Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, изјави дека лично документирала обид за нелегално поврзување на атмосферската канализација во општина Сарај и дека по инцидентот добила закани, додека полицијата, според неа, одбила да реагира.
„Во живо го документирав нелегалното поврзување. Кога се обидов случајот да го пријавам во МВР, ми спуштија телефон. Подоцна добив и закани од одредени лица,“ рече Арсовска во изјава до јавноста.
Арсовска објави видеоснимка од инцидентот преку социјалните мрежи и повика институциите итно да преземат мерки против сторителите, кои, како што тврди, се јасно идентификувани.
Градоначалничката претходно пријави сериозни закани по нејзиниот живот во контекст на кампањата што ја води против дивоградбите и урбанистичките прекршувања во главниот град.