Вицепремиерот и министер за животна средина, Изет Меџити, изјави дека се водат разговори со пратеници од Европскиот фронт за зајакнување на парламентарното мнозинство, но не прецизираше имиња.
„Има најави, се работи – се зголемува мнозинството“, рече Меџити во изјава за медиумите, одговарајќи на новинарско прашање со кого се разговара. „Ќе бидете известени – во принцип со пратеници од Европскиот фронт“, додаде тој. На прашањето дали се водат разговори со Мендух Тачи од ДПА, Меџити одговори: „Не исклучувам никој.“
Партиски извори од Алијансата за Албанците неофицијално демантираат дека има разговори со нивниот претседател Арбен Таравари и велат дека партијата останува во редовите на Европскиот фронт.
Политички извори велат дека се преговара и со претседателот на ДПА, Мендух Тачи, кој досега не е дел од парламентарното мнозинство, но без официјална потврда од вицепремиерот.
По излегувањето на Таравари од владата, беше нарушено т.н. Бадентерово мнозинство – механизмот за заштита на етничките заедници, што предизвика блокада на неколку закони, меѓу кои и Законот за инспекторатот за употреба на јазиците.
Меџити рече дека проблемот со Бадентеровото мнозинство не е пречка, но сепак ја повика ДУИ и опозицијата да го поддржат законот, кој треба да овозможи исплата на платите на вработените во Инспекторатот, кои не примаат плата повеќе од пет месеци.
„Ги повикувам ДУИ и опозицијата да го изгласаат овој закон, да го решиме проблемот со платите. Во наредна фаза ќе работиме Инспекторатот за јазиците да премине под Агенцијата за јазиците, која сакаме да ја изедначиме со Агенцијата за храна“, рече Меџити.
Законот за Инспекторатот за јазиците останува заглавен во Собранието поради недостиг на потребното етничко мнозинство за негово усвојување.