Политичките партии во Северна Македонија ги забрзуваат подготовките за локалните избори што ќе се одржат наесен, при што контурите на коалициските стратегии и кандидатските листи стануваат сè појасни.
Во ВМРО-ДПМНЕ, дел од кандидатите веќе се објавени, а според партиски извори, кандидатот за Град Скопје ќе биде познат до средината на јули. Како потенцијални имиња се споменуваат актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, и министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
Владејачката партија ЗНАМ потврди дека ќе настапи самостојно на изборите, со сопствени кандидатски листи и имиња за градоначалници. Сепак, од партијата информираат дека се во напредни преговори со владејачката ВМРО-ДПМНЕ за заемна поддршка на одредени кандидати.
„Во општините каде што ќе имаме кандидат за градоначалник, тој ќе биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, која таму нема да предложи свој кандидат. Разговорите се во завршна фаза“, изјави Никола Мемов, портпарол на ЗНАМ.
Од ЗНАМ најавуваат кандидатури и за скопски Центар, додека се очекува претседателот на партијата, Максим Димитриевски, повторно да се кандидира за Куманово.
Од СДСМ, пак, соопштија дека нема да кандидираат градоначалници во седум општини со мнозинско албанско население – Сарај, Чаир, Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и Желино – туку ќе настапат само со советнички листи. Не е прецизирано дали и кого ќе поддржат во овие општини.
„Одлучивме, врз основа на анализи и претходни искуства, да ги насочиме ресурсите кон советничките листи, во координација со општинските организации“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Партијата, предводена од Венко Филипче, досега објави 19 кандидатури, меѓу кои и актуелни градоначалници на општините Центар, Крушево, Чучер Сандево, Берово, Росоман и Крива Паланка.
ВРЕДИ наспроти “Национален фронт”
Албанскиот блок, исто така, се престројува пред изборите. Коалицијата ВРЕДИ го отвори централниот изборен штаб на плоштадот Скендербег во Скопје, но сè уште не ги објави кандидатите за градоначалници.
„Ова не се обични локални избори, туку избори за враќање на достоинството на општините“, изјави Биљал Касами од ВРЕДИ. Изет Меџити додаде дека обединувањето на албанските партии создава реална конкуренција, а не расцепување на гласовите.
Од ДУИ најавија проширување на коалицијата „Европски фронт“ во поширока структура со можност да биде преименувана во „Национален фронт“. Али Ахмети, лидерот на партијата, изјави дека постојат разговори со албанскиот опозициски блок, вклучително и со Арбен Таравари, за можна заедничка платформа.
„Прашањето не е дали Таравари ќе се приклучи, туку како ќе се координираат активностите“, рече Ахмети. Тој повторно повика за одржување парламентарни избори заедно со локалните, наведувајќи дека очекува позитивен развој во таа насока.
ВМРО-ДПМНЕ: Заев му ги наметна кандидатите на Филипче
Во меѓувреме, ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваше СДСМ за предложените кандидати, обвинувајќи дека се наметнати од поранешниот премиер Зоран Заев и дека ќе донесат пораз за партијата.
„Ниту еден кредибилен кандидат, ниту еден кадар што претставува додадена вредност. Заев му ги наметна на Филипче, со што СДСМ оди кон сигурен пораз“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.