури и по моја штета“, рече Мицкоски, критикувајќи ги политичките игри и, како што рече, уцените што ги применуваат неговите противници.
Тој го предупреди Таравари дека неговата партија може да биде „маргинализирана“ или „претопена во ДУИ“ доколку продолжи со таквиот пристап.
„Можеби Али Ахмети е толку речит што го импресионирал, ако не и маѓепсал, но за мене зборот и принципите немаат цена“, рече Мицкоски.
Во обраќањето, Мицкоски зборуваше и за реформските приоритети на Владата, претстојните локални избори, договорот за стратешко партнерство со Обединетото Кралство и за неодамнешната трагедија во Кочани.
„Владата продолжува уште посилно и пообединето. Оваа битка не е етничка, верска или идеолошка – туку борба меѓу бандити од една страна и сите чесни граѓани од другата – без разлика дали се Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми или Бошњаци“, рече Мицкоски.