Генералниот секретар на Советот за регионална соработка (СРС), Амер Капетановиќ, се сретна со заменик генералната секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, на маргините на Дубровничкиот форум, повторно потврдувајќи ја заложбата на организацијата за унапредување на европската и евроатлантската интеграција на Југоисточна Европа.
Средбата се фокусираше на зајакнување на регионалната соработка и заедничкото справување со безбедносни предизвици, вклучително хибридни закани, кризни ситуации и институционална отпорност.
„Безбедноста и стабилноста се предуслов за развојот на регионот. Ќе продолжиме да работиме со сите наши партнери, меѓу кои и НАТО, за поддршка на реформите и градење доверба,“ изјави Капетановиќ.
Тој презентираше податоци од анкетата SecuriMeter, регионално истражување што ги мери перцепциите на граѓаните за безбедносните прашања, според кои ЕУ и НАТО се меѓу најдоверливите организации во регионот.
Шекеринска ја поздрави улогата на СРС како значаен партнер во јакнењето на регионалната стабилност и ја потврди посветеноста на НАТО за поддршка на заедничките напори за безбеден и отпорен Западен Балкан.
Капетановиќ најави дека во ноември СРС ќе биде домаќин на најголемиот регионален безбедносен собир, неформално познат како „Jumbo Security“, кој ќе ги обедини носителите на политики, експертите и партнерите за зајакнување на регионалната соработка и отпорноста.

