Во последните часови беа регистрирани повеќе експлозии во центарот на иранската престолнина, при што израелските воздушни сили го нападнаа седиштето на државната телевизија IRIB, јавија иранските медиуми.
Видео снимка го прикажува моментот на нападот додека новинарка известуваше во живо. Во кадар се гледа силна експлозија, по што студиото се исполнува со чад, а новинарката успева да се евакуира на време.
Израелските одбранбени сили (IDF) претходно издадоа предупредување за евакуација на областа каде што се наоѓа централната зграда на IRIB во Техеран. Министерот за одбрана на Израел, Израел Кац, изјави: „Мегафонот на иранската пропаганда и поттикнување оди кон уништување.“
Исто така, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху упати апел до цивилите во Техеран да го напуштат градот, навестувајќи можни дополнителни удари.
Покрај нападот врз медиумскиот објект, израелските сили во текот на денот нападнаа и воена база во западниот дел на Техеран. Околу 16:40 часот, иранската новинска агенција Fars објави дека се активирани системите за противвоздушна одбрана.
Иранските медиуми известуваат за повеќе експлозии во западните и источните делови на градот, додека илјадници жители го напуштаат Техеран поради страв од нови и поинтензивни израелски напади. Ова се случува на четвртиот ден од директните судири меѓу двете земји.
Во меѓувреме, според Wall Street Journal и официјални извори, Иран испратил итни пораки до Израел и САД преку арапски посредници, повикувајќи на почеток на преговори за прекин на конфликтот.