24.8 C
Скопје
9 јули, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Радев: Со Македонија немаме нерешени билатерални односи

Сиљановска предупреди дека сериозна препрека е билатерализацијата на интегративниот процес од самите балкански соседи. Радев негира такво нешто од страна на Софија.

Не станува збор за нерешени билатерални односи, не станува збор за наметнување вето или за запирање на процесот на интеграција, туку за внатрешни предизвици кои се поврзани со човековите права во Република Северна Македонија. Ова го изјави бугарскиот претседател Румен Радев во Тирана, на заедничка прес-конференција со претседателите на Албанија и Македонија, држави коишто се претходен, актуелен и иден претседавач со Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

На состанокот на шефовите на држави и влади учесници во оваа иницијатива за регионална соработка, претседателката на Македонија,  Гордана Сиљановска Давкова,  нагласила дека е особено важна одговорноста на земјите членки од регионот коишто треба да бидат двигатели на проширувањето, а не  извор на блокади што го поткопуваат кредибилитетот на Унијата. Според неа, уште посериозна препрека е билатерализацијата на интегративниот процес од самите балкански соседи, преку злоупотреба на правото на вето, идентитетски условувања и историски ревизионизам.

„Овие постапки не само што го забавуваат  процесот на евроинтеграцијата,  туку и ги засилуваат стереотипите дека Балканот не е подготвен за Европа. Кандидатите за членство сѐ почесто се соочуваат со опструкции поради билатерални прашања. Наместо европеизација на Балканот – сведоци сме на опасен тренд на балканизација на  Европската Унија и тоа мора да се смени за доброто на сите“, порачала Сиљановска.

Радев чувствувал разочарување кај Сиљановска

Радев на заедничката прес-конференција со Сиљановска и албанскиот претседател, Бајрам Бегај, одговори на ставовите на македонската претседателка.

„Чувствувам нотка на разочарување од она што го кажа претседателката Сиљановска за извесниот застој во процесот на европска интеграција на нејзината земја. Но тука не станува збор за нерешени билатерални односи. Не станува збор за наметнување вето или запирање на процесот и сопка од соседна земја. Напротив, на сите им е јасно дека во Европскиот консензус од 2022 година станува збор за внатрешни предизвици кои се поврзани со човековите права во Република Северна Македонија“, изјави Радев.

Тој од албанскиот претседател Бајрам Бегај вчера го презеде ротирачкото претседателство со ПСЈИЕ, кое ќе трае од 1 јули 2025 година заклучно со 30 јуни 2026 година.

„Бугарија, како долгогодишна и одговорна членка на ЕУ и како претстоен ротирачки претседавач со ПСЈИЕ, ќе продолжи да биде конструктивен и одговорен партнер во постигнувањето заедничка иднина, што е во интерес на сите граѓани на нашиот регион. Не само што ќе надградиме сè што е постигнато досега, туку ќе се стремиме да бидеме конструктивни, со визија и со одговорност да работиме на решавање на сите предизвици пред нашиот регион, пред кои сите сме исправени“, изјави Радев.

Потенцира дека активната соработка ориентирана кон резултати е клучна за регионот да се развива како место на безбедност, стабилност и просперитет, а приоритетите на бугарското претседателство ќе бидат насочени кон забрзување на европската интеграција на земјите од регионот, врз основа на нивните заслуги.

„Како најблиска и пријателска земја,  Бугарија има огромна желба и пружа рака да биде од помош,  за да можат државното раководство на Република Северна Македонија и општеството многу побрзо да се справат со предизвиците и да ги спроведат Копенхашките критериуми за членство. Во тоа е смислата на нашата соработка. Една заедничка цел – сите земји во регионот да се приклучат и да станат членки на ЕУ“, изјавил Радев, како што соопшти прес-службата на бугарскиот претседател.

Рационални решенија и црвена линија

И покрај вербалните уверувања во добри намери и конструктивност на официјална Софија, неизвесно е дали ќе има средба на претставниците на Македонија и Бугарија на Самитот на НАТО во Хаг, кон крајот на месецов. Шефот на македонската дипломатија,  Тимчо Муцунски,  на вчерашната прес-конференција изјави дека сѐ уште не може ништо да се потврди околу иницијативата за средба на македонската претседателка со бугарскиот премиер Росен Жељазков, на тој самит.

Маж (Тимчо Муцунски) стои на пулт пред микрофон покрај македонското знаме
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Наше е да нудиме решенија, но наше е и да ставиме една јасна црвена линија – дека по однос на одредени прашања македонските граѓани и нашата Влада не се подготвени да преговараат и разговараат. По однос на редефинирање на нашиот идентитет, по однос на прашања од историска природа, по однос на прашања со другите идентитетски атрибути на македонскиот народ, за такви прашања не сме подготвени да разговараме. Но,  подготвени сме за изнаоѓање на рационални решенија во рамките на европските вредности  и секаде онаму каде што има волја, може да се најде соодветен пат“, рече Муцунски.

Тој информира дека има тековна комуникација со сите земји-членки на ЕУ, со фокус на Европската комисија и Европскиот парламент, а колку што е можно да има и соодветни канали на комуникација со  Бугарија.

„Не велиме дека ќе биде лесно, но сметаме дека доколку

имаме принципиелни позиции, доколку имаме јасен став, доколку Бугарија развие свест за геополитичките случувања – ќе има разбирање и во Софија дека треба што побрзо да се откочи овој процес”, оцени Муцунски.

Поддршка за Тирана и честитки за пописот

И додека Македонија е во очекување на импулс за деблокирање на нејзиниот евроинтегративен процес, Радев во Тирана ја истакна бугарската поддршка за европската интеграција на  Албанија.

„Бугарија ќе продолжи да ја поддржува европската интеграција на Албанија, што докажува дека може успешно да спроведува реформи заради европската иднина на регионот“, изјавил тој на средбата со албанскиот колега.

Притоа му честитал за добро спроведениот попис во Албанија.

„Шефот на бугарската држава му честиташе на својот албански колега за пописот на населението во Албанија во 2023 година, спроведен во согласност со највисоките европски стандарди, и за условите што ги обезбедуваат албанските институции за зачувување на јазикот, традициите и почитување на правата на бугарското национално малцинство во земјата. Отворањето на бугарски културен институт во Албанија и на албански културен институт во Бугарија беше посочено како важен чекор за кој двете земји треба да работат со цел уште поголемо продлабочување на билатералното партнерство меѓу Бугарија и Албанија“, соопшти прес-службата на бугарскиот претседател.

Заеднички интерес – Коридорот 8

Радев на заедничката прес-конференција со претседателите на Албанија и Македонија оцени дека таа има важна симболика, бидејќи станува збор за три земји на стратешкиот  транспортен Коридор 8.

„Неговата изградба е од витално значење не само за развојот на нашите економии и конкурентност, туку и за нашата безбедност. Убеден сум дека нема да жалиме сили тој коридор на соработка, на дружба и пријателство, да биде завршен во најкратки можни рокови“, порача Радев.

Автомобили возат по автопат
Транспортниот коридор 8 – заедничка цел на трите соседиФотографија: Elona Elezi/DW

Додека Албанија е земјата каде што работата на Коридорот број 8 е најзадоцнета, Северна Македонија работи на железничка линија кон Бугарија. Исто така во Договорот меѓу Македонија и Велика Британија за реализација на инфраструктурни проекти, вториот приоритетен проект е „Програма за развој на транспортниот Коридор 8″. Бугарија, пак, во тој сегмент ја одложи модернизацијата на железничката линија Софија – Перник – Радомир, а засега не се зборува ни за модернизација на железничката линија Радомир – Ќустендил – Ѓуешево, каде возовите се движат со брзина од 30 км/ч. Исто така не е изградена ни пруга во должина од околу 2,5 километри од последното бугарско село Ѓуешево до границата со  Македонија. /DW

Related posts

Албанија може да не ги продолжи преговорите, Грција ја постави првата бариера

admin

Анализираат и стручни и нестручни лица! Колку долго ќе трае реконструкцијата на мостот „Беласица“?

admin

Пендаровски: Со Радев не може да се водат преговори, тој е аркитектот на бугарската блокада

admin

Абдулменаф Беџети: Далеку сме од ЕУ стандардите во високото образование

admin

ВМРО-ДПМНЕ: Макрон ги потврди нашите ставови

admin

Ахмети му враќа на Меџити: ДУИ беше, е и ќе остане авангарда на националното прашање

admin