Деведесет проценти од проблемите во студентскиот дом во Тетово кои беа нотирани во ревизорскиот извештај се решени, изјави министерката за образование, Весна Јаневска, но предупреди дека кујната сè уште нема вентилација и привремено ќе се обезбедува храна преку економски оператор.
„Има сериозни градежни проблеми кои бараат време за решавање. До тогаш, домот ќе продолжи да обезбедува храна согласно закон“, рече Јаневска.
Министерката исто така информираше дека се работи на други проблеми и нагласи дека се формирала база на податоци за студенти од „Шангајската листа“ кои студираат на врвни универзитети во светот. Таа појасни дека договорите за нивниот ангажман беа ревидирани за да бидат изводливи, со обврска студентите да бидат достапни за државата пет години по завршувањето на студиите.
„Некои студенти веќе се ангажирани и помагаат во институции како Заводот за статистика и различни проекти во земјата и странство“, рече Јаневска.
Таа исто така објасни дека се мапираат професори од земјата кои предаваат надвор од универзитетите, а кога базата ќе биде доволно пополнета, ќе биде објавена јавно за да се зголеми транспарентноста и довербата во институциите.
На прашање за малолетничкото насилство во Чаир, Јаневска рече дека иако инцидентите не се случуваат во училиштата, сите институции треба да работат на намалување на насилството. Таа додаде дека наставниците и родителите играат клучна улога во превенцијата и дека се развиени програми за меѓуетничко и меѓуврсничко разбирање.

