32.8 C
Скопје
16 јуни, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Го критикуваат Скопје за она што сами го прават – лобираат

Европскиот парламент или кој било друг парламент во светот не е научна институција која ќе дава оценки за нечиј многувековен идентитет, критикува бугарскиот европратеник Андреј Ковачев.

Лидерот на владејачката ГЕРБ, Бојко Борисов, разговарал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и со колеги во Европската народна партија, а бугарски европратеници подготвуваат одговор против наративот за многувековен посебен македонски идентитет и јазик кој се спомнува на неколку места во нацрт извештајот на Европскиот парламент за напредокот на Македонија. Неколку дена пред неговото гласање (4-ти јуни), бугарското Народно собрание ја засили позицијата на Софија со едногласно поддржана резолуција (предложена од партијата Има таков народ – ИТН), во која се реафирмира ставот дека Бугарија останува целосно посветена на европскиот консензус од јули 2022 година, и ги повикува властите во Македонија строго да ги спроведуваат обврските што ги презеле.

Живковизмот живее

Македонскиот премиер Христијан Мицкоски вчера посочи дека има обид од бугарска страна да се изменат формулациите во нацрт-извештајот на ЕП.

„Она што повеќе ме загрижува е обидот на еден европратеник кој што доаѓа од владејачката ГЕРБ да вметне амандман во кој што македонскиот идентитет ќе го дефинира како ‘present’ на англиски или сегашен, со што јасно ја вади на површина политика на живковизмот која што, за жал, сѐ уште е жива кај политичарите во Софија“, рече вчера Мицкоски.

Андреј Ковачев, кој е европратеник од ГЕРБ, во јавен настап деновиве потенцираше дека Македонија „губи време“ со тоа што преку лобирање во Европскиот парламент бара да се признае нејзиниот многувековен македонски идентитет јазик и културно наследство.

„Европскиот парламент или кој било друг парламент во светот не е научна институција која ќе дава оценки“, рече Ковачев за БНТ.

Посочи дека со Договорот за пријателство, доброседство и соработка меѓу двете земји од 2017 година е формирана соодветна комисија (историската) која на научна основа треба да се занимава со тие прашања. И изјави дека Бугарија нема никакво вето кон Македонија.

„Ние ништо не блокираме. Тие (Македонија, н.з.) не го исполнуваат европскиот консензус од 2022 година“, изјави Ковачев, наведувајќи дека тој консензус мора да се почитува, без оглед што владите се менуваат. Притоа го повика премиерот Мицкоски да работи на она што земјата го усвоила.

Андреј Ковачев

Ковачев: Европскиот парламент или кој било друг парламент во светот не е научна институција која ќе дава оценки Фотографија: EP/S. Pirlet

Целосен консензус

За разлика од Македонија, каде дел од партиите кои го прифатија францускиот предлог повеќе имаат разбирање за бугарската позиција, во Софија и најжестоките опоненти се едногласни во одбрана на бугарскиот национален интерес. Поранешниот бугарски премиер, Кирил Петков, едногласноста за резолуцијата ја опиша како морална победа на нивните политики.

„Три години подоцна, наместо ИТН да извикува ‘Македонија, Македонија’, тие од говорницата читаа реафирмација на францускиот предлог. Навистина имавме целосен консензус во салата. Конечно сите разбраа дека единствениот начин да се заштитат интересите на Бугарите во Македонија е кога бугарската позиција се совпаѓа со европската. Самата Каја Калас гласаше за францускиот предлог. Кога бев премиер, таа седеше до мене. Оваа позиција е силна, нема повлекување”, изјави Петков.

Поранешниот премиер Бојко Борисов повика на почитување на преземените обврски.

„Имаме Договор за добрососедство, таканаречен ‘француски предлог’ и инсистираме сите да го почитуваат Договорот за добрососедство. Разните провокации што се прават, не се во ничиј интерес“, рече Борисов, додавајќи дека на темата разговарал со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, со Манфред Вебер и со други колеги од Европската народна партија.

Георгиев: Постои само еден план

На прашањето – дали Бугарија ќе стави вето доколку разговорите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски со европските партнери доведат до почеток на преговорите за членство на РСМ, но пред Бугарите да бидат вклучени во македонскиот устав, шефот на бугарската дипломатија Георг Георгиев го реафирмираше ставот дека не постои план Б.

„Од сите разговори што ги имав до овој момент, вклучително и со мојот австриски колега, нема никаква најава, туку напротив – ги слушнавте и Антонио Кошта и Каја Калас, кои рекоа дека нема план Б. Постои само еден план –  промена на уставот и исполнување на кластерските критериуми со цел процесот да се движи напред (…) И Кошта и Калас знаат дека правилата постојат за да се почитуваат“,  потенцира Георгиев.

Тој повтори дека Бугарија нема да отстапи од тој факт.

„Бугарија нема билатерално прашање. Ако Скопјe има нешто да изрази како барање, тоа мора да се случи пред Брисел“, порача бугарскиот министер по усвојувањето на резолуцијата во Народното собрание.

Во неа се повикуваат меѓународните организации строго да го следат спроведувањето на највисоките стандарди во областа на заштитата на човековите права во Македонија, а институциите на ЕУ да продолжат со напорите за гарантирање на правата на Бугарите, како и на другите заедници, вклучително и нивното право да го зачуваат и развиваат своето културно и историско наследство, јазик и идентитет.

„Бугарското собрание очекува, во спроведување на европскиот консензус од 2022 година, Република Северна Македонија да развие и презентира акциски План за дејствување за заштита на правата на луѓето кои припаѓаат на малцинства или заедници, кој ќе го придружува Патоказ за владеење на правото. Овој план, чие исполнување ќе се следи во текот на целиот процес на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, треба да содржи јасни, мерливи и ефикасни мерки за заштита на човековите права на ранливите групи во општеството на Република Северна Македонија“, се наведува во резолуцијата.

ВМРО-ДПМНЕ: Пендаровски храбро молчеше 5 години

Минатата недела во интервју за ДВ, поранешниот претседател на државата, Стево Пендаровски, ја критикуваше надворешната политика на Владата, оценувајќи дека таа нема намера да оди кон ЕУ под овие услови.

„Ние сме прв случај во историјата на европските интеграции која од позиција на кандидат за членство поставува услови кон земја – членка на ЕУ… Бугарија да признае 14 пресуди од Стразбур, да признае постоење на македонско малцинство и.т.н. Сите тие пораки се наменети за домашната публика. Оваа влада нема никаква намера да менува Устав, да ги става Бугарите или да оди кон Европа. А тоа е единствен услов“, рече Пендаровски.

„Наместо да се соочи со катастрофалните последици од неговото неработење, Пендаровски се обидува да дели лекции за државност, интеграции и политика”, наведе во реакцијата ВМРО-ДПМНЕ.

„Да потсетиме: Токму тој беше човекот што 5 години храбро ја одмолче секоја неправда и скандал на власта на СДС и ДУИ. Молчеше кога Бугарија го блокираше патот на Македонија. Молчеше кога неговите ментори во Владата ги менуваа учебниците, се откажуваа од историјата и преговараа за идентитетот. Го немаше никаде кога граѓаните бараа правда, кога Македонија тонеше во корупција, сиромаштија и понижувања на двоецот Заев-Ахмети. Пендаровски беше и остана гласноговорник на тивката капитулација“, наведе ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму потенцираат дека Македонија нема да чека нови уценувања за да стане членка на ЕУ.

„Владата предводена од Христијан Мицкоски е подготвена за реформски процеси, но не и за капитулација. За разлика од Пендаровски, кој молчеше и климаше со глава додека ја кршеа Македонија, денешното раководство зборува јасно, гласно и во интерес на граѓаните. Како тоа одиме кон ‘недемократски држави’ – како што вели Пендаровски – а склучуваме стратешки партнерства со Велика Британија и имаме редовни средби со највисоки претставници на САД, меѓу кои последната беше пред два дена со сенаторот Марко Рубио? Критиката на Пендаровски е или злонамерна или резултат на целосна неинформираност“, оцени партијата. /DW

Related posts

Габриел: Не се само уставните измени

admin

Бајден: Нетанјаху мора да се промени, Израел ја губи глобалната поддршка

admin

Емитувањето на „Русија денес“ во Босна и Херцеговина дополнително ја усложнува политичката ситуација

admin

Мајски одговор за Мајскиот договор

admin

Што не очекува во 2024 година?

admin

Таравари: На ДУИ и треба ветинг, но треба да го спроведат меѓународни експерти

admin