Пратеникот Салим Сулејмани од Алијансата за Албанците (АА) на Арбен Таравари во саботата објави дека поднесува оставка од сите партиски функции, како и од пратеничката функција во Собранието на Република Северна Македонија.
Во објава на Фејсбук, Сулејмани наведе дека оставката е донесена од „морални, професионални и политички причини“, посочувајќи дека не може да биде дел од политички сојуз кој, според него, ги напуштил принципите со кои бил основан.
„Со целосна морална, професионална и политичка одговорност, Ве информирам дека поднесувам оставка од сите функции во рамките на Алијансата за Албанците, како и од позицијата пратеник“, напиша Сулејмани.
Тој оцени дека коалицијата ВЛЕН е создадена како реакција на, како што рече, „дводецениското разочарување од Демократската унија за интеграција (ДУИ)“, која ја обвини за злоупотреба на власта и корупција.
Сулејмани тврди дека неодамнешното приближување на неговата партија со ДУИ, во пресрет на локалните избори, претставува „тешко отстапување од основните принципи“ и „предавство на довербата на граѓаните“.
„Не можам да бидам дел од сојуз кој се оформува врз основа на тесни политички интереси и со лица кои се поврзуваат со меѓународни црни листи“, истакна тој.
Сулејмани додаде дека неговата политичка активност ќе продолжи во други форми и сектори, со цел, како што рече, „да им служи на граѓаните уште посилно“.
Неговата оставка доаѓа по одлуката на генералниот секретар на АА и вицепремиер, Арбен Фетаи, да остане дел од Владата и ВЛЕН заедно со екс министерот Азир Алиу и други високи функционери на АА.
По оставката на пратеникот Сулејмани од Алијансата за Албанците, неговото пратеничко место во Собранието на Република Северна Македонија ѝ припаѓа на д-р Валбона Адили Емини од Кичево, која е дел од БЕСА на Билал Касами.
Според изборната листа, мандатот автоматски ѝ се доделува како следна кандидатка.
Д-р Адили Емини, која доаѓа од медицинската фела, се очекува да го продолжи пратеничкиот мандат во рамките на коалицијата ВЛЕН. Нејзиното именување е поздравено од поддржувачи кои ја опишуваат како „глас кој ќе ги застапува достоинствено интересите на граѓаните на Републиката“.
.