24.8 C
Скопје
9 јули, 2025
Inbox7.mk
ВЕСТИНАСЛОВНАРЕПУБЛИКА

Јовановски: Независните кандидати ќе ја канализираат недовербата во партиите

Горјан Јовановски, независен советник во Советот на Град Скопје од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“, изјави дека независните кандидати имаат потенцијал да остварат подобри резултати на претстојните локални избори, користејќи го разочарувањето на граѓаните од традиционалните партии.

Во интервју за Радио Слободна Европа, тој оцени дека актуелниот предлог за повторно зголемување на бројот на потребни потписи за кандидатура претставува обид на политичките партии да ги истиснат независните од изборната трка.

„Видливо е здружувањето на големите партии против независните кандидати. И покрај тоа, ќе се кандидираме, дури и ако треба да собереме повеќе потписи. Намерата е да го искористиме гневот на граѓаните и да го претвориме во резултат“, рече Јовановски.

Според новиот предлог закон, за листа на советници во Град Скопје ќе бидат потребни 3.500 потписи, во споредба со досегашните 1.000. Уставниот суд претходно веќе го укина претходниот обид за зголемување на прагот, но партиите повторно иницираат измени, за кои Јовановски смета дека се спротивни на уставот.

„Контактиравме со институции, вклучувајќи го и претседателскиот кабинет. Очекуваме претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише законот ако биде изгласан, но знаеме дека по враќање од Собранието, таа ќе мора да го потпише ако повторно биде изгласан“, изјави тој.

Иницијативата „Зелен хуман град“ веќе го објави повикот „Мој кандидат“, преку кој жителите на Скопје можат да аплицираат за советничка листа. Досега, како што вели Јовановски, пристигнале десетина пријави.

„Сакаме да охрабриме граѓани што се плашат од политичко ангажирање. Политиката не треба да се избегнува – таа е граѓанска обврска“, додава тој.

Во врска со евентуален кандидат за градоначалник, Јовановски рече дека одлуката сè уште не е донесена, но изрази подготвеност да соработуваат со други независни групи низ земјата.

Во сегашниот состав на Советот, „Зелен хуман град“ има двајца од вкупно 45 советници. Сепак, Јовановски вели дека и со мала бројка успеале да обезбедат транспарентност и влијание врз одредени одлуки.

„Советот не објавуваше дневни редови, гласови, седници. Ние ги објавуваме преку веб-платформата mojgrad.mk. Секое гласање е достапно на јавноста“, рече тој.

Во однос на аерозагадувањето, Јовановски тврди дека градската власт не презела суштински мерки и ја обвини за политичко шоу, наместо реални чекори.

„Предложивме буџетски амандмани, мерки на краток и долг рок. Ништо не беше имплементирано. Скопје остана без ГУП од 2022 година. Тоа е недозволиво“, изјави Јовановски.

Тој го критикува и градскиот пристап кон урбанизмот и дивоградбите, алудирајќи на недостаток од конзистентност и селективност во акциите.

„Добро е што се откриваат дивоградби, но потребна е континуирана борба. Не само во Чаир, туку низ цел Скопје“, рече тој.

На прашањето за претстојните избори, Јовановски рече дека очекува подобри резултати од 2021 година, кога нивната иницијатива освои над 55.000 гласови и влезе во 33 совети низ државата.

„Останавме независни, не коалициравме со партии. Верувам дека граѓаните ќе препознаат искрен ангажман“, вели тој.

Во врска со бројот на советници во новиот состав, Јовановски вели дека би сакал „и 45“ да имаат, но дека тоа ќе зависи од волјата на граѓаните и подготвеноста да се отстапи од рециклирањето на истите политички елити.

 

 

 

Related posts

Ковачевски почнува разговори за широк Европски фронт

admin

Агелер: САД внимателно ги следат интерпелациите за Судскиот совет во Северна Македонија

admin

СЕКОЕ ПАТУВАЊЕ, КОЛКУ ДА Е ДОЛГО, ИМА И КРАЈ

admin

Порака од Атина: Меѓународното право не е селективен процес

admin

Расте притисокот на САД кон Курти, Ховениер: Нашите барања се легитимни

admin

Бајден го повика Западот да ја одржи поддршката за Украина

admin