26.8 C
Скопје
29 август, 2026
Inbox7.mk
ВЕСТИЕКОНОМИЈАНАСЛОВНАСВЕТ

Историски договор меѓу САД и ЕУ: Кој добива а кој губи?

Претседателот на САД, Доналд Трамп, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, постигнаа договор за нов трговски аранжман меѓу САД и Европската Унија, кој предвидува унифицирана царина од 15% за најголемиот дел од европските производи што се извезуваат во Америка. Договорот, објавен во неделата вечерта по средбата на двајцата лидери на голф-одморалиштето Трнбери во Шкотска, се оценува како голем дипломатски маневар што избегна ескалација на трговската војна, но предизвика поделени реакции низ Европа.

 

Состанокот се одржа само неколку часа пред планираната средба меѓу Трамп и британскиот премиер Кер Стармер, кој ќе се приклучи на американскиот претседател во Ајршајр за разговори што се очекува да го опфатат и Блискиот Исток, со посебен фокус на ситуацијата во Појасот Газа.

15% наместо 30% – привремено олеснување за ЕУ

Договорената стапка од 15% ја преполовува првичната закана на Трамп за 30% царини и претставува, според аналитичарите, компромис што му овозможува на Вашингтон да прибере околу 90 милијарди долари годишно, според податоци од минатогодишната трговија. Одредени производи, како авионски делови, некои хемикалии и делови од земјоделството, ќе бидат исклучени од царините.

„Ова е најголемиот договор што некогаш сум го склучил“, изјави Трамп. Фон дер Лајен, пак, го оцени договорот како чекор кон „стабилност и предвидливост за граѓаните и компаниите од двете страни на Атлантикот.“

Сепак, не сите членки на ЕУ го делат ентузијазмот.

Франција и Унгарија со остри критики

Францускиот премиер Франсоа Бајру го нарече денот на договорот „тажен“, оценувајќи го како „чекор на покорување“. Министерот за Европа, Бенжамин Адад, изјави дека договорот е „небалансиран“ и дека САД применуваат „економска принуда“.

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, во подкаст коментар рече дека „Трамп ја јадеше фон дер Лајен за појадок“. Според него, овој договор е полош од оној што САД го постигнаа со Обединетото Кралство во мај, кој предвидува 10% царина за британските стоки.

Италија, Германија и Ирска повикуваат на внимателност

Италијанската премиерка Џорџа Мелони оцени дека договорот е „позитивен“, но додаде дека „деталите се важни“ и предупреди дека одделни сектори би можеле да бидат особено погодени.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека „единството на ЕУ се исплатело“ и дека договорот избегнал трговска војна што би можела да ја погоди извозно ориентираната германска економија.

Премиерот на Ирска, Микал Мартин, изјави дека договорот ќе помогне во заштита на илјадници работни места, иако трговијата „ќе биде поскапа и потешка“.

Автомобилите, фармацијата и челикот под удар

Европските автомобили, фармацевтски производи и полупроводници ќе подлежат на 15% царина при влез во САД, потврди извор од Белата куќа. Претходно, Трамп сугерираше дека фармацевтските производи ќе бидат исклучени – што не се оствари, иако станува збор за најголемата категорија на извоз на ЕУ кон САД.

Истовремено, 50% глобална царина за челик и алуминиум останува на сила.

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс изјави дека „европските медиуми се восхитени од договорот“, додека аналитичарите предупредуваат дека „деталите ќе бидат клучни“.

САД добиваат пристап до европските пазари и нови правила

Договорот вклучува и обврска на ЕУ да го прифати американскиот стандард за возила – со што ќе се овозможи директна продажба на американски автомобили на европскиот пазар. Покрај тоа, се најавуваат реформи во земјоделските прописи на ЕУ, со цел зголемување на увозот на американски земјоделски производи.

„Ова е предизвик, но ни отвора нови пазари“, изјави фон дер Лајен, додавајќи дека без договорот „ќе се соочевме со 30% царини од 1 август“.

Преговори во последен момент

Договорот дојде во последен момент, пред крајниот рок на 1 август, откако преговорите поминаа низ интензивни дипломатски игри. Според американските медиуми, ЕУ ветила и стотици милијарди долари инвестиции и енергетски набавки од САД – вклучително и замена на рускиот гас и нафта со американски течен природен гас, нуклеарно гориво и нафта.

Трамп со договори и со други земји

Овој договор е дел од поширока офанзива на САД за ревизија на трговските односи со низа партнери. Во последните месеци се потпишани договори со:

  • Обединетото Кралство – 10% царина на поголемиот дел од стоките
  • Виетнам – 20% на виетнамски производи
  • Индонезија – 19% на индонезиски стоки
  • Јапонија – 15% царина
  • Филипини – 19% на увоз, но американскиот извоз ќе биде ослободен

Следни преговори се очекуваат со Канада, Мексико и Кина. Според извор од Белата куќа, преговорите со Пекинг ќе продолжат утре во Стокхолм, со надеж дека ќе се суспендираат царините за редки метали.

 

 

Related posts

По шпекулациите за Меидани, Албанија испрати јасна порака

admin

ЕУ регистрирала над 40.500 случаи на рак поврзан со работната средина

admin

Договорот е блиску? Трамп најави пресврт што може да ја смири светската енергетска криза

admin

Голема акција против даночна мафија: Претреси низ цела Македонија, меѓу осомничените и вработени во УЈП

admin

Влада 2.0: Кои се победниците, а кои губитниците во најавената реконструкција?

admin

Обвинителството бара притвор за напаѓачот на градоначалничката Арсовска, Судот ќе одлучува

admin