Професионално здружение на инженери поднесе уставна иницијатива против паушалните сметки за електрична енергија во Северна Македонија, тврдејќи дека оваа практика го крши Законот за енергетика и ги изложува потрошувачите на неправедно задолжување и можност за исклучување од мрежата, пишува DW.
Здружението на инженери на Република Македонија (ИНРМ) до Уставниот суд достави иницијатива за укинување на членот 31 од Правилата за снабдување со електрична енергија и преиспитување на делови од членот 185 од новиот Закон за енергетика.
Според здружението, законот кој стапи во сила на 29 мај 2025 година предвидува фактурите за електрична енергија да се базираат исклучиво на реално отчитана потрошувачка, но дистрибутивната компанија ЕВН Македонија и понатаму издава сметки кои делумно се засноваат на проценета потрошувачка.
„Во фактурите постои графа ‘начин на кој е прочитано броилото: О = Отчитано; М = Проценета состојба’, што значи дека многу потрошувачи плаќаат струја врз основа на претпоставена, а не реална потрошувачка“, наведува здружението во иницијативата.
Правна несигурност
ИНРМ оценува дека ваквиот систем создава правна несигурност и ризик домаќинствата неправедно да бидат евидентирани како должници и исклучени од мрежата. Тие нагласуваат дека проценети сметки може да се издаваат само во случаи на техничка неисправност или оштетување на броилото.
„Секое друго отстапување – како недоаѓање на техничар, административни пропусти или организациски слабости – веќе не претставува дозволен основ за паушално фактурирање,“ стои во образложението.
Здружението бара Уставниот суд да го укине членот 31, а регулаторите да воведат построг надзор врз практиките на ЕВН.
Илјадници поплаки
Незадоволството на потрошувачите од сметките за струја расте со години. Во март годинава ИНРМ достави претставка и до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), барајќи измени во правилата за снабдување и спречување на неоправдани наплати.
Според податоците од почетокот на годината, само за еден месец до ЕВН Хоум пристигнале околу 15.000 барања за корекција на високите сметки за струја, но само мал дел од нив биле прифатени.
Домаќинствата имаат право да ја споредат фактурата со реалната состојба на броилото и да ја достават директно до ЕВН по е-пошта, или да побараат техничар за проверка. Законот обврзува компанијата на квартално отчитување и издавање потврда. Доколку потврдата недостасува, граѓаните имаат право на ревизија на сметката.
820.000 броила низ државата
Во Северна Македонија има околу 820.000 броила. Според законот, ЕВН Хоум е должно на секои три месеци да ги отчитува сите броила за да обезбеди точност во наплатата.
Уставниот суд во наредните месеци треба да одлучи дали иницијативата ги исполнува условите за разгледување. Доколку биде прифатена, предметот може да создаде преседан во заштитата на потрошувачите и регулацијата на комуналните услуги во земјата.

