27.8 C
Скопје
14 јуни, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Коридорите како игра на брзи политички прсти

Иницијалниот проект за брза пруга од Гевгелија до Табановце треба да биде испратен во Владата. Во соседството се дискутира за проекти кои значат железничка и патна алтернатива на Коридорот 10.

Владата треба да го формира Координативно тело за реализација на Договорот меѓу Македонија и Велика Британија во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти. Како што минатата недела најави вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, до вторник (10.6) треба да биде подготвен првиот иницијален проект – брзата пруга од Гевгелија до Табановце, кој е еден од двата „приоритетни проекти за почетен напредок“, како што се наречени во Анексот А од споменатиот Договор.

Врз основа на писмо кое домашното Министерство за транспорт треба да го достави до Владата, таа треба да го задолжи Министерството за финансии да обезбеди финансирање на проектот. Потоа Министерството за финансии низ транспарентен процес треба да испрати барање за финансирање до сите релевантни меѓународни финансиски институции и тие да се натреваруваат меѓу себе кој ќе понуди најдобри услови за финансирање. По изборот на финансиер на проектот, ќе се влезе во реализација на проектот, со избор на изведувач преку домашниот Закон за јавни набавки.

„Тоа не е договор во четири очи, но не е ни класичен тендер, каде може кој било да се јави. Мора да се постават јасни критуриуми кој може да учествува бидејќи проектот мора да биде завршен и мора да бидеме сериозни за да не ни се случи Охрид – Кичево или нешто слично. Тоа би бил конкурентен дијалог со компании кои ги исполнуваат условите, при поставени соодветни критериуми“, објасни Николоски.

Пругата од Гевгелија до Табановце, е дел од Коридорот 10, и се смета за значајна транспортна предност на Македонија. Доколку земјата ја постигне целта преземена со планот за раст – 327 илјади тони превезена роба по километар, во таков случај само од транзит треба да добива од 100 до 120 милиони евра годишно, што значи дека инвестицијата во пругата ќе се врати.

Кој сака да нѐ заобиколи?

Додека Македонија се обидува што побрзо да влезе во реализација на овој железнички проект кој од оската Север-Југ, во соседството се разгледуваат предлози кои практично ќе значат железничка и патна алтернатива на Коридорот 10. Бугарија, Грција и Романија почнаа разговори за тоа уште на почетокот на годината, а минатата недела ги интензивираа во Брисел.

„Бугарија, Грција и Романија заеднички ќе градат три транспортни правци по должината на оската Север-Југ“, соопшти бугарското Мининистерство за транспорт. Ресорниот министер Гроздан Караџов учествувал на состанок во Брисел заедно со европскиот комесар за одржлив транспорт и туризам, Апостолос Џиџикостас, грчкиот министер за инфраструктура и транспорт, Христос Димас, и со државниот секретар на романското Министерството за транспорт, Јонуц Савоју.

„Почнуваме важен трилатерален дијалог меѓу Бугарија, Романија и Грција, што е основа за спроведување на проекти долж европскиот транспортен коридор „Балтичко Море-Црно Море-Егејско Море“, изјавил европскиот комесар Џиџикостас.

Според соопштението на бугарското министерство, Џиџикостас го презентирал нацрт-меморандум за соработка меѓу трите земји. Целта била да се изготви патоказ и јасен акциски план со конкретни проекти, а меморандумот да се потпише пред крајот на годината. Планирано е финансирањето на овие проекти да се спроведе со европски средства во рамките на различните механизми на ЕУ, а земјите треба да бараат и други дополнителни финансиски извори.

Македонија е државата каде се сечат Кориодорот 8 и Коридорот 10. Конкуренцијата за вториот се смета за една од најстарите конкуренции на Балканот. И додека Софија постојано укажува на важноста од оската Запад – Исток (Коридорот 8), во пракса повеќе активности прикажува за оска Север- Југ, се разбира, низ нејзина територија.

Зборови без дела

Тоа што во моментов не се работи на железничкиот дел од Коридорот 8 низ Бугарија, не е пречка критиките од Софија да бидат испорачувани на сметка на Скопје, најчесто без основа. За илустрација, и во Договорот меѓу Македонија и Велика Британија за реализација на инфраструктурни проекти, вториот приоритетен проект е токму „Програма за развој на транспортниот Коридор 8″.

Откако Црно Море во последните години стана зона на конфликт поради војната во Украина, Коридорот 8 се смета и за важна клучна логистичка рута за јужното крило на НАТО.

Дискусија за Коридорот 8, кој треба да го поврзе Црното Море со Јадранското Море и поминува низ Албанија, Македонија и Бугарија, се водела и на вчерашниот форум во Ќустендил, посветен на клучни патни проекти во Југозападна Бугарија, организиран од локалната филијала на Бугарската стопанска комора во партнерство со Кластерот за зелен транспорт.

„Северна Македонија е поврзувачката алка за имплементација на Коридорот број 8, но ги фокусираше сите свои напори на Коридорот број 10, кој ја поврзува Грција со Србија”, изјавил Кирил Добрев, претседател на парламентарната комисија за транспорт.

„Тој рече дека се врши политички притисок врз владата на Северна Македонија преку германскиот амбасадор за изградба на железничкиот коридор кон Бугарија. Кирил Добрев тврди дека Албанија постигнала напредок со изградбата на нејзиниот дел, но меѓународна новинарска истрага покажува дека Албанија практично ништо не прави за модернизација на својата железничка инфраструктура, која останува споменик од комунистичката ера. Иако со бавно темпо, Северна Македонија ја модернизира својата железничка линија кон Бугарија и го проширува патот низ Крива Паланка до Ѓуешево”, објави бугарски „Медиапул“.

Медиумот потсетува дека Бугарија ја одложила модернизацијата на железничката линија Софија – Перник – Радомир, која е електрифицирана, но дека воопшто не се зборувало за железничката линија Радомир – Ќустендил – Ѓуешево, која не е електрифицирана и возовите моментално се движат со брзина од 30 км/ч.

Исто така не е изградена ни пруга во должина од околу 2,5 километри од последното бугарско село Ѓуешево до границата со Македонија. Во исто време, Албанија е земјата каде што работата на Коридорот број 8 е најзадоцнета. /DW

Related posts

Заев за ТВ 24: Не е точно дека сум имал тајни средби со Груевски и Ахмети за КЗ

admin

Со пари за меѓуетничка интеграција – приредба за УЧК

admin

Мировната дипломатија на Трамп погодена од израелскиот напад врз Иран

admin

Како ќе се определи Алијанса – за промени или како досега?

admin

Руската војска нема да купува оброци од фирмата на Пригожин

admin

Западот нè напушта? Пендаровски предупредува на опасен надворешнополитички курс!

admin