Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, изјави дека Самитот на НАТО во Хаг ќе остане запаметен по единството и заедничката решеност на земјите членки да се насочат кон период на мир и стабилност.
„Ги претставив ставовите на Северна Македонија и потенцирав дека, иако сме мала земја, делуваме како кредибилен партнер во Алијансата“, изјави Сиљановска-Давкова.
Таа истакна дека земјата издвојува 2% од БДП за одбраната, со план за постепено зголемување, нагласувајќи дека е важно да се води сметка и за фискалната одржливост.
„Повеќе би сакала да вложуваме во образование и наука, но кога сте дел од заедница со заеднички вредности, потребно е да ги почитувате и заедничките одлуки“, додаде таа, повикувајќи на „збогум на оружјето“ и на неопходноста од траен мир.
Изјавата доаѓа откако НАТО со консензус договори зголемување на трошоците за одбрана на 5% од БДП до 2035 година.
Сиљановска-Давкова, која ја предводи македонската делегација заедно со министрите Тимчо Муцунски (надворешни работи) и Владо Мисајловски (одбрана), ги искористила средбите со челници на НАТО и за да апелира за деблокирање на евроинтеграциите на земјата.
„Ги истакнав аргументите за проширување на ЕУ, но и нашата географска и културна припадност кон Европа, како и безбедносниот импакт за целиот регион“, рече таа.
Во врска со средбата со бугарскиот премиер Росен Жељазков, Сиљановска-Давкова ја опиша како протоколарна и пријателска.
„Тоа беше културна и џентлменска средба, разменивме првични ставови. Не се водеше преговарачки дијалог“, изјави таа, додавајќи дека Скопје и Софија треба директно да разговараат, без посредство од европски лидери.
Коментирајќи го амандманот за додавање на зборот „модерен“ пред „македонски јазик“ во нацрт-извештајот на Европскиот парламент, Сиљановска-Давкова рече дека такви квалификации се „научно и политички проблематични“.
„Не постојат модерни и предмодерни нации надвор од уметноста. Сите нации, вклучувајќи ја и нашата, се формирале во 18. и 19. век“, рече таа.
Амандманот, предложен од германскиот европратеник Михаел Галер, не беше ставен на гласање откако шест европратеници се изјаснија против. Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) го усвои извештајот за Северна Македонија за 2023 и 2024 година.